Можеби се чини дека дипломатијата тешко оди во однос на решавањето на конфликтот во Украина, но многу е полоша алтернативата, како што е продолжување на борбите, со можност за географско проширување и/или зголемена смртност
Ако историјата нешто нè учи, тоа е дека завршувањето на конфликтите е многу потешко отколку нивното започнување. Ова, несомнено, важи за актуелната руска воена операција во Украина, која започна кон крајот на февруари годинава. Како може да му се стави крај на овој конфликт? Постојат четири широки алтернативи на кои би можеле да влијаат или рускиот и украинскиот лидер, или светската заедница: (1) едната страна ѝ наметнува решавачки воен пораз на другата и диктира повоен аранжман што ги поддржува нејзините интереси; (2) се развива долгорочен воен ќор-сокак, со постепено ангажирање на силите и растечки број на жртви, што доведува до притисок за дипломатско решение; (3) ескалацијата драматично го менува карактерот на конфликтот – хоризонтална ескалација (се шири во повеќе земји) или вертикална ескалација (употреба на оружје за масовно уништување); или (4) истовремена криза избувнува на друго место во светот, што вклучува клучен интерес за САД и меѓународната заедница.
Првата опција, односно целосна капитулација на едната и одлучувачка победа на другата страна, во овој момент изгледа неверојатна. НАТО може да продолжи да обезбедува оружје во Украина на неодредено време, а дипломатската изолација на Русија не придонесува во однос на надворешната поддршка. Украина, сепак, веројатно нема да може да ѝ наметне одлучувачка победа на Русија, која би вклучила и протерување на организираните руски воени сили од целата украинска територија.
Затоа, произлегува дека втората опција за долготраен конфликт, проследен со договор за прекин на огнот и мирно решение, се чини поверојатна од целосна победа или пораз за која било страна. Меѓутоа, за да стане реална оваа опција, вештата дипломатија мора да влезе во равенката на НАТО, Русија, Украина и ефективни меѓународни посредници. Досега дипломатијата беше во втор план.
Сепак, борбите ќе продолжат, доколку и додека борците и пошироката меѓународна заедница не ја сфатат сериозно дипломатијата. Првата цел на дипломатската размена меѓу Украина, Русија, НАТО и соодветните учесници во дијалогот треба да биде постигнување договор за прекин на огнот. Втората цел на дипломатијата треба да биде постигнување договор за политичките и воените исходи прифатливи за НАТО, Русија и Украина.
Третата опција би влегла во игра доколку која било страна го ескалира конфликтот со проширување на борбите во повеќе земји или со воведување оружје за масовно уништување на бојното поле. Конфликтот тогаш би станал меѓу НАТО и Русија, од кој само еден дел би била состојбата во Украина. Предизвикот за НАТО би бил да го одржи своето политичко единство и колективен договор за воена стратегија во услови на продолжени борби со конвенционално оружје со долг дострел.
Претпоставувајќи дека третата опција може да се избегне, четвртата претставува уште едно потенцијално нарушување на напорите за ставање крај на конфликтот во Украина под услови прифатливи и за Украина и за Русија. Кинески потег против Тајван со потенцијал да наметне промена на режимот ќе создаде втора голема криза за американските политичари и нивните воени советници. Очигледно, американските воени капацитети овозможуваат управување со повеќе од еден регионален воен предизвик истовремено. Но степенот до кој би можеле американските политичари да го фокусираат своето внимание на одвраќање или поразување на Кина, додека ги водат напорите на НАТО да ја одбрани Украина од Русија, зависи од тоа колку далеку се подготвени да одат и Кина и Русија во нивните соодветни планови.
Како заклучок, може да изгледа дека дипломатијата тешко оди во однос на решавањето на конфликтот во Украина. Но полоша е алтернативата за продолжување на борбата со можноста за географско проширување и/или зголемена смртност. Ако Кина и Русија истовремено ги спроведат своите планови, тогаш сè е можно.
Автори: Стивен Симбала е истакнат професор по политички науки на Државниот универзитет во Пенсилванија. Лоренс Корб е истакнат
соработник во Центарот за американски напредок и поранешен американски помошник-секретар за одбрана