Сега стана очигледно тоа што посиромашните држави се фатени во финансиско менгеме што не е по нивна мера. Западот, предводен од САД, мора на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка да им ги обезбеди потребните алатки за да ги стабилизираат посиромашните економии што претрпеа удар од скокот на цените на енергентите и храната, пандемијата на ковид-19 и климатските промени
Во светската економија наскоро се очекуваат турбуленции, а на Западот му треба Америка да помогне. Исто како што долгогодишните сојузници на НАТО ѝ помагаат на Украина, потребни се старите сојузници од бретонвудскиот систем за да го постигнат мирот. Затоа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светската банка ќе треба да им се обезбедат алатки за да ги стабилизираат посиромашните земји што се најдоа на удар од скокот на цените на енергентите и храната, предизвикан од конфликтот, ковид-19 и климатските промени.
Кон крајот на Втората светска војна, мудрите Американци знаеја дека просперитетот е најдобриот гарант за мирот и за континуираното влијание на САД. Кога делегатите од 44 земји се состанаа во Бретон Вудс, Њу Хемпшир, за да го планираат повоениот меѓународен финансиски систем, американскиот претседател Франклин Рузвелт зборуваше во име на многумина кога изјави дека „економската благосостојба на секоја земја треба да ги засега сите нејзини блиски и далечни соседи“. Заедно со европските сојузници, САД ги создадоа Светската банка и ММФ, а потоа и Маршаловиот план за обнова на западните економии.
На светот денес повторно му треба слично визионерско лидерство. На крајот на краиштата, економското нарушување предизвикано од пандемијата турна дури 124 милиони луѓе низ светот во екстремна сиромаштија, што е првиот пораст на светската сиромаштија во овој век. Според Светската банка, дури десетина економии во развој можеби нема да можат да ги намират своите долгови во наредните месеци. Со инвестирање во програми за справување со ковид-19, овие земји го исцрпија својот капацитет за задолжување и сега се соочуваат со нагло зголемување на каматните стапки, додека Западот го одмотува монетарниот стимул од последните години. Инвазијата во Украина значи дека нивните влади, исто така, се соочуваат со нови барања за заштита на граѓаните од зголемените цени на пченицата, пченката и енергијата. ОЕЦД неодамна објави дека цените на пченицата се зголемиле за над 80, а на пченката повеќе од 40 отсто од нивниот просек во јануари 2022 година, додека цената на нафтата е двојно зголемена од минатата година.
Без помош, многу економии може да пропаднат, со непредвидливи последици. Додека конкуренцијата на големите сили повторно го дели светот, Западот не може да си дозволи да се засилат ризиците од нестабилност поттикната од инфлацијата. Но слушнавме и дека американските лидери ја научиле лекцијата од историјата. САД не можат да ја бранат татковината стоејќи на гол-линијата, напротив, мора да се вклучат во акција.
Сепак, среде денешната криза, Америка ризикува да го отстапи теренот со неуспехот да ги прошири институциите што помогна да се создадат во 1944 година. Новиот фонд на ММФ за издржливост и одржливост (РСТ), кој извршниот одбор на фондот го одобри на 13 април, има цел да помогне во рециклирањето на 650 милијарди долари во нови специјални права на влечење (СДР, пресметковна единица на ММФ) доделени на акционерите на фондот минатата година. Создадени од ММФ во 1969 година и првично врзани за злато, СДР може да ги дополнат резервите на земјите-членки. Тие им даваат на владите клучен простор за прераспределба на средствата или размена за валути, вклучувајќи и долари.
САД предложија да донираат 21 милијарда американски долари од распределбата на СДР на ММФ за нивниот фонд за намалување на сиромаштијата и раст и новиот РСТ. Но конечниот буџет усвоен од Конгресот не го вклучуваше потребниот јазик што го овластуваше американското министерство за финансии да дејствува. Оваа одредба беше вклучена повторно во буџетот што неодамна го претстави администрацијата на претседателот Џо Бајден. Пријателите и сојузниците на Америка треба да го повикаат Конгресот да даде зелено светло.
Природата на СДР ги спречува САД да ги користат нив за домашните трошоци. Спротивно на она што го велат некои американски политичари, СДР не можат да се користат од непријателските актери како некаква „подарок картичка“, бидејќи СДР немаат вредност ако не се заменат за нешто корисно како долари, евра или јуани. Тоа е нешто што ниту Америка, ниту Европа, ниту Кина нема да го издржат за овие земји. Но Америка и нејзините сојузници можат да ги дадат своите СДР на новите трустови на ММФ, кои потоа можат да ги распоредат средствата за давање заеми на земјите што Западот сака да ги поддржи. Здружувањето на СДР на овој начин во голема мера ќе ги поттикне американските инвестиции, а со тоа ќе обезбеди значителни нови средства за да помогне во стабилизирањето на ранливите сојузници на САД во светот во развој и да се финансираат клучни инвестиции во нивната енергетска независност со ниска потрошувачка на јаглерод. Поопшто, ваквата иницијатива ќе даде светол пример за американското лидерство.
Сè уште не сум сретнал американски политичар што сака Кина да стане последна инстанца за кредити на светот во развој. Речиси 40 отсто од исплатите на долговите на сиромашните земји оваа година веќе се должат на кинески ентитети. Тој удел сигурно ќе се зголеми доколку бретонвудските институции немаат капацитет на прво место да спречат да се појават проблеми со долгот. Сега ни треба повторно создавање и обновување на повоениот поредок. Само американското раководство може да се погрижи да се случи тоа.
Автор: Лијам Бирн е член на британскиот парламент и претседател на светската Парламентарна мрежа на Светската банка и ММФ