Само пред неколку дена, планираниот самит во Сингапур помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун изгледаше дека виси на конец. Преговорите за одржување на самитот на 12 јуни засега се движат во позитивна насока, но Севернокорејците изразија сомнежи, благодарение на изјавите на членови на администрацијата на Трамп, кои сугерираа дека од Пјонгјанг се очекува да се денуклеаризира, а за возврат доби само ветување за намалување на санкциите.
Севернокорејците исто така се загрижени од коментарите на советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, стариот непријател на Северна Кореја, која никогаш не се воздржуваше од употребата на навредливи зборови и своевремено го нарече „човечко ѓубре“. Во изминатите недели, Болтон посочи дека разговорите со Северна Кореја би можеле да го следат она што тој го нарекува „либиски модел“, лефтерен концепт за земја што едноставно се откажува од својата нуклеарна програма, а малку добива за возврат.
Спротивно на карикатурната приказна на Болтон, поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, всушност, тивко со години преговараше со Европејците и со САД пред да го предаде своето оружје во 2003 година, а за возврат доби безбедносни ветувања и друга помош. Но, уште поголем проблем со пораката на Болтон беше дека, за остатокот од светот, „либискиот модел“ може исто така да се однесува на воздушната кампања на НАТО во 2011 година, која им овозможи на бунтовниците да го соборат режимот на Гадафи. Интервенцијата на НАТО заврши со егзекуцијата на Гадафи, чие безживотно тело се влечеше низ улиците на Сирт. Тоа го виде целиот свет, а особено Севернокорејците.
Што и да мислел Болтон, Трамп брзо ги отфрли неговите изјави, инсистирајќи дека „либискиот модел“ воопшто не бил моделот што неговата администрација го имала на ум кога размислува за Северна Кореја. Сепак, останува да се види што Трамп всушност има на ум за самитот со Ким. Тој во минатото ги осудуваше неговите претходници дека биле измамени кога нуделе олеснување на санкциите против Северна Кореја. Тој мудро ја отфрли можноста за намалување на американските сили во Јужна Кореја како привремен гест. Но, како Трамп планира да го убеди режимот на Ким да се откаже од својот основен идентитет како нуклеарна држава, сè уште е отворено прашање.
Една од тактиките на преговарање на администрацијата на Трамп досега беше да понуди пријателство и пријатни зборови, како што никогаш досега не сме слушнале од американски официјални претставници за лидерите на Северна Кореја.
Кога ја претставував администрацијата на Џорџ В. Буш во шестстраните разговори во 2005 година, добив пишани инструкции да не учествувам на какви било вечери или други социјални ангажмани со Севернокорејците, ниту пак да наздравува со кој било официјален претставник на Северна Кореја. Контактите со севернокорејските официјални лица требаше да се спроведат во присуство на кинески посредници. Но, оваа политика на изнудена љубезност беше повеќе или помалку напуштена за време на подоцнежните рунди на разговори, и добро е да се види дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео, не ги заживеа во досегашните средби со Севернокорејците досега.
На самитот, администрацијата на Трамп најверојатно ќе ја понуди можноста за мировен договор за ставање крај на Корејската војна од 1950 до 1953 година и да ја признае севернокорејската држава. Овој план не е нов. Во заедничката изјава од септември 2005 година за шестстраните разговори конкретно се наведува дека „директно засегнатите страни (читај, не Русија или Јапонија) ќе преговараат за траен мировен договор на Корејскиот Полуостров“, и дека Северна Кореја и САД ќе работат „да го почитуваат меѓусебниот суверенитет, мирно да коегзистираат и да преземат чекори за нормализирање на односите“.
Во тоа време, Кина, укажувајќи на сопственото искуство со САД, предложи САД и Северна Кореја да отворат дипломатски мисии во главните градови. Иако беше потребно повеќе време, на крајот добив овластување од администрацијата на Буш да им ја дадам оваа понуда на Севернокорејците. Тие многу брзо одговорија со: „Не, благодарам“. Слично, тие не покажаа голем интерес за мировниот договор. Како што забележа еден член на нашата делегација составена од претставници на различни агенции: „Се чини еднаш се заинтересирани, а еднаш не се“.
Се разбира, знаеме за што навистина беа заинтересирани Севернокорејците. Поради санкциите, на режимот очајно му требаше тешко гориво за греење. САД и другите учесници во преговорите се согласија да испорачаат гориво во замена за постепено преземаните чекори кон денуклеаризација, кои вклучуваа и деактивирање на нуклеарниот реактор во Јонгбјон. Во дипломатскиот речник од тоа време ова се нарекуваше „акција за акција“.
Конечно, целиот шестстран процес запна на прашањето за верификација, кога Северна Кореја одби на инспекторите да им овозможи пристап до локациите што не беа вклучени во нејзиниот претходен список на декларирани нуклеарни објекти. Како што се приближува самитот, Трамп и неговите советници ќе треба да утврдат дали Севернокорејците сега на прашањето за верификација гледаат малку поинаку или ставот им е ист како и пред десет години.
Ако Трамп може да обезбеди договор заснован на принцип „акција за зборови“, тој навистина ќе ја демонстрира „уметноста на договорот“. Но останува прашањето дали Северна Кореја е сериозна во своите намери?
Авторот е бивш амбасадор на САД во Македонија и бивш помошник-државен секретар на САД за Источна Азија