Клеменс Фуест
Кога се работи за економски раст, Европа веќе некое време заостанува зад другите две најголеми светски економии, САД и Кина. Оттука, не е никакво изненадување што релативната „тежина“ на Стариот Континент во однос на глобалната економија паѓа со забрзано темпо. Колку ранлива станува Унијата поради ова и што треба да направат европските лидери во врска со проблемот?
По падот на железната завеса во 1989 година, земјите што ја сочинуваат денешната ЕУ, плус Велика Британија, учествуваа со 28,8 отсто во целокупниот светски БДП (во однос на куповната моќ). Учеството на САД беше 22,2 отсто, додека Кина, со само 4 отсто, одвај можеше да се смета за економска сила.
Триесет години подоцна, ЕУ и Велика Британија учествуваат со 16 отсто во рамките на глобалното производство, незначително повеќе од САД со 15 отсто. Најголема промена има во кинеската позиција, Пекинг ги надмина своите западни „колеги“ со учество од 18,3 отсто.
Пандемијата на ковид-19 уште повеќе ќе ги забрза овие трендови. И покрај краткотрајната рецесија, САД се на добар пат веќе годинава да ги надминат нивоата на производство од периодот пред пандемијата. Она што е уште поимпресивно е фактот што економското производство на Кина во 2021 година би можело да биде дури за 10 отсто повисоко од она во 2019 година. Само како споредба, Европа може да се надева да се врати на претпандемиското производствено ниво најрано во 2022 година.
Многумина веќе стравуваат дека земјите-членки на ЕУ се принудени да прават ризични компромиси. На пример, кинеските инвеститори купуваат компании низ Европа, преземајќи истовремено и многу значаен дел од инфраструктурата, како на пример пристаништа во Белгија, Грција и во Шпанија. Германија беше обвинета дека е бавна во осудата на кинеското кршење на човековите права, очигледно обидувајќи се да ги заштити своите економски интереси.
Се разбира, на европската зависност од САД особено кога станува збор за безбедносни прашања се гледа помалку сериозно. Но како што даде на знаење поранешниот американски претседател Доналд Трамп, ова исто така носи со себе значителни ризици. И навистина, повиците за зголемување на европската „стратегиска економија“ стануваат сѐ погласни. Меѓутоа не се сите зависности еднакви; вистински проблематични се само оние што се еднострани. Утврдувањето која од овие економски зависности на ЕУ влегува во категоријата „еднострани“ ќе бара многу повнимателни анализи од досегашните.
За почеток, во меѓународната размена дали увозникот е зависен од извозникот или обратно? За стоките и услугите со високи фиксни трошоци за маржа, зависноста на продавачот од пристапот до пазарите е многу поголема одошто за оние со пониска маржа. Доколку стоката е есенцијална и тешко се добива на друго место, увозниците се позависни од снабдувањето од односната држава.
Така, во текот на 2020 година, ЕУ (без Велика Британија) увезе кинеска стока во вредност од 383 милијарди евра (468 милијарди долари) – повеќе отколку од која било друга земја – а извезе во Кина стока во вкупна вредност од 203 милијарди евра.
Не знаеме која од нив заработува повисоки маржи или може полесно да ги замени увезените стоки. Но обемот на меѓусебната трговија наведува на заклучокот дека постои значителна меѓузависност – секако доволна да обезбеди одредена заштита од агресивните трговски политики.
Имајќи предвид дека американските компании се доста зависни од европскиот пазар, САД не можеа да излезат како победници во трговската војна со ЕУ. Веројатно тука лежи и причината зошто Трамп не се реши да ја започне.
Генерално гледано, европските компании инвестираат многу повеќе во Кина одошто кинеските во Европа – и покрај построгите кинески регулативи. Најголемата загриженост, барем така се чини, се однесува на видовите инвестиции што во Европа ги реализираат кинеските компании.
Дали Европејците стануваат зависни од Кина, доколку нејзини инвеститори купат европска пристанишна компанија? Не нужно. Напротив, имајќи ја предвид виталната важност на пристанишните објекти, националната влада лесно би ги ставила под своја контрола, па дури и да им направи експропријација, доколку изгледа дека операторите не ја извршуваат добро својата должност во однос на управувањето со нив. Технолошките зависности отвораат и дополнителни прашања.
Како на пример, дали учеството на кинеските компании во изградбата на телекомуникациска инфраструктура (како што се 5Г-мрежите) креира сериозни ризици за ЕУ. И повторно одговорите не се црно-бели, затоа што може да зависат од фактори како што е политичкото влијание, кои се нејасни и тешки за контролирање.
Прекумерната зависност може да води кон ризици и во однос на тоа не постои никакво сомневање. Принципиелно гледано, ЕУ е во право кога сака да ја зајакне својата стратегиска автономија. Сепак, наместо да се потпира на површни претпоставки, Унијата треба да изврши сеопфатни анализи на нејзините економски релации со други субјекти, како и на соодносните меѓусебни зависности – за да утврди точно кои се тие што треба да бидат намалени.
Наедно, ЕУ мора внимателно да ги разгледа опциите за ваквата реализација. Намалениот ангажман можеби и не е вистинското решение. Во суштина, Европа би можела да ја одржува рамнотежата или да притисне во своја корист со продлабочување на ваквите релации.
На пример, промоцијата на кинески инвестиции во Европа би можело да помогне во намалувањето на подредениот статус на европските компании во Кина, со тоа што на Унијата ќе ѝ се доделат поголема „тежина“ и моќ.
Можеби учеството на Европа во светската економија е во надолна линија, но ЕУ сепак останува главна економска сила, која има цврсти врски со остатокот од светот. Доколку нејзиното тежнеење кон стратегиска економија прерасне во протежирање протекционизам или дури автаркија (економска независност и ограничена трговска размена), таа ризикува да го изгуби овој статус. Доколку се случи тоа, Европа навистина би станала ранлива.
Авторот е професор по економија на Универзитетот во Минхен.