Во големата промена на курсот во политиката, полската влада ги прифати сите украински бегалци и им обезбеди работни визи, здравствено осигурување, образование и други услуги. Но прашањето што се поставува е дали сето ова ќе биде одржливо и по која цена
Во рок од еден месец од почетокот на руската специјална операција, повеќе од 3,5 милиони луѓе, од кои половината се деца, ја напуштија Украина, а нешто повеќе од два милиона пристигнаа во Полска. Речиси прекуноќ, Полска од едно од најхомогените општества во Европа стана домаќин на четвртата по големина бегалска популација во светот (по Турција, Колумбија и САД). Конфликтот во Украина ја принуди Полска да се откаже од својот антибегалски став што го негуваше во последните години. Во 2015 година, кога Германија прими повеќе од еден милион бегалци од Блискиот Исток, Варшава го одби барањето на Европската Унија (ЕУ) да прифати само 7.000. Минатата есен, кога белорускиот претседател Александар Лукашенко се обиде да им обезбеди влез на мигрантите од Блискиот Исток преку границата со Полска, полската влада прогласи вонредна состојба и се обиде да го спречи процесот. Тогаш, десетина луѓе, вклучувајќи и деца, умреа од глад и студ. Според анкетите, јавноста застана на страната на Владата.
Но сега полската влада ги отвори границите за сите украински бегалци, вклучувајќи и 157.000 што не се од Украина, од кои повеќето се од Блискиот Исток. Полското општество побрза да помогне, организирајќи сместување, превоз, храна и психолошка поддршка од невидени размери. Додека првиот бран на бегалци се случи рано затоа што тие ја увидоа опасноста, вториот бран се состои од луѓе што биле сведоци на бомбардирањето, мртвите тела, добиле повреди или ги загубиле најблиските. Тие се целосно дезориентирани, без ресурси или познаници во Полска.
Сите бегалци добија дозвола за престој и работа во Полска во времетраење од 18 месеци, со можност да добијат продолжување (ЕУ го стори истото). Владата го отвори здравствениот систем за бегалците, им овозможи мали грантови за отворање стартапи и помош за детска нега од 120 евра месечно (колку што примаат и Полјаците), им овозможи бесплатен јавен превоз и им даде работни визи. Над 50.000 деца бегалци веќе се вклучија во полските училишта.
Овој наплив на помош може да создаде впечаток дека Полска е целосно подготвена да се справи со кризата. Меѓутоа, не е така и спротивната претпоставка може да се покаже како опасна еднакво за Полска и за Европа. Ако западните влади не најдат начин да ѝ помогнат на Полска финансиски и логистички, тие би можеле да се соочат со уште една националистичка реакција. Состојбата е неодржлива од повеќе причини. Очекувањата дека Украинците ќе се распоредат во побогатите европски земја се погрешни. Благодарение на семејните врски, јазичните сличности и близината со украинската граница, повеќето бегалци ќе останат во Полска. Пред конфликтот, Полска веќе беше дом на речиси 1,5 милион Украинци, од кои повеќето се економски доселеници, кои почнаа да пристигнуваат по 2014 година. Иако првичните доселеници беа млади мажи и жени што бараа работа, 80 отсто од воените бегалци се жени и деца. Ќе биде многу потешко да се интегрираат во економијата, а ако подоцна им се придружат и мажите што останаа да се борат, новото полско малцинство од 10 отсто би можело да стане трајно.
По Романија, која исто така е преполна со украински бегалци, Полска има најнизок однос на станбен простор по жител во Европа (29 квадратни метри во споредба со просекот на ЕУ од 40 квадратни метри). Благодарение на веќе високата инфлацијата и негативните ефекти од санкциите (и белоруските и руските контрасанкции), полската економија се движи кон период на забавен раст и висока невработеност. Полјаците може наскоро да ги припишуваат овие проблеми на бегалците што ќе ги преземат работните места, кои општествата што стареат, како полското, честопати се борат да ги пополнат.
Слично на тоа, прифаќањето на бегалците е мотивирано еднакво од стравот на Полјаците од Русија, како и од нивното сочувство кон Украинците. Нивната сегашна подготвеност да помогнат може брзо да се претвори во огорченост кога трошоците за поддршка на бегалците ќе станат поочигледни. Во земјите со насилни, горчливи истории, гласачкото тело што се чувствува повредено или запоставено често го насочува својот бес кон уште послаби и помаргинализирани групи. Бегалците може да ги разводнат сопствените убедувања на локалните Полјаци за сочувството и поддршката на полското општество.
Оваа политичка динамика можеби е причината зошто полската влада предложи еден вид „договор за бегалци“ со полското општество. Покрај исплатата од 64 евра по лице директно на бегалците, властите исто така ќе им плаќаат и на оние што ги згрижуваат бегалците што ќе резултира со систем што ризикува да ги објективизира жртвите и да поттикне измами, злоупотреба и експлоатација. Конечно, Западот треба да запамети дека актуелното лидерство на Полска порано водеше антибегалски политики.
Владата на полскиот премиер Матеуш Моравјецки веројатно тивко се надева дека руската воена операција и хуманитарната мобилизација на Полска ќе доведат до обнова на односите на неговата земја со ЕУ и со САД. Можеби Европската комисија ќе се откаже од својот долгогодишен спор со Полска за владеењето на правото и ќе ги одмрзне средствата на ЕУ што ги задржуваше. Можеби „реформите“ што ги претворија полските судови во продолжена рака на владејачката партија Право и правда, сепак, нема да мора да бидат укинати.
Веќе има знаци дека ЕУ и САД ќе се помират со актуелната влада во Полска, прифаќајќи ја како цена што мора да се плати за солидарноста против Русија. Во тој случај, полската демократија би можела да стане уште една жртва на воениот конфликт.
Авторот е основач на движењето „Политички критики“ и истакнат соработник на Германскиот совет за надворешни односи