Новиот светски поредок на 21 век не навестува ништо добро за Европа, како што покажуваат првичните трговски и технолошки судири меѓу Кина и САД. Но како и досега, ЕУ, која се соочува со нови избори и со низа внатрешни проблеми, повеќе е набљудувач отколку глобален играч со јасна стратегија
Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД можеби го забрза крајот на „американскиот век“ и повоениот меѓународен поредок предводен од САД. Точно, политичкиот и економскиот центар на гравитација во светот се придвижи кон Источна Азија и пред 2016 година, а идејата за подемот на Кина кон глобалната моќ во наредниот „пацифички век“ не е нова. Но потезите на Трамп, заедно со тие на неговиот кинески колега Си Џинпинг, го ставија сè поголемото ривалство меѓу суперсилите во центарот на вниманието. За жал, Европа допрва треба да даде кохерентен одговор.
Сегашниот трговски спор меѓу САД и Кина има потенцијал да предизвика глобална рецесија. Но дури и овој конфликт е само дел од многу поголемата борба за доминација, вклучувајќи и во технолошкиот сектор, за да се утврди дали новата ѕвезда во подем (Кина) или актуелната ѕвезда (Америка) ќе игра водечка глобална улога.
Во поголемиот дел од периодот откако Кина ја почна својата модернизација под водство на Денг Сјаопинг во доцните 1970-ти, нејзината политика беше да не го оспорува постојниот геополитички и стратегиски поредок и да избегнува конфронтација со САД по секоја цена. Но говорот на Си на 19-от национален конгрес на Комунистичката партија на Кина во октомври 2017 година, како и неколкуте актуелни кинески иницијативи, кои имаат цел да ја оспорат американската доминација, покажуваат дека Кина повеќе нема да ја крие својата сила и да чека подобри времиња, како што правеше Денг.
Новата моќ на Кина е очигледна во нејзиното воено позиционирање на гребените и малите острови во Јужно Кинеско Море, како и во стратегијата „Произведено во Кина 2025“, која има цел земјата за една деценија да стане светски лидер во клучните индустрии на иднината. И со својата огромна иницијатива „Појас и пат“, Кина сака да ги искористи инвестициите во трговската и транспортната инфраструктура за да ја воспостави својата геополитичка и трговска доминација во Евроазија, Европа, Средниот Исток и Африка.
Соочени со овој сѐ поочигледен предизвик за нивната лидерска позиција, САД ја променија својата стратегија и усвоија поконфронтирачка позиција кон Кина. Иако Трамп ја предводи оваа промена, американскиот гнев, страв и фрустрација околу Кина се протегаат далеку од Белата куќа и Републиканската партија и се вкоренети длабоко и во редовите на Демократската партија.
За почеток, САД заземаат поцврста позиција во трговијата. Во минатото, американскиот пазар беше генерално отворен за кинескиот извоз – без таков пристап, брзиот економски пораст на Кина никогаш немаше да биде можен. Но администрацијата на Трамп сака да ја прекине оваа отвореност и да ја претвори билатералната трговија на земјата од алатка во оружје. САД, исто така, го заоструваат својот став кон иницијативата за обнова на „Патот на свилата“ и ја критикуваа неодамнешната одлука на Италија да ја поддржи истата таа.
Технологијата е уште една голема сфера што предизвикува американска загриженост. САД и Кина се вклучени во жестокиот натпревар во областа на вештачката интелигенција и продолжуваат да се судираат околу кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеи“, една од водечките светски компании. Менг Ванжоу, извршна директорка на „Хуавеи“ и ќерка на основачот на компанијата, во моментот чека екстрадиција во САД, откако беше уапсена во Канада во декември поради наводно кршење на правилата за ембарго на САД во врска со Иран. Истовремено, администрацијата на Трамп врши силен притисок врз своите европски сојузници да го исклучат „Хуавеи“ од нивните телекомуникациски пазари поради загриженоста за шпионажа (иако САД допрва треба да изнесат јавно докази за таквите тврдења).
Пристигнувањето на овој нов глобален поредок од 21 век не претставува ништо добро за Европа, како што покажуваат овие првични трговски и технолошки судири. Но, како и вообичаено, кога се соочува со голем глобален предизвик, Европа во голема мера е само набљудувач и останува преокупирана со разни внатрешни проблеми, меѓу кои и брегзит.
Меѓутоа, Европејците не можат да си дозволат да останат настрана. Европа ќе биде една од првите жртви ако сегашниот спор меѓу Кина и САД се претвори во глобален трговски конфликт. Доколку се случи тоа, двете суперсили ќе бараат Европа да заземе страна, токму оној вид избор што не сака да го направи, бидејќи САД и Кина се нејзините два главни пазари за извоз. Слично на тоа, Европа, најверојатно, ќе се соочи со кинеска одмазда ако одлучи да го блокира „Хуавеи“ од своите национални пазари.
Европа мора да создаде сопствен стратегиски став за новиот глобален поредок. И тоа ќе мора да стави доволно тежина на геополитичката вага за да продолжи да тргува со САД и Кина по сопствени услови. Ова ќе бара од Европа да развие индустриска политика заснована на европските интереси и вредности.
Покрај тоа, европските лидери мора да признаат дека Кина брзо гради алтернативен политички систем, во кој една партија дигитално го контролира народот. Без оглед на својот став кон Трамп, тоа нема да се случи во САД.
Глобалната геополитичка рамнотежа брзо се менува и Европа мора да се приспособи. Наместо да се фокусираат само на домашните проблеми, европските лидери треба да развијат веродостојна стратегија кон двете суперсили, а особено кон Кина.
Aвторот е бивш вицепремиер и шеф на дипломатијата на Германија