Како да се спречи должничка катастрофа во земјите во развој

Рекордниот раст на цените на храната и енергентите, заедно со зголемувањето на распонот на суверените обврзници, ги стави под голем притисок билансите на состојбите во новите пазари и економиите во развој. За да се избегне катастрофа, меѓународната заедница мора итно да поддржи поголемо преструктурирање на долгот

Светската житница е уништена од конфликтот. Украина и Русија заедно сочинуваат 30 отсто од светскиот извоз на пченица и јачмен, а тие се водечки извозници на друго жито. Двете земји, исто така, се извор на речиси 70 отсто од светскиот извоз на сончогледово масло, додека Русија сочинува 13 отсто од целиот извоз на сурова нафта. Додека продолжува конфликтот во Украина и ескалираат санкциите кон Русија, цените на храната и енергијата, кои растеа уште пред конфликтот, се зголемуваат во земјите далеку од првите линии на фронтот, со катастрофални импликации за сиромашните во светот. Украинскиот конфликт предизвикува два различни ефекти врз пазарите на храна. Прво, тој предизвика зголемување на цените. Само минатиот месец светските цени на пченицата се зголемија за речиси 20 отсто. Овој тренд ќе се влоши со вториот ефект: веројатниот недостиг од резерви на храна и земјоделско производство од Русија и од Украина.
Од почетокот на конфликтот, украинските земјоделци немаат пристап до клучните ресурси, од ѓубриво до гориво, а да не зборуваме за соочувањето со несигурност и насилство. Со брзото приближување на сезоната на садење пченица, постои добра причина да се очекува значително намален принос. Имајќи предвид дека Русија е водечки извозник на ѓубрива, приносите на другите производители исто така може да страдаат. Дури и снабдувањето што е достапно нема нужно да стигне до земјите на кои им е потребно. Затворањето на пристаништата и другите транспортни бариери го попречи украинскиот извоз, додека санкциите кон Русија се закануваат да ги попречат нејзините трговски активности. За земјите што увезуваат директно од Русија и од Украина се веројатни сериозни нарушувања во снабдувањето со храна, бидејќи ќе биде тешко брзо да се обезбедат замени од алтернативни доставувачи. Во меѓувреме, цените на нафтата и гасот нагло пораснаа.

На крајот на краиштата, сиромашните во светот, од кои 70 отсто живеат во Африка, ќе го претрпат најголемиот дел од овие шокови. Бегалците низ Африка и Блискиот Исток, како и луѓето во постконфликтните или земјите погодени од конфликти, се особено ранливи. Но во секоја земја со ниски приходи, трошоците за енергија и храна сочинуваат најмалку половина од вкупните расходи за повеќето домаќинства, што значи дека сегашната криза може добро да ја зголеми светската сиромаштија.
Владите реагираат на оваа нова криза со комбинација на политики, а земјите со универзални потрошувачки субвенции или контрола на цените веќе ги спроведуваат. Други спроведуваат насочени субвенции, вклучувајќи и парични трансфери, за да ги поддржат своите најранливи граѓани. Напорите да се зајакне безбедноста на храната дома, исто така, доведоа до ограничувања на извозот на храна. И земјите со стратегиски резерви на храна би можеле да ги распоредат, иако многу веќе ги исцрпија своите резерви. Сите овие шеми имаат своја цена. Забраните за извоз на храна се закануваат да ги зголемат меѓународните цени и да ги ослабат стимулациите на локалните производители. И трансферите на готовина може да се покажат скапи, особено ако приватните компании имаат олигополска моќ. Во услови на нефлексибилна побарувачка за храна, овие фирми може да одлучат да ги зголемат цените над меѓународните пазарни стапки.
Но можеби единствениот најдобар начин да се заштитат луѓето од сиромаштија и несигурност во храната е да се изгради поинклузивен и поефикасен систем за социјална заштита. Проблемот е што на повеќето економии и пазари во развој им недостига потребниот фискален простор, особено по пандемијата на ковид-19. Дури и земјите што имаат корист од повисоките цени во една област, во голема мера страдаат од повисоки цени во друга. Земјите извознички на нафта, како што се оние на Блискиот Исток и Северна Африка, во голема мера зависат од увозот на храна. Слично на тоа, главните извозници на храна имаат тенденција да зависат од увозот на енергија, оставајќи ги со малку придобивки од зголемувањето на цените на храната. Земјите што се нето-увозници и на храна и на енергија се во најтешка позиција. Нивните надворешни дефицити сега ќе се прошират, а нивните веќе покачени нивоа на долг дополнително ќе се зголемат – тренд што ќе го влоши понискиот раст на светскиот БДП.

Јавниот долг е двојно зголемен за многу економии и пазари во развој. За разлика од напредните економии, овие земји обично не можат да позајмуваат во свои валути. Да биде уште полошо, се очекува американските Федерални резерви да го забрзаат зголемувањето на каматните стапки, а со тоа да ги заострат светските финансиски услови. Како резултат на тоа, трошоците за позајмување за економиите и пазарите во развој ќе се зголемат, што потенцијално ќе предизвика платежни и должнички кризи.
За да се избегне катастрофа, меѓународната заедница треба да ја зголеми финансиската поддршка за ранливите земји. Во исто време, светот мора итно да поддржи многу похрабро преструктурирање на долгот за економиите и пазарите во развој. Заедничката рамка за третман на долгови на Г20 досега не даде поттик за должниците и доверителите да се впуштат во преструктурирање на долгот. Повикувањето на виша сила што Комисијата за меѓународно право на Обединетите нации го дефинира како непредвиден или предвиден, но неизбежен настан, што го оневозможува должникот да ги исполни своите обврски, може да помогне овде, со тоа што ќе го спречи задржувањето на доверителите. Во спротивно, поголемиот дел од ресурсите на земјите во развој, вклучувајќи ја и секоја меѓународна финансиска поддршка што ја добиваат, може да заврши во џебовите на странските сопственици на обврзници.

Автори: Раба Арески е постар соработник на школата „Кенеди“ на „Харвард“. Махмуд Мохилдин е специјален пратеник на ООН за финансирање на агендата за одржлив развој до 2030 година.