Додека НАТО одбележува 70 години од основањето, сојузот се соочува со уникатна криза во својата историја. Турција, членка на НАТО од 1952 година, склучи договор за купување систем за противвоздушна одбрана „с-400“ од Русија. Ако продолжи продажбата, иднината на членството на Турција во НАТО и нејзините пошироки врски со Западот ќе бидат доведени во прашање.
И покрај предупредувањата од САД и од НАТО, Турција засега е решена да продолжи со купопродажбата на „с-400“. Тоа, за возврат, предизвика повеќе опасни закани од САД. Официјалните изјави укажуваат на тоа дека Турција може да се соочи со санкции на повеќе фронтови.
На пример, четири американски сенатори од двете партии во март поднесоа нацрт-закон со кој би се ставило крај на учеството на Турција во програмата за испорака на авиони „ф-35“, ако го спроведе договорот. Со оглед на чувствителноста на воените технологии на НАТО воопшто, во иднина може да се нарушат и многу други канали за набавки од сферата на одбраната, како и по општата соработка меѓу САД и Турција. Всушност, односите на Турција со Русија би можеле дури и да ги поттикнат САД да ѝ воведат санкции на Анкара пошироко од одбранбениот сектор, пред сѐ во нејзината ранлива финансиска индустрија, во согласност со Законот за справување со американските ривали преку санкции.
Таквите мерки несомнено ќе ги влошат тензиите што со години Турција ги градеше со САД и со НАТО. Но и покрај жестоката реторика од двете страни, сѐ уште има време за креативни решенија. Во 2015 година, Турција откажа сличен договор со Кина за ракетниот систем „хунци-9“ и, наместо тоа, одлучи да соработува со италијанско-францускиот производител „Еуросам“. Значи, нема ништо што ја спречува Турција да го смени договорот за „с-400“ додека сѐ уште ги спроведува другите договори со Русија.
Но дури и ако може да се најде празнина, таа нема да го реши подлабокото прашање. Спорот околу „с-400“ е само последниот пример за тоа како прашањата за воени набавки создадоа несогласувања меѓу Турција и нејзините западни сојузници. Според гледиштето на Турција, нејзините западни партнери не направиле доволно, преку трансфер на технологии и програми за заедничко производство, да одговорат на нејзината зголемена одбранбена индустрија. Спротивно на тоа, кинеските и, во помала мера, руските фирми, биле поприфатливи за таквите турски барања, како дел од воените набавки.
Домашните интереси на одбранбената индустрија се само дел од приказната. Пошироко, Турција и Западот се соочуваат со политичко, стратегиско и геополитичко одвојување, кое неодамна се одрази на различните перцепции на заканите и сојузите во сирискиот конфликт. Како регионална сила, Турција сѐ повеќе чувствува анксиозност во однос на својот статус наспроти Западот. Додека нејзиното членство во НАТО стана извор на постојан конфликт, нејзините шанси за пристапување кон Европската Унија целосно исчезнаа. Како резултат на тоа, Турција и нејзините западни партнери почнаа да го доведуваат во прашање местото на земјата во западниот клуб.
Дополнително, кризата со геополитичкиот идентитет во Турција се совпадна со прекинот во безбедносната рамка по Студената војна, која секогаш се потпираше на партнерството меѓу Европа и САД. Додека обврските на Америка кон сојузниците се доведуваат во прашање, Турција ги штити своите геополитички цели и бара поголема стратегиска автономија во однос на нејзините надворешни и безбедносни политики.
Проблемот е што нема добри алтернативи. Со економија приближно голема колку таа на Италија, Русија не може да го замени Западот како економски и трговски партнер на Турција. И покрај заедничкото незадоволство кон Западот и воената соработка во Сирија, малку други нешта ги обединуваат Турција и Русија. Не се компатибилни ниту нивните геополитички аспирации ниту нивните регионални сојузи, при што секој со векови ја меркаше територијата на другиот.
Во секој случај, Турција може да продолжи со подлабоко партнерство со Русија. Од втората половина на 2016 година, соработката со Кремљ ѝ даде на Турција стратегиска предност во Сирија, каде што формираше своја контролна зона по должината на западниот брег на реката Еуфрат. Но сега, кога проблемот со „с-400“ исплива на површина, она што претходно беше стратегиска предност брзо се претвори во непотребен товар.
Во овој момент, Турција нема бесплатни опции. Додека инсистира да продолжи со договорот за „с-400“, нејзината соработка со Русија го јакне незадоволството, кое дополнително ќе ескалира ако САД и другите членки на НАТО ѝ воведат санкции. Турскиот обид за балансирање меѓу различни центри на моќ е еднакво неодржлив како и нејзиниот обид за помирување на членството во НАТО со потрагата по стратегиска автономија. Порано или подоцна, Турција ќе заглави меѓу бившите сојузништва и новите кревки партнерства. Кога тоа ќе се случи, таа нема да може да смета на кој било од нив.
Авторот е истражувач на Оксфорд и бивш член на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања