До пред неколку години, големите економии се мачеа да постигнат дури и блага инфлација, при што политичарите во САД, Велика Британија и земјите од еврозоната се бореа да ги исполнат своите цели за годишен раст на цените од два отсто. Но со појавувањето и траењето на ковид-19, светот драматично се промени. Две години подоцна, сите се загрижени за зголемената инфлација и како таа може да се ограничи.
Стапките на инфлација на потрошувачките цени варираат во различни земји, одразувајќи ги нивните економски услови и очекувањата на луѓето за идната инфлација. На крајот на 2021 година, годишната стапка на инфлација во САД беше 4,7 отсто, во споредба со 4,8 отсто во Велика Британија и пет отсто во еврозоната. Заедничка карактеристика е тоа што се чини дека стапките на инфлација забрзано се зголемуваат. Оттука, откако доживеа негативни стапки на инфлација во поголемиот дел од годината, стапката на инфлација од месец на месец во Јапонија во декември 2021 година се искачи на 0,8 отсто.
Зошто инфлацијата се појави за време на пандемијата и под кои услови таа ќе се израмни или дури и ќе исчезне? Општо земено, инфлацијата започнува кога побарувачката за стоки или услуги ја надминува нивната понуда. Инфлацијата на побарувачката предизвикана од нагорен притисок на цените и недостиг од резерви обично се јавува кога побарувачката е поттикната од експанзивните монетарни или фискални политики. Слично на тоа, трошковната инфлација се јавува кога цените на енергијата и суровините растат. Во ова сценарио, нивото на цените обично се зголемува, а количеството со кое се тргува се намалува.
Но во случајот со пандемијата на ковид-19 имаше поинаков механизам. Инфлацијата се создаде како резултат на тешкотијата за усогласување на побарувачката и понудата на пазарот. За да се објасни ова, како пример може да се земе малопродажниот пазар. За време на најлошиот период на пандемијата, многу луѓе не можеа (или не сакаа) да одат во продавници. Вирусот попречи многу трговски можности, не само во малопродажбата туку и во воздушниот сообраќај, рестораните, културно-забавниот живот и многу други сектори.
Во стандардниот дијаграм на понуда и побарувачка, кривата на побарувачка и кривата на понуда останаа исти како во ерата пред пандемијата. Луѓето сè уште сакаа да патуваат, а авиопревозниците сè уште сакаа да им служат на клиентите без да ги загрозат нив или екипажот на летот. Но во отсуство на можности за безбедно усогласување на понудата и побарувачката, можностите за тргување беа пропуштени.
Така, појавата на вирусот изврши вертикален притисок помеѓу кривата на побарувачката и онаа на понудата. Кога ќе се случи тоа, количеството на тргување ќе се намали и ќе има разлика помеѓу цената на побарувачката и цената на понудата. Разликата е во вертикалниот притисок што ги претставува трошоците за да може трговијата да функционира и да биде безбедна. Повисоката цена што потрошувачите мора да ја платат е симптом на инфлација. Обично, оваа инфлациска состојба се комбинира со помали (или, во екстремни случаи, непостојни) можности за тргување. Тоа нè доведува до прашањето кога ќе се повлече инфлацијата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Краткиот одговор е дека ќе се намали кога ќе исчезнат болеста или факторите што го блокираат пазарот од нормална усогласеност.
Ако владите сметаат дека намалената трговија е непожелна, тие ќе се обидат или да ја зголемат потрошувачката преку стимулирање на побарувачката или да ги задржат непроменети синџирите на снабдување со субвенционирање на производителите, како што направија многу влади. Но ваквото трошење ќе биде инфлациско за економијата како целина и може да стане извор на целосна инфлација на побарувачката.
Згора на тоа, јавноста може да развие повисоки очекувања за цените што ќе се вратат во процесот на инфлација. Џејсон Фурман од универзитетот „Харвард“ неодамна предупреди на оваа можност и ја окарактеризира состојбата во САД дека во голема мера претставува случај на инфлација на побарувачката. Цените се зголемија заедно со обновувањето на можностите за тргување на многу пазари, како што забележа тој, но загрижен е за континуираните ефекти од зголемувањето на побарувачката од огромниот одговор на пандемијата и пакетите за економско закрепнување на американскиот претседател Џо Бајден.
Руската специјална воена операција во Украина го соочи светот со уште еден извор на инфлациски притисок. За да ги спроведе санкциите против Русија, Западот мора да го намали или запре купувањето руска нафта и гас. Тоа значи дека релативната цена на фосилните горива мора да се зголеми, што подразбира зголемување на цените во целина. Во ова сценарио ќе има динамика кон поголема инфлација што ќе ги поттикне трошоците, што е болен, но можеби неопходен избор за Западот да ја казни Русија.
Нуклеарната војна има тенденција да се разгледува надвор од доменот на можностите, бидејќи би резултирала со целосно уништување и на Русија и на САД. Но ова има ефект на зголемување на употребата на конвенционално оружје, што е случај на она што американскиот политиколог Глен Снајдер го нарече „парадокс на стабилност и нестабилност“ на меѓусебно уништување. Со започнувањето на својата специјална воена операција во Украина, Русија целосно го искористи овој парадокс. Конфликтот веројатно ќе продолжи, но ако западната политика за одвраќање сака да ги намали човечките жртви, на светско ниво ќе треба да се издржи ударот по понудата и побарувачката. Тоа значи дека уште некое време ќе се чувствуваат ефектите од повисоките цени на енергијата и повисоката инфлација.
Коичи Хамада е почесен професор на универзитетот „Јејл“