Светот се соочува со потенцијален бран од неконтролирани државни банкроти додека владите на земјите во развој се принудени да трошат огромни суми за да ги одржат своите граѓани здрави. За да се избегне катастрофален исход, ММФ треба да координира широк мораториум на наплатата на долгови
Без сеопфатен мораториум на наплаќањето долгови, пандемијата ќе доведе до бран неконтролирани државни банкроти, особено меѓу земјите во развој и неразвиените земји. Ако се случи тоа, глобалните напори да се запре здравствената криза ќе пропаднат, а актуелните економски проблеми може да се претворат во постојан пад.
Богатите и сиромашните земји се соочуваат со невидена економска криза поради затворањето на фирмите, а работниците ги губат своите приходи. Економскиот пад од ваква големина може да предизвика огромна долгорочна штета, затоа што се губат важните економски врски. Голем број фирми ќе се затворат ако не се преземе итна акција. Конгресот на САД неодамна донесе спасувачки мерки од 2.000 милијарди долари, додека, на пример, Данска и Канада субвенционираат 75 отсто од платите на вработените во малите и во средните претпријатија (МСП). Кина, во меѓувреме, ги зголеми кредитите и ги намали даноците, а најави и спасувачки пакет од речиси 1.000 милијарди долари.
Но ковид-19 претставува уште поголем проблем за економиите во подем како Индија и Мексико. Таму економските трошоци од социјалното дистанцирање се дури и повисоки отколку во САД и во Европа, а ранливите МСП со ниски резерви на готовина претставуваат многу поголем удел во економијата. Таквите земји имаат и далеку понесигурни системи за здравствена заштита. Средствата потребни за поддршка на ранливите категории работници и фирми, како и за лекување на пациенти со ковид-19, би можеле да бидат дури 10 отсто од БДП.
Од каде ќе дојдат тие пари? Некои напредни економии, како САД, можат да позајмат многу повеќе со малку дополнителни трошоци. Но дел од тие средства доаѓаат од странски инвеститори, кои бараат финансиска сигурност, а дел од американски приватни инвеститори, кои ги ликвидираат своите странски капитали. Со други зборови, финансирањето што им е потребно на Америка и на другите напредни економии доаѓа делумно од земји како Мексико.
За разлика од светската финансиска криза од 2008 година, сега сите економии во развој треба да позајмуваат во исто време. Дури и ако Мексико може да издаде обврзници, ќе треба да се натпреварува со многу други земји во иста ситуација. Колку и да е неповолно, земјите мора да позајмуваат едни од други.
Оставени на себе, финансиските пазари ќе избираат победници и губитници. Победници ќе бидат оние земји со доволно капацитет да издаваат безбедни обврзници. Тие ќе можат да позајмуваат огромни суми по најниски каматни стапки. Губитниците ќе бидат оние како Мексико. Всушност, ваквите земји ќе имаат најтешка судбина. Не само што ќе нема да можат да соберат средства за справување со кризата туку и ќе го загубат капиталот, како што веќе се забележува, токму поради позајмувањето од страна на САД, Кина и европските земји. Не е чудо што над 90 земји веќе побараа финансиска помош од ММФ.
За да се избегне катастрофален исход, на светот итно му треба силно колективно дејствување. ММФ проценува дека за финансирањето на економиите во развој се потребни вкупно 2.500 милијарди долари, но оваа бројка е мала. Ресурсите на Светската банка и на ММФ во моментов се премногу ограничени.
Во меѓувреме, ММФ треба да дејствува за да го спречи наредниот бран на државни банкроти и неможност да се платат обврските преку координирање на широк мораториум на долговите. Мораториумот ќе ги суспендира сите плаќања на суверени долгови кон приватните и јавните доверители од економиите во развој, кои побарале такво замрзнување, и ќе биде во сила сè додека не помине здравствената криза.
Се проценува дека едногодишен мораториум на долговите може да ослободи 1.000 милијарда долари или 3,3 отсто од заедничкиот приход на земјите со низок и среден приход што е многу повеќе од проценетите 14 милијарди долари што би биле ослободени од предложениот мораториум за наплата на долгови кон јавните кредитори само во посиромашните земји. Тоа ќе им помогне на земјите како Мексико и Индија во справувањето со актуелната криза.
Иако некои можеби ќе речат дека мораториумот на долговите ќе ги запре повеќето приватни кредитори да им позајмуваат на овие земји, сепак ваквите капитални текови веќе престанаа. Мораториумот може долгорочно да ги исклучи таквите земји од меѓународните пазари на капитал, но стигмата ќе биде помала зашто мораториумот би се вовел како последица на пандемијата, а не поради фискален луксуз.
Поголема е веројатноста приватните кредитори да се согласат на мораториум откако ќе разберат дека алтернативата е неконтролиран државен банкрот поради неможност за плаќање на обврските, што конечно нема да им одговара. Мораториумот на долговите ја задржува можноста да се избегне формално преструктурирање на долгот ако економските услови се подобрат по пандемијата.
За време на латиноамериканската должничка криза во 1980-тите, беа потребни десет години за кредиторите да влезат во искрена дискусија со должниците. Овој пат мора да биде поинаку. Треба веднаш да се координира широкиот мораториум за долговите за да се избегне најмалку една загубена деценија за земјите како Мексико.
Гуринша е професор по економија на универзитетот „Беркли“