Денешниот бран на инфлацијата го чувствуваат не само напредните економии туку и поголемиот дел од пазарите и економиите во развој. Иако нејзините причини се различни во разни земји, сепак задачата за решавање на проблемот на крајот ќе падне на товар на големите централни банки
Инфлацијата се врати побрзо, позабележително и се покажа како потврдоглава и поупорна отколку што првичното сметаа големите централни банки. По првичната актуелност во американските медиуми, проблемот стана централен дел на политичките дискусии во многу други напредни економии. Во 15 од 34 земји класифицирани како напредни економии според светските економски прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), 12-месечната инфлација до декември 2021 година изнесуваше над пет отсто. Ваков ненадеен, општ скок на високата инфлација не е забележан повеќе од 20 години. Меѓутоа, инфлацискиот бран не е присутен само кај богатите земји. Пазарите и економиите во развој беа погодени од сличен бран, при што 78 од 109 од нив исто така се соочуваат со годишни стапки на инфлација над пет отсто. Нивниот удел (71 отсто) е речиси двојно поголем отколку што беше на крајот на 2020 година. Така, инфлацијата стана речиси светски проблем, со тоа што Азија досега е имуна.
Примарните двигатели на скокот на инфлацијата не се исти во сите земји, особено кога се споредуваат напредните економии и пазарите и економиите во развој. Дијагнозите за „прегревање“ на економијата не важат многу за пазарите и економиите во развој, каде што фискалниот и монетарниот стимул како одговор на ковид-19 беа ограничени, и каде што економското закрепнување во 2021 година заостана многу зад брзата обнова во напредните економии. Згора на тоа, плановите за обнова по падот на економијата како последица на пандемијата значително се разликуваат меѓу земјите според приходните групи, при што закрепнувањето се дефинира како враќање на економијата на претпандемиски нивоа на приходи по жител. Околу 41 отсто од напредните економии со високи приходи го исполнија тој праг на крајот на 2021 година, во споредба со 28 отсто од пазарите и економиите во развој со средни приходи и само 23 отсто од земјите со ниски приходи.
Но разликата помеѓу напредните и економиите во развој е уште поголема отколку што сугерира оваа споредба, бидејќи голем дел од вторите веќе доживеаја пад на приходите по жител пред пандемијата, додека напредните економии главно достигнуваа нови највисоки нивоа. И покрај тоа што многу пазари и економии во развој ги намалија своите процени за потенцијалното производство во текот на изминатите две години, многу малку сугерира на тоа дека нивните инфлациски притисоци се примарно поттикнати од прегревање на економијата како последица на значајните политички стимулации.
Еден развој што е заеднички за напредните и економиите во развој е зголемувањето на цените на стоките заедно со зголемената светска побарувачка. Од јануари 2022 година, цените на нафтата се зголемија за 77 отсто од нивното ниво во декември 2020 година. Друго големо прашање што влијае еднакво на напредните и на економиите во развој се светските синџири на снабдување, кои продолжуваат да бидат сериозно погодени од настаните од изминатите две години. Трошоците за транспорт вртоглаво пораснаа. За разлика од претходните, шоковите во снабдувањето како резултат на ковид-19 се поразновидни и нетранспарентни, а со тоа и понеизвесни, како што се нагласува во најновите светски економски прогнози на Светската банка.
Во пазарите и економиите во развој, депрецијацијата на валутата (поради помалите приливи на странски капитал и намалувањето на државниот кредитен рејтинг) придонесе за инфлацијата кај увезените стоки. Бидејќи очекувањата за инфлација кај нив се помалку стабилни и повеќе се приспособуваат на движењата на валутите отколку во напредните економии, преминот од девизните курсеви до цените има тенденција да биде побрз и поизразен.
Друг важен фактор е инфлацијата на цената на храната. Во текот на 2021 година, 12-месечните зголемувања на цените на храната надминаа пет отсто во 79 отсто (86 од 109) од пазарите и економиите во развој. Иако напредните економии не останаа имуни на зголемувањето на цените на храната, само 27 отсто од нив доживеаја покачување на цените над пет отсто. Уште полошо, инфлацијата на цените на храната, исто така, генерално ги погодува особено тешко земјите (и домаќинствата) со пониски приходи, што ја прави еднаква на регресивен данок. Храната зазема многу поголем удел во просечната потрошувачка на домаќинствата во пазарите и економиите во развој, што значи дека инфлацијата таму најверојатно ќе биде постојана. Денешните повисоки цени на енергијата ќе се претворат директно во повисоки цени на храната. Иако повеќето пазари и економии во развој веќе немаат фиксни девизни курсеви, просторот за „вистински независна“ монетарна политика во малите отворени економии останува ограничен, и покрај променливите девизни курсеви.
Впрочем, најистакнатата карактеристика на денешната инфлација е нејзината сеприсутност. Во отсуство на опции за светска политика за решавање на нарушувањата во синџирот на снабдување, задачата за справување со инфлацијата е препуштена на главните централни банки. Додека САД се подготвени да претрпат скромно затегнување (според историски стандарди) во 2022 година, тоа веројатно нема да биде доволно за да го заузди растот на цените. Секако, понавремениот и посилен политички одговор од големите централни банки нема да биде добра вест на краток рок за пазарите и економиите во развој. Повеќето би искусиле повисоки трошоци за финансирање, а должничките кризи би можеле да станат значително поверојатни за некои. Сепак, долгорочните штети од одложување на акцијата би биле поголеми, ако се повикаме на старата поговорка „подобро да се спречи отколку да се лечи“. Во меѓувреме, оживувањето на инфлацијата ќе продолжи да ја зајакнува нееднаквоста, еднакво во и меѓу земјите.
Кармен М. Рајнхарт е главна економистка во Светската банка. Клеменс Граф фон Лукнер е економист во Светската банка.