Еден од последните чекори на кралицата Елизабета Втора беше да ја прифати оставката на посрамотениот премиер Борис Џонсон, кој беше најнеспособниот од 15-те премиери што го предводеа Обединетото Кралство за време на нејзиното 70-годишно владеење. Од друга страна, никој не можеше да ги истакне силните страни на кралицата подобро од непринципиелниот популист на Британија.
Џонсон беше единствениот премиер што ја вовлече кралицата директно, дури и намерно, во скандал. Во 2019 година, тој побара од неа да го суспендира британскиот парламент за да може да избегне отпор или каква било форма на политичка контрола додека го спроведуваше излегувањето на Британија од Европската Унија (ЕУ). Врховниот суд на Обединетото Кралство брзо се спротивстави на таа акција, одлучувајќи едногласно дека барањето на Џонсон е незаконско. И тоа не беше единствениот скандал што ја погоди премиерската функција на Џонсон. Напротив, тој беше постојан пример за недолично однесување, што доведе до негово напуштање на премиерската функција.
Ден откако ја прифати оставката на Џонсон, кралицата ја пречека неговата наследничка Лиз Трас, третата жена на таа функција. Судејќи според нејзиното популистичко искуство, Трас може да биде малку подобра од Џонсон. Во секој случај, почитувањето на британскиот устав преку надгледување на овој трансфер на власта беше соодветен последен чин за личност што претставува извор на легитимитет вкоренет во илјадагодишната британска историја.
Меѓутоа, минатото не нуди гаранции за иднината. Како што тврди политичкиот коментатор Волтер Липман во својата книга „Предговор на моралот“, „јадовите на современоста“, вклучувајќи ги секуларизацијата, распаѓањето на општествената почит и зголемената економска мобилност, придонесуваат за „раскинување на поредокот на предците“, со поткопување на „подготвеноста да се верува“ во повеќето облици на традиционален авторитет. Сепак, Елизабета успеа да го задржи своето влијание врз британската јавност седум децении. Спротивно на тоа, Џонсон не претставуваше ништо повеќе од фантомска верзија на јавното мислење измислено од социјалните медиуми и таблоидниот печат. Тоа е минлива форма на „секое чудо за три дена“. Така, тој издржа само три години како премиер.
Додека Елизабета го помина своето владеење исполнувајќи го она што Волтер Беџет го нарече „достоинствена“ функција на монархијата, Џонсон ја помина својата премиерска функција одземајќи што е можно повеќе достоинство од неговата функција. На пример, тој одобри кодекс на облекување во премиерскиот кабинет посоодветен за вечерно излегување отколку за владина институција. Што е уште полошо, Џонсон организираше забави додека Британците беа во карантин поради пандемијата на ковид-19, не можејќи ниту да ги посетат болните членови на семејството. Она што најмногу ги налути Британците беше недостигот од основна човечка пристојност на Џонсон, а да не го спомнуваме неговото непочитување за важноста на неговата позиција. Потоа следуваше и хаотичниот живот на Џонсон надвор од премиерскиот кабинет, кој вклучуваше сè, од лажење во напис за „Тајмс“ (и отпуштање поради тоа) и лажење на тогашниот лидер на ториевците Мајкл Хауард (и отпуштање поради тоа), до низа вонбрачни врски. Според тоа, сосема беше соодветно што премиерската функција ја загуби поради неуспех да го сфати сериозно недоличното однесување на член на неговата влада.
Ниту семејството на Елизабета не остана имуно на скандали. На почетокот на оваа година, вториот и наводно омилен син на кралицата, принцот Ендру, платил необјавена сума, веројатно во милиони долари, како дел од вонсудското решавање на случајот за сексуална злоупотреба, поведен против него во САД.
Случајот беше поврзан со неговото пријателство со озлогласениот милијардер за трговија со луѓе Џефри Епстајн. Меѓутоа на британските таблоиди никогаш не им е доста од кралската драма. Сагата за токсичниот брак помеѓу најстариот син на Елизабета, сега кралот Чарлс Трети, и Дијана, принцезата од Велс, сè уште ги полни насловните страници, и 25 години по смртта на Дијана. Не поминува ниту една недела без ново поглавје од сагата за принцот Хари и Меган Маркл, кои се повлекоа од должностите на кралското семејство во 2020 година и заминаа за Лос Анџелес.
Но Елизабета никогаш не се препушти на скандал. Напротив, единствениот момент од нејзиното владеење кога се чинеше дека Елизабета речиси ја изгуби наклонетоста на нејзините поданици се случи по смртта на Дијана, кога таа првично одби да учествува во јавната жалост, пред конечно да попушти и да објави соопштение за сочувство. Но оваа посветеност на стоицизмот беше дел од сфаќањето на Елизабета за монархијата. Таа ја исполнуваше поговорката на Беџет дека не може „дневната светлина да ја растури магијата“.
Во исто време, Елизабета не го одржуваше легитимитетот на монархијата преку магија. Ознаките како „нејзиното височество“ и животот поминат во палати не ја направија кралица каква што беше. Наместо тоа, таа се придржуваше до традиционалните вредности на напорна работа, посветеност на должноста, цврстина, дискреција и доследност. Тоа се квалитети што некој како Џонсон и оние околу него едвај ги разбираат, а камоли да ги отелотворуваат.
Може само да се замисли што мислела мистериозната Елизабета за лагите и бомбастичното однесување на Џонсон. Може само да се надеваме дека поконвенционалното однесување на премиерката Трас ќе донесе со себе подобри политики. Што е уште поважно, мора да се верува дека Чарлс Трети нема да биде неуспешен монарх како што беа Чарлс Први и Чарлс Втори, туку научил од примерот на неговата мајка.
Нина Хрушчева е професорка по меѓународни односи на Новата школа