Денешната криза со ковид-19 од невидени размери натера милијарди луѓе да работат, да се дружат и да консумираат во дигиталниот свет. Оваа промена создава историска можност за искористување на потенцијалот на дигитализацијата за финансирање поинклузивен, одржлив развој.
Дигитализацијата го трансформира секој аспект на финансиите. Повеќе од една милијарда луѓе низ светот сега користат платформи за плаќање преку мобилен телефон, кои ги претворија мобилните телефони во финансиски алатки. Дигиталното финансирање користи големи податоци и вештачка интелигенција за да ги поткрепи напредоците на криптовалутите и криптосредствата, заемите меѓу корисниците, граѓанските инвестиции и дигиталните пазари.
Инвестициите во финансиска технологија ја поттикнуваат оваа трансформација. Во 2018 година, оваа сфера привлече рекордни 120 милијарди долари за финансирање ризичен капитал или една третина од вкупниот светски износ. Финансиските инвеститори годишно вложуваат дополнителни десетици милијарди долари за да ја овозможат функцијата на дигиталната технологија.
Пандемијата го поттикна развојот на овие настани. Дигиталните трансфери на пари им овозможуваат на владите да обезбедат непосредна финансиска поддршка за граѓаните. Платформите за граѓанско финансирање мобилизираа ресурси за медицински материјали и итна помош. Алгоритамското кредитирање го забрзува финансирањето за спас на малите бизниси. Слично на тоа, платформите за електронска трговија им овозможуваат на луѓето да купуваат во моментот, а да консумираат подоцна за да се поддржат локалните бизниси и да се заштитат работните места.
Но ваквите инспиративни примери едвај даваат увид во она што е итно потребно. Светот буквално располага со илјади милијарди долари, кои во крајна линија се народни пари, заработени и позајмени, а потоа потрошени, заштедени, инвестирани и предадени на владите да ги користат во нивно име. Меѓутоа, премногу често, овие средства не се насочуваат кон она што луѓето го посакуваат и им е потребно. Нееднаквоста веќе се зголеми пред кризата, а сега таа се забрзува. Покрај тоа, финансискиот сектор не ги насочува ефективно парите и заштедите за да се справат со долгорочните развојни предизвици како што се климатските промени и уништувањето на биодиверзитетот.
Дигитално управуваната трансформација може подобро да ги усогласи финансиите со потребите на луѓето, што се гледа во Целите за одржлив развој (СДГ). Во ноември 2018 година, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, формираше работна група составена од лидери од финансиската, политичката и развојната заедница за да најдат начини за искористување на дигитализацијата за финансирање на СДГ.
Главниот заклучок на работната група е дека моќта на дигиталната трансформација дава извонредна можност за ресетирање на приватните и на јавните финансии на начини што можат да помогнат за постигнување на СДГ. Повикот за акција има цел да ги ангажира учесниците на пазарот, политичарите, заедно со централните банки и развојните финансиски институции, во спроведувањето на планот на работната група за практични препораки. Овој план изложува пет системски можности за тоа како дигиталните технологии можат да ги подобрат општественото и еколошкото влијание на финансиските текови и нуди начини за унапредување на секоја од нив.
Прво, дигитализацијата може да игра клучна улога во ветувањата дека светските капитални пазари, кои во моментов имаат вредност од околу 185 илјади милијарди долари, повеќе ќе ги земат предвид социјалните и еколошките ризици и резултати.
Второ, големите податоци и алгоритамската анализа можат да го забрзаат обезбедувањето на 5,2 илјади милијарди долари годишно финансирање што го бараат малите и средните бизниси на земјите во развој, кои се извор на голем дел од работните места во светот. Трето, новите дигитални патишта можат да им овозможат на граѓаните да пренасочат повеќе од своите годишни заштеди, кои се зголемија за трипати во последните две децении на над 23 илјади милијарди долари на светско ниво, во инвестиции во чиста енергија, транспорт и здравствена заштита. Четврто, владите во земјите во развој, кои колективно трошат скоро 20 отсто од светскиот БДП во име на своите граѓани, би можеле да заштедат околу 220-320 милијарди долари годишно со дигитализирање на плаќањата. Последно, брзорастечката потрошувачка преку интернет поддржува поголемо носење одлуки базирано на податоци за да се поттикне усогласувањето со еколошките и другите општествени цели.
Работната група исто така ги препознава пречките и ризиците. Нивниот предложен план препорачува чекори за справување со многу од овие проблеми. На национално ниво, владите треба да инвестираат во дигитална инфраструктура, да го прошират пристапот, да ги заштитат граѓаните и нивните податоци и да ги усогласат развојните екосистеми со дигитално финансирање со пошироко планирање за одржлив развој. Покрај тоа, владите треба да соработуваат на меѓународно ниво за да се гарантира дека светското управување со финансиските технологии е и поинклузивно и одговара на пошироките цели за развој.
Амбициозните и практични препораки на работната група се дојдени во вистинско време. Со поттик на дигиталните финансии, светот може да одговори на предизвиците и можностите што произлегуваат од сегашната криза и да ги реши долгорочните развојни потреби.
Марија Рамос е поранешна извршна директорка на „Абса груп“. Ахим Штајнер е раководител на развојната програма на Обединетите нации (УНДП).
Заедно се копретседатели на работната група на генералниот секретар на ООН за дигитално финансирање на целите за одржлив развој.