Во современата литература поимот дипломатија најчесто се одредува односно се поврзува со грчкиот збор диплома, што значи формално посредување во меѓусебното комуницирање помеѓу државите, односно одредби и правила што важат во тој поглед. Но дипломатијата е „grosso modo“ водење на политиката на една или повеќе држави. Гледано низ историската призма, може да се види дека таа потекнува од многу одамна. На Далечниот Исток, тогашните владетели склучувале меѓусебни сојузи за да војуваат со трет владетел. Плодовите од војната подоцна меѓусебно ги делеле, од што се заклучува дека првичните сојузи биле дело на заеднички интерес.
Целта на овие дипломати била да ги решаваат меѓусебните државни прашања по пат на преговарање, компромиси, размени на територија, склучување сојузи и слично, а притоа насилството и употребата на војската да бидат во втор план.
Далечниот Исток градел систем на монархија со теократски општествен политички систем, а во другите развиени цивилизации во тоа време, на пример Грција, се темелел системот на мали градови полиси со суверена власт. Ваквите различни општествени системи имале потреба од меѓусебно комуницирање во поглед на нормирање на сопствените цивилизациски граници, па, така, се јавила потребата од унификација на дипломатијата, што претставувало чекор кон меѓународната дипломатија.
Кога станува збор за меѓународната дипломатија, иако во суштина за тоа не може да се говори во античко време, таа по одредени мотиви што ја карактеризираат може да се забележи уште за време на македонската империја. Македонската империја ги потчинила грчките градови или држави со воени и дипломатски средства. Дипломатската победа се реализирала со поткупување на дипломатскиот систем на Грција, креирање потсојузи во нестабилните сојузнички државички, креирање заеднички помоќен непријател, демонизирање трета страна и кревање востанија внатре во непријателските редови.
Дипломатија на меѓународната сцена значи раководење во меѓународните односи преку преговарање, односно спроведување на соработката на односите меѓу државите со мирољубиви средства, односно тоа претставува процес на транснационална комуникација меѓу политичките елити на светската политичка арена. За почетоците на поновата дипломатија несомнено треба да се направи ретроспектива на почетокот на минатиот век, во периодот кога на европскиот континент државите своето геопозиционирање и економски развој ги темелеле врз основа на воената моќ. Истовремено, Америка својата економска моќ ја темелела на интензивни дипломатски активности со поединечни европски земји, градејќи неформални економско-воени сојузи, кои подоцна еволуирале во стратегиски партнерства.
Овие сојузи и дипломатски спреги биле со европските земји засновани врз принципот на национален општествен систем. Значаен придонес за почетоците на современата дипломатија дале двајца поранешни американски претседатели, Теодор Рузвелт и Вудро Вилсон.
Имено, претседателот Теодор Рузвелт се залагал за доминација на Америка на меѓународната политичка сцена заради зачувување на националните интереси, додека, пак, Вудро Вилсон се залагал за она што денес се нарекува „democracy export“, прокламирање на сопствените идеи и создавање и извоз на култура по сопствен терк, тоа што денес се нарекува западна култура. Наедно се залагал за основање друштво на народите каде што мирот ќе се одржува врз база на колективна безбедност, а не како дотогаш врз база на сојузништво. Треба да се спомене дека во тој период, додека европските држави се занимавале со сопствен престиж и доминација во помалите земји, Америка, која природно граничеше со океан од европските земји, имаше време да се консолидира и создаде држава што не била оптоварена со стари проблеми и политички недоразбирања што можат да го доведат во прашање сопствениот опстанок. Младата држава имаше природна предност поради тоа што немаше потреба од инволвирање во меѓусебните проблеми на европските држави.
Според Грахам Алисон, професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“, забележителна е тајната дипломатија што ја водат САД со Северна Кореја. Професорот Алисон смета дека историјата покажува дека тајната дипломатија речиси секогаш резултира со успех за страните што ја водат. Причината за тоа е што самиот преговарачки процес не е обременет од критиките на јавноста или некои други актери чии интереси се засегнати од преговарачкиот процес.
Тајната дипломатија опфаќа мултилатерална комуникација со сите државни или недржавни актери, формални и неформални средби и сл. Како еклатантен пример беше тајната дипломатија на Западот со либискиот претседател Гадафи. Иако либискиот претседател Гадафи беше прогласен за диктатор и промотор на државен тероризам, тоа воопшто не му пречеше на тогашниот британски премиер Тони Блер да води неформална дипломатија со него, а притоа дипломатијата не беше окарактеризирана или осудена како тајна дипломатија. Етаблирањето на јавната дипломатија во современите односи е прифатено речиси од сите поголеми организации, кои, благодарение на неа, многу полесно ги постигнуваат целите дури и кога се прекршува меѓународното право.
Кога станува збор за случајот со Северна Кореја, треба да се спомене дека само за неколку месеци се видоизмени целокупната ситуација. Имено, пред една година севернокорејскиот претседател започна воени игри, при што тестираше неколку нуклеарни проектили во меѓународните води. Тоа наиде на остра реакција од целиот свет, вклучувајќи ги и Русија и Кина. САД го делегираа проблемот на Кина за да го „зауздат“ младиот воинствен претседател. Очигледни беа напорите на Кина за промена на воинствената реторика и почеток на интензивни преговори со јужниот сосед. Примената на мека дипломатија од страна на Кина резултира со почеток на мировни преговори, како и склучување голем број билатерални договори меѓу двата соседа. Истовремено, првпат во поновата историја претседател на Северна Кореја ја посети Јужна Кореја. Наскоро ќе следува и историската средба помеѓу американскиот претседател и севернокорејскиот претседател. Секако дека од тајните преговори што беа увертира за официјалната дипломатија, некои од инволвираните актери дебело профитираа од тоа. Најмногу Кина. Затоа што најверојатно од ова посредништво добро ќе се офајди преку низа отстапки на полето на економијата. САД ќе изгасат (барем привремено) едно навистина горливо прашање, Јужна Кореја ќе воздивне од децениската напнатост, додека светската јавност ќе се смири од стравот за можноста од нова светска војна.