Денес на раб на глад се 270 милиони луѓе, што е еднакво на вкупното население на Германија, Велика Британија, Франција и на Италија. Оваа бројка двојно се зголеми во последните 12 месеци, а токму децата во светот се изложени на најголем удар. Околу 11 милиони деца на возраст под пет години се соочуваат со екстремен глад или глад воопшто во 11 земји во Африка, Карипските Острови, Блискиот Исток и Азија. Од нив, 168.000 ќе починат од неисхранетост до крајот на 2022 година, освен ако не добијат итна поддршка, а вкупно 73 милиони основци во 60 земји со ниски примања се хронично гладни.
Гладот веќе претставуваше опасност уште пред пандемијата на коронавирусот, генерално како резултат на војните и конфликтите, а климатските промени само ја влошија состојбата. Но споредните ефекти на пандемијата предизвикаа светска криза со глад. Една од причините е тоа што ковид-19 го наруши функционирањето на училиштата. Повеќе од 1,6 милијарда деца ја пропуштија наставата во училница од почетокот на пандемијата, а речиси 200 милиони сè уште не се вратени на училиште. Претходните кризи покажаа дека затворањето на училиштата носи огромни социјални и економски трошоци, вклучувајќи и зголемување на детските бракови и детскиот труд. Покрај тоа, училиштата им даваат на многу сиромашни деца единствен хранлив оброк во текот на денот. Затворањето на училиштата значи дека милиони деца ја изгубија својата можност не само да учат туку и да јадат. Штетата предизвикана од само неколку недели пропуштена исхрана може да го наруши развојот на едно дете за цел живот, а неисхранетоста може да го спречи економскиот напредок на земјата за една генерација. Затоа враќањето на децата во училиште каде што ќе се образоваат и хранат мора да биде највисок приоритет.
Со релативно малку пари, меѓународниот хуманитарен систем постигна многу. Преку светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП) се исхрануваат околу 100 милиони луѓе годишно. Кога ковид-19 сериозно ги наруши авионските летови, ООН создаде логистички систем за транспорт на здравствени и хуманитарни работници и материјали од суштинско значење, вклучувајќи ја и храната. Но криза од вакви размери бара амбициозен план што не вклучува само обезбедување училишни оброци, а хуманитарните организации не можат сами да се борат.
На закажаниот самит во јуни, богатите економии на Г7 треба да изработат долгорочен план за решавање на зголемените светски потреби за храна. Планот треба да вклучува одредби за превентивна акција: градење резерви на храна, развој на осигурување како заштита и поддршка на земјоделците и производителите на храна од земјите во развој со долгорочни инвестиции за да им се помогне да станат самостојни. Политичарите, исто така, мора да усвојат иновативни начини за наоѓање финансии, вклучувајќи и установи засновани на гаранции што максимално ќе ја искористат помошта за развој и финансирање од приватниот сектор. Друг приоритет може да биде поблиско партнерство меѓу ООН и Светска банка.
Но разумното решение за непосредната криза се нови меѓународни пари. Најмалку 600 милијарди долари од резервните средства на Меѓународниот монетарен фонд можат да бидат распределени на посиромашните земји. Лидерите и кредиторите можат да се договорат за отпишување на долг до 80 милијарди долари под услов парите да бидат наменети за образование, здравство и исхрана. Светската банка и банките за регионален развој можат брзо да ги прошират грантовите и заемите. Со околу 10 милијарди долари оваа година, светот може да спречи глад во Јемен, Јужен Судан, североисточна Нигерија и Сахел. Тоа би можело да спречи масовен глад во Демократска Република Конго, Авганистан, Зимбабве, регионот Тигреј во Етиопија и други ранливи места. Ова се постигнува со вложување долар месечно од секоја личност во најбогатите економии во светот и претставува дел од еден отсто од трошоците за стимулирање на економијата во богатите земји. Затоа е потребна брза реакција.
Со насочување на дополнителни ресурси кон образованието, можеме да вратиме на училиште 136 милиони деца во некои од најсиромашните и погодените земји од конфликти. Пандемијата разоткри уште една образовна поделба: две третини од светските деца на училишна возраст немаат пристап до интернет дома што ги спречува да следат онлајн настава. Денес само пет отсто од децата во земјите со ниски примања имаат таков пристап, во споредба со 90 отсто во богатите земји. Владата на Велика Британија вети дека ќе има водечка улога во светот во враќањето на сите деца на училиште. Но оваа благородна цел нема да се постигне, освен ако самитот на Г7 не го реши ова прашање, покрај безбедноста на храната.
Повторно образованието ја покажа својата моќ да трансформира поединци, семејства и цели земји. Но хроничниот глад може да нанесе катастрофални последици, како што се брутална смрт, насилен конфликт и масовно раселување. Затоа не смее да се игнорира ова светско зло. Она што се случува во најранливите места во светот влијае и врз најстабилните земји. Светските лидери имаат лесен избор пред себе, а тоа е веднаш да ја спречат кризата со гладот или подоцна да платат висока цена. Итната акција ќе заштеди пари и ќе спаси човечки животи наместо да се реагира откако ќе се јави истовремено недостиг од храна во повеќе делови од светот што ќе нанесе тежок удар во сите сфери, но најмногу во образованието.
Браун е поранешен премиер и министер за финансии на Велика Британија, а актуелно е специјален пратеник за светско образование на ООН и претседател на комисијата за Финансирање на светските можности за образование, како и шеф на одборот на фондацијата „Каталист“. Марк Лоукок е генерален потсекретар за хуманитарни прашања во ООН.