Фактот што светот не доживеа системска финансиска криза во 2022 година е мало чудо, со оглед на порастот на инфлацијата и каматните стапки, а да не зборуваме за масовното зголемување на геополитичкиот ризик. Но со оглед на тоа што јавниот и приватниот долг се искачија на рекордно ниво за време на завршената ера на ултраниски каматни стапки и високите ризици од рецесија, глобалниот финансиски систем се соочува со огромен стрес-тест. Кризата во напредните економии, на пример како Јапонија или Италија, би било тешко да се контролира.
Навистина, построгата регулатива ги намали ризиците за основните банкарски сектори, но тоа само доведе до префрлање на ризиците на друго место во финансискиот систем. Зголемените каматни стапки, на пример, извршија огромен притисок врз приватните акционерски фирми што позајмуваа многу за да купат имот. Сега, кога станбените и комерцијалните недвижности се на работ на остар постојан пад, некои од тие фирми најверојатно ќе пропаднат.
Во тој случај, основните банки што обезбедија голем дел од финансирањето за купување недвижен имот од приватен капитал би можеле да се најдат во тесно. Тоа сè уште не се случило, делумно затоа што лесно регулираните фирми се под помал притисок да ја врзат својата вредност со пазарната. Но да претпоставиме дека каматните стапки остануваат тврдоглаво високи дури и за време на рецесија (друга можност додека излегуваме од ерата на ултраниски стапки). Во тој случај, широкораспространетите пропусти во плаќањето на кредитот може да го отежнат одржувањето на постојното ниво.
Неодамнешните финансиски грешки на Велика Британија покажуваат посебен вид на непознати што би можеле да се појават со зголемувањето на глобалните каматни стапки. Иако поранешната премиерка Лиз Трас ја презеде целата вина за она што за малку ќе доведеше до целосен распад на пазарите на обврзници и пензискиот систем во нејзината земја, се покажа дека главен виновник се менаџерите на пензиските фондови, кои во суштина се обложија дека долгорочните каматни стапки нема да се зголемат премногу брзо.
Јапонија, каде што централната банка ги одржува каматните стапки на нула или негативни со децении, може да биде најакутно ранливата земја во светот. Покрај ултраниските стапки, Банката на Јапонија се вклучи и во контрола на кривата на принос, ограничувајќи ги петгодишните и десетгодишните обврзници на околу нула. Со оглед на зголемувањето на реалните каматни стапки низ светот, острата депрецијација на јенот и високите инфлациски притисоци, Јапонија може конечно да излезе од својата ера на речиси нула каматни стапки.
Повисоките каматни стапки веднаш би извршиле притисок врз јапонската влада, бидејќи долгот на земјата изнесува 260 отсто од БДП. Ако некој го интегрира билансот на состојба на Банката на Јапонија, приближно половина од државниот долг купен од приватниот сектор е ефикасен во обврзници со кратко достасување. Зголемувањето на каматната стапка од два отсто би можело да се управува во средина со висок раст, но изгледите за раст на Јапонија најверојатно ќе се намалат, бидејќи долгорочните реални каматни стапки продолжуваат да растат.
Огромниот јапонски државен долг речиси сигурно ги ограничува опциите на политичарите за управување со долгорочниот раст. Сепак, со оглед на овластувањата за оданочување на владата и можноста за надувување на долгот, проблемот треба да биде податлив. Вистинското прашање е дали има скриени ранливости во финансискиот сектор што би можеле да се откријат доколку инфлацијата продолжи да расте и реалните каматни стапки во Јапонија се зголемат на нивоата од САД. Тоа беше правило во поголемиот дел од последните три децении, иако очекувањата за инфлација во Јапонија во моментов се многу пониски отколку во САД.
Добрата вест е дека по речиси три децении ултраниски каматни стапки, јапонските очекувања за речиси нула инфлација се добро закотвени, иако веројатно ќе се променат доколку денешните инфлациски притисоци се покажат долготрајни. Лошата вест е дека истрајноста на овие услови лесно може да намами некои инвеститори да веруваат дека стапките никогаш нема да се зголемат, или барем не многу. Ова значи дека облозите за каматните стапки да останат релативно ниски може да станат неконтролирани во Јапонија, како што беа претходно во Велика Британија. Во ова сценарио, натамошното затегнување на парите може да ги влоши работите, да создаде нестабилност и да ги зголеми буџетските проблеми на владата.
Италија е уште еден пример за латентен ризик. На многу начини ултраниските каматни стапки беа лепилото што ја држи еврозоната заедно. Отворените гаранции за италијанскиот долг, во согласност со ветувањето на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, од 2012 година дека ќе направи „што и да е потребно“, не вредеа многу кога Германија можеше да се задолжува со нула или негативни стапки. Но годинешните брзи зголемувања на каматните стапки ја променија таа пресметка. Денес, економијата на Германија изгледа повеќе како во раните 2000-ти, кога некои ја нарекоа „болниот човек на Европа“. И додека во Европа се релативно нови ултраниските стапки, треба да се загрижиме дека постојаниот бран на монетарно затегнување може, како и со Јапонија, да открие огромни простори на ранливост.
Доколку дојде до глобална рецесија без финансиска криза, постои пристојна шанса претстојниот економски пад да биде помал од очекуваното. Во средина на негативен раст, висока инфлација и пораст на реалните каматни стапки, тоа би било многу среќен исход.
Автор: Кенет Рогоф е професор по економија и јавна политика на универзитетот „Харвард“