Во поголемиот дел од светот постои загриженост поради лошите плати за помалку привилегираните и многубројни жртви на расна и родова дискриминација. Иако даночните кредити за самохраните мајки со ниски примања обезбедуваат поддршка и придонесуваат за развој на нивните деца, сепак, се јавуваат знаци на сиромаштија и кај вработените, како што се неисхранетост, лошо здравје и злоупотреба на супстанции.
Помалку се зема предвид тоа што многу работници со ниски плати честопати мораат да одбијат позначајна работа затоа што премалку се исплати. И без „добра работа“ овие работници не можат да имаат „добар живот“. Ваквите исходи, особено во напредните економии, се мрачни знаци дека нешто не е во ред. Проблемот не е во „нееднаквоста“, туку во високиот степен на неправда.
Огромни делови од општеството се многу разочарани од трендот на опаѓање во наградувањето на трудот и претпријатието. Од 70-тите години на минатиот век се забележуваат општ пад на задоволството од работата и практично прекин на растот на реалната плата во САД, а потоа и во Велика Британија, Франција, можеби делови од Германија и некои други земји. Покрај тоа, реалните каматни стапки драстично паднаа дури до точка на исчезнување. Ова се должи на падот на иновативноста. Јасно е дека дел од пропустите во механизмот за човечко задоволство не се соодветно решени.
Додека западните општества работат на обезбедување економска правда, од суштинско значење е тие да го обноват и да го зачуваат широко распространетото искуство на добриот живот. Тоа значи обезбедување значајна работа, како што е онаа на претпријатијата во капитализмот, во која учесниците ги распределуваат своето акумулирано богатство и развиените способности за да воспостават разни индустрии и да инвестираат во разни проекти. За да го направат ова, земјите образуваа кадри што можат да ја практикуваат својата креативност со замислување нови комерцијални методи и производи, кои исто така се луѓе што се доволно мудри и храбри да ја искористат шансата да ја поддржат иновацијата.
Во исто време се појавува и дебата за економска правда. Заложбите на членовите во Демократската партија во САД, вклучувајќи го и кандидатот за претседател Џо Бајден, ги зголемија очекувањата дека, доколку бидат избрани, ќе ги решат неправдите споменати на нивната неодамнешна конвенција.
Спротивно на тоа, републиканците, уште од времето на Роналд Реган, а сега одвреме-навреме и Доналд Трамп, тврдат дека мерките насочени кон намалување на нееднаквоста се одразуваат на економскиот раст. Тие ги имаат предвид големите американски програми за зголемување на приходите меѓу сиромашните работници во изминатите неколку децении, почнувајќи со „Големо општество“, воведена од администрацијата на Линдон Џонсон во 60-тите години на минатиот век и повратниот даночен кредит за работници со ниски до умерени примања во 1970-тите. Се чини дека растот на продуктивноста, поточно вкупната продуктивност на факторите и производствената моќ, забавија веднаш по донесувањето на ова законодавство и останаа ниски, освен во годините на екот на револуцијата на интернет.
Мојата спротивна теза, за која долго се расправаше и сега беше опширно тестирана, е дека големото забавување на продуктивноста навистина беше предизвикано од голема загуба на луѓе што сè уште сакаат да осмислуваат нови комерцијални производи и методи, а не од програмата „Големо општество“. Секако, малку е веројатно дека се виновни оние на кои им помогнала програмата. Во секој случај, се чини дека нема економетриски студии што покажуваат дека земјите што повеќе им помагаат на обесправените имаат помал раст.
Друга загриженост претставува таканаречената „наплата на фискален капацитет“. Некои економисти и бизнисмени стравуваат дека зголемувањето на веќе високите даночни стапки со надеж дека ќе се соберат пари потребни за значително намалување на сиромаштијата, нема да донесат многу повеќе приходи. Приходите дури можат да се изгубат бидејќи даночните обврзници ја намалуваат понудата на работна сила и компаниите го губат интересот за зголемување на нивната ефикасност. Сепак, не постојат академски докази што покажуваат дека западните економии ги достигнаа границите на нивниот фискален капацитет.
Според тоа, САД (и другите западни влади во различен степен) имаат доволно простор да се справат со економската неправда. За да се донесат ниско платените плати на работниците на прифатливо ниво, државата би требало да воведе програма за субвенции за најсилно покачување на стапките на платите на оние на дното. Програмата потоа ќе наложи скалести субвенции за секое зголемување на платите.
Иако е важно да се знае излезот од сиромаштијата, еднакво е важно да се знае како да се избегне тој пат. Ние мора да се спротивставиме на универзалниот основен приход, односно погрешното користење на јавните приходи што би било подобро да се насочат кон зголемување на приходот на работниците со ниски плати на ниво што ќе им овозможи да се издржуваат, што е од суштинско значење за самопочитта. Но универзалниот основен приход исто така ќе ги привлече (или ќе ги оддалечи) луѓето и нивните деца од работата, што за многумина е единствениот достапен излез за лично исполнување и задоволство за придонес во светот.
Авторот е добитник на Нобеловата награда за економија во 2006 година и директор на Центарот за капитализам и општество на универзитетот „Колумбија“.