Со ненадејното одземање на специјалниот, уставно заштитен статус на Џаму и Кашмир, Индија стана најновата голема демократија што дејствува против една малцинска заедница заради стекнување краткорочна политичка популарност. Кашмир отсега ќе биде директно управуван од Владата во Њу Делхи, а хиндуистичките националисти се воодушевени. Внимателно одржуваните уставни аранжмани се уништени.
Во меѓувреме, во Британија, премиерот Борис Џонсон се обврза да ја напушти ЕУ со или без „последната опција“ за заштита на граничните аранжмани на Северна Ирска и Република Ирска. Неговата тврда позиција целосно ја игнорира загриженоста на гласачите во Северна Ирска. Таа е насочена кон јакнење на поддршката од неговата „брегзитерска“ англиска база, дури и ако тоа значи загрозување на кревкиот мир и просперитет во Ирска.
Во друга голема демократија во светот, претседателот Доналд Трамп ги заостри односите на Америка со Мексико и со другите соседи од Централна Америка и ја зајакна поддршката на своето гласачко тело, постојано демонизирајќи ги Латиноамериканците. Американската шпанска заедница сега плаќа огромна цена за ваквата реторика, што беше потврдено и од неодамнешниот масакр во Ел Пасо, Тексас.
Уништувањето на долгогодишната заштита за малцинските заедници е дел од поширокиот тренд во демократиите низ светот. Се издвојуваат три загрижувачки карактеристики. Прво, политичарите ги намалуваат „јавниот простор“ и можноста на граѓаните да дебатираат и да демонстрираат без закана од насилство. Политичките лидери ги продлабочуваат социјалните поделби со тоа што ќе нѐ спротивстават „нас“ против „нив“, кои вклучуваат странци, соседи, имигранти, малцинства, медиуми, „експерти“ и „елити“.
Во Америка, многумина сметаат дека Трамп го прави истото тоа, посочувајќи го како пример расистичкиот напад против четирите конгресменки од редовите на демократите. За време на кампањата за референдум за брегзит во Британија, корисниците на Фејсбук беа преплавени со објави што сугерираа дека Британија ќе биде принудена да прими 76 милиони турски имигранти ако остане во ЕУ. Една реклама покажа како имигрант турка расплакана бела жена од редот во болница. Едно неодамнешно истражување посочува оти има вознемирувачко зголемување на расно мотивираната злоупотреба, дискриминација и напади врз етничките малцинства Британци.
Секако, откако ја освоија власта на демократски избори, овие лидери сега бараат да се ослабат независните институции и проверките на извршната власт. На пример, Трамп ги повика националните агенции за вонредни состојби да обезбедат средства за неговиот ѕид на границата со САД со Мексико. Џонсон одбива да отфрли суспендирање на парламентот, за да го испорача брегзит, додека неговиот главен советник Доминик Камингс ја опишува постојаната државна администрација како „идеја за учебниците по историја“. Во Индија, опозицијата ја обвинува власта дека ги уништува уставните институции на државата, вклучувајќи ги и Врховниот суд, националната агенција за истраги, централната банка и изборната комисија.
Злоупотребата на овластувањата или на извршните наредби и попречувањето на независноста на другите столбови на власта, како парламентот и судството, сигурно нема да ги балансираат интересите на сите граѓани. Овие напади врз независноста на институциите ги оставаат малцинствата особено ранливи. Конечно, постои ризик политичката моќ во светските демократии да се персонализира. Разни покровителства, лични влијанија и услуги се користат за создавање лојалност кон водачот; а оние што не се согласуваат со тоа се малтретирани или произволно отпуштени. Политичките лидери исто така прават сè похрабри обиди да ги замолкнат медиумите и бизнис-заедницата или бараат услуги од нив. Девет функционери поднесоа оставки или беа разрешени од кабинетот на Трамп од 2017 година, а претседателот редовно го користи Твитер, па дури и претседателските помилувања, за да ја награди лојалноста или да ги малтретира оние што се нашле во негова немилост. Во Британија, нападите на брегзитерите кон државните службеници што водеа преговори со ЕУ станаа толку агресивни, што в.д. државниот секретар им порача дека треба да се засрамат од себе. Кога Џонсон стана премиер, 17 министри беа сменети, а од новите членови на владата се бараше да ветат поддршка за неговата цел да ја извади Британија од ЕУ до крајот на октомври.
Персонализацијата на власта ги заменува формалните и фер процесите со дискрециски одлуки и услуги. Таа го еродира демократскиот принцип дека за сите граѓани, вклучувајќи го и шефот на државата, важи владеењето на правото и дека политичарите практикуваат делегираната моќ, а не лична власт. Многу гласачи изразија гнев кон лидерите на САД, Британија и на Индија. Но многу други демократии, исто така, се во неволја. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, унгарскиот премиер Виктор Орбан, филипинскиот претседател Родриго Дутерте и бразилскиот претседател Јаир Болсонаро се обвинети за неуставно однесување.
Малку е веројатно кој било од овие лидери да го промени однесувањето. Сепак, мораме да инсистираме на јасни и неповредливи стандарди на транспарентност во однос на приватните интереси на оние што се на јавна функција. Индија, Британија и Америка би требало да бидат демократии за пример. Индија е најголема демократија, Британија го има вестминистерскиот модел, а Америка има исклучителен устав. Во сите овие големи демократии, малцинствата се нападнати, исто како и законите и институциите што ја ограничуваат извршната власт. Граѓаните треба да сфатат дека ако не ги бранат институциите што ги штитат малцинствата денес, сами ќе бидат цел на напади утре.
Авторката е деканка на универзитетот „Оксфорд“