По речиси 18 месеци на меѓусебни зголемувања на тарифите, САД и Кина постигнаа договор Фаза еден, за да почнат да ја деескалираат нивната трговска војна. Како дел од договорот, американскиот претседател Доналд Трамп го откажа дополнителното зголемување на тарифите за кинеските производи, кое требаше да стапи во сила на 15 декември, и ги преполови тарифите од 15 отсто за увозот од Кина, во вредност од 120 милијарди долари. Од друга страна, Кина ги преполови своите контрамерки и се обврза да увезе земјоделски производи од САД, во вредност од 50 милијарди долари, во наредните две години.
Но ветената деескалација не треба да се преценува. За почеток, не е јасно како Кина ќе ја испочитува обврската за увоз без да го прекрши принципот на Светската трговска организација за недискриминација помеѓу трговските партнери. Покрај тоа, американските царини од 25 отсто за кинески производи, во вредност од 250 милијарди долари, и понатаму се во сила, додека, пак, понатамошните намалувања се поврзани со напредокот во идните трговски преговори. Всушност, актуелниот договор решава само некои од поплаките за трговијата на американската влада против Кина, а нејзините други барања ќе бидат многу потешки за решавање. Општо земено, Вашингтон бара од кинеските власти да преземат чекори за намалување на билатералниот трговски суфицит на нивната земја со САД, да престанат со „валутната манипулација, да ја прекинат кражбата на авторските права, да се воздржат од понатамошен изнуден трансфер на технологија, да ги запре субвенциите за државните компании и да прекине со преземањето американски компании преку државно спонзорирани инвестиции“.
Ако ова беа преговори, разумно е да се праша што бараат за возврат кинеските власти од САД, во замена за нивните чекори во овие области. Но ова не се преговори: администрацијата на Трамп ѝ достави на Кина комплет со барања, кои, ако не бидат исполнети, ќе резултираат со „казна“. Има три големи проблеми со американските барања. Прво, некои од нив се концептуално погрешни. Второ, во глобалниот трговски систем, билатералните акции често резултираат само со прередување помеѓу трговските партнери. Трето, не е јасно што би можела да направи кинеската влада за да задоволи некои од американските барања.
За почеток, барањето Кина да го елиминира својот билатерален трговски суфицит со САД е погрешно. Нема причина зошто воопшто би биле важни трговските биланси за стоката. Покрај тоа, трговијата со услуги е исто толку важна. Извезувањето финансиски услуги речиси сигурно е економски поисплатливо од, на пример, извезувањето јаглен. Уште повеќе, некои земји нудат многу поисплатливи инвестициски можности во однос на другите земји. Жителите на земјите со помалку атрактивни можности имаат корист од купување капитал онаму каде што добивката е повисока, а овие инвестиции се финансирани од актуелниот дебаланс на салдото. Дури и тогаш, билатералните баланси не се важни. Актуелниот баланс на салдото е разликата помеѓу домашните инвестиции и домашните заштеди (во приватниот и во јавниот сектор), а дефицитот на САД е глобален: ако некоја земја го намали својот суфицит со Америка, тогаш американската економија едноставно ќе ги нагоди и увозот и извозот.
Американското барање во однос на валутната манипулација рефлектира слична грешка. Очигледната намера е да се намали американскиот трговски дефицит со Кина, но сѐ додека не се промени американскиот баланс помеѓу заштедите и инвестициите, тоа нема да се случи. Американскиот закон пропишува три критериуми за идентификување валутна манипулација од трговскиот партнер: глобален суфицит на салдото од над три отсто од БДП, постојани интервенции за купување девизи и продажба на домашната валута, и билатерален трговски суфицит со САД од над 20 милијарди долари. Бидејќи Кина сега го исполнува само третиот критериум, таа, во согласност со американскиот закон, не е валутен манипулатор (тоа сепак не ја спречи администрацијата на Трамп во август да ја нарече Кина валутен манипулатор).
Другите цели на САД – во однос на кражбата на интелектуалната сопственост, трансферот на технологии, субвенции за државните компании, и инвестициски барања – може задоволително да се исполнат само на мултилатерално ниво. Како и другите членки на СТО, САД може да поднесат жалба кога веруваат дека трговскиот партнер не ги почитува правилата на СТО (кои може да бидат засилени). Но администрацијата на Трамп поднесе само две жалби против Кина, и покрај фактот дека САД претходно победија во 91 отсто од случаите изнесени пред СТО, и покрај тоа што кинеските власти имаат добро досие за измена на нивните практики кога панелите на СТО пресудиле против нив.
Кога правилата на СТО не покриваат некој посебен случај, членките би требало да бараат да ги променат. Покрај тоа, другите големи трговски партнери на САД – првенствено Канада, ЕУ и Јапонија – се пожалија за повеќе од истите практики на Кина. Ако САД ги обединија силите со нив, тогаш тие би имале многу поголема преговарачка моќ кон Кина, отколку што Америка поединечно би имала. Но наместо да ја користи СТО, администрацијата на Трамп ја поткопува, со блокирање на именувањето на нови судии во Телото за решавање спорови (ТРС) на организацијата. Ова тело би требало да има седум именувани членови, од кои три мора да бидат од некои од панелите што разгледуваат случаи. Но поради тоа што САД постојано става вето на кандидатите за замена на судиите, на кои им истече мандатот, ТРС сега има само еден член, и поради тоа не може повеќе да функционира. Иако ТРС може да биде направено уште поефикасно, тоа беше многу корисно во решавањето спорови и во спречувањето трговски војни. Демонтирањето на целиот процес е бесмислено.
Конечно, дури и во однос на валидните поплаки на САД, нема индикации кои промени би ги направила кинеската влада, доколку сака да ја задоволи администрацијата на Трамп. Во интерес на САД и на Кина е да просперира отворениот мултилатерален глобален трговски систем и да го поддржува економскиот пораст низ светот. За жал, мали се изгледите актуелната американска политика да ја постигне таа цел.
Ане Кругер е бивша претседателка на Светската банка и бивша заменик-директорка на ММФ, како и предавачка на универзитетот „Џон Хопкинс“ и на универзитетот „Стенфорд“.