Зголемувањето на каматните стапки повеќе е проблем отколку решение

Непоколебливата определба на централните банки да ги зголемат каматните стапки е навистина извонредна. Во име на скротување на инфлацијата, тие намерно тргнаа на пат да предизвикаат рецесија или да ја влошат доколку дојде до неа. Покрај тоа, тие отворено ги признаваат проблемите што ќе ги предизвикаат нивните политики, дури и ако не нагласат дека сиромашните и маргинализираните, а не нивните пријатели на Волстрит, ќе го носат најголемиот товар. И во САД, овој проблем несразмерно ќе ги погоди малцинствата.
Како што покажува новиот извештај на институтот „Рузвелт“, сите придобивки од дополнителното намалување на инфлацијата предизвикано од каматните стапки ќе бидат минимални, во споредба со она што и онака би се случило. Се чини дека инфлацијата веќе се намалува. Можеби се ублажува побавно отколку што оптимистите се надеваа пред една година, пред да избие конфликтот во Украина, но сепак е умерена и од истите причини што оптимистите ги наведоа.
Оптимистите очекуваа и намалување на цените на нафтата, наместо да продолжат да се зголемуваат. Исто така, тоа е токму она што се случи. Всушност, намалената цена на обновливите извори на енергија подразбира дека долгорочната цена на нафтата ќе падне уште пониско од денешната. Штета е што човештвото порано не се префрли на обновливи извори. На тој начин, луѓето ќе беа многу подобро изолирани од променливите цени на фосилните горива.
Уште една причина за оптимизам е поврзана со маржите, односно износот со кој цените ги надминуваат трошоците. Додека маржите растат со зголемената монополизација на американската економија, тие драстично скокнаа од почетокот на кризата со ковид-19. Како што економијата излегува поцелосно од пандемијата (и од конфликтот), тие треба да се намалат, а со тоа да се ублажи инфлацијата. Точно е дека платите привремено се зголемуваат побрзо отколку во периодот пред пандемијата, но тоа е добро. Има огромно секуларно зголемување на нееднаквоста, што неодамнешното намалување на реалните (приспособени на инфлацијата) плати на работниците само го влоши.

Извештајот на „Рузвелт“, исто така, го отфрла аргументот дека денешната инфлација се должи на прекумерното трошење во пандемијата. Инфлацијата предизвикана од побарувачката се јавува кога агрегатната побарувачка ја надминува потенцијалната агрегатна понуда. Но, тоа, во најголем дел, не се случи. Наместо тоа, пандемијата доведе до голем број секторски ограничувања на понудата и промени во побарувачката, кои, заедно со асиметриите на приспособување, станаа основни двигатели на растот на цените.
Не само што пандемиските политики од времето на Трамп придонесоа да се намали бројот на населението во САД (а тоа е само официјална бројка) туку исто така и доселувањето поради новите ограничувања и генерално помалку пријателската средина. Според тоа, причината за зголемувањето на кириите не беше големото зголемување на потребата за домување, туку широко распространетата промена на работата на далечина. Како што се преселија многу професионалци, во некои области се зголемија кириите и трошоците за домување, а во други паднаа. Но кириите каде што побарувачката се зголеми, пораснаа повеќе од оние каде што побарувачката падна, се намали, со што, промената на побарувачката придонесе за вкупната инфлација.
Повисоките каматни стапки уште повеќе го отежнуваат мобилизирањето инвестиции што би можеле да го ублажат недостигот од понуда. Како што покажуваат и извештајот на „Рузвелт“ и претходниот извештај на институцијата „Брукингс“, постојат многу други начини на кои повисоките каматни стапки може да ги влошат инфлациските притисоци. Добро насочените фискални политики и другите пофино усогласени мерки имаат подобри шанси да ја скротат денешната инфлација отколку тапите, потенцијално контрапродуктивни монетарни политики. Соодветниот одговор на високите цени на храната, на пример, е да се смени децениската политика за поддршка на земјоделските цени што им плаќа на земјоделците да не произведуваат, кога треба да бидат охрабрени да произведуваат повеќе.

Слично на тоа, соодветен одговор на зголемените цени што произлегуваат од несоодветната пазарна моќ е подоброто спроведување антимонополски мерки, а начинот да се одговори на повисоките кирии за сиромашните домаќинства е да се поттикнат инвестициите во нови станови, додека повисоките каматни стапки го прават спротивното. Доколку има недостиг од работна сила, одговорот треба да вклучи зголемено обезбедување детска грижа, мерки за зголемување на платите и подобрување на работните услови.
По повеќе од една деценија на ултраниски каматни стапки има смисла тие да се „нормализираат“. Но подигањето на каматните стапки надвор од тоа, во донкихотски обид брзо да се скроти инфлацијата, не само што сега ќе биде болно туку и ќе остави долготрајни лузни, особено на оние што најмалку се способни да го поднесат товарот од овие лошо смислени политики. Спротивно на тоа, повеќето од фискалните и другите одговори опишани овде ќе донесат долгорочни социјални придобивки, дури и ако се покаже дека инфлацијата е повеќе придушена од очекуваното.

Автор: Џозеф Е. Стиглиц е добитник на Нобелова награда по економија и е професор на универзитетот „Колумбија“