Не толку одамна економиите низ светот почнаа да се затвораат како одговор на пандемијата на ковид-19. Во почетокот на кризата, повеќето луѓе очекуваа брзо закрепнување под претпоставка дека на економијата само ѝ треба кратка пауза. По два месеца помош во многу пари, економијата требаше да почне онаму од каде што застана.
Идејата првично беше привлечна, но сега е јули, а брзото закрепнување е пуста желба. Постпандемиската економија веројатно ќе биде слаба не само во земјите што не успеаја да се справат со неа (како САД) туку и во оние што добро се покажаа. Прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидуваат дека до крајот на 2021 година, светската економија ќе биде едвај поголема отколку што беше на крајот на 2019 година, а економиите во САД и во Европа ќе бидат помали за околу четири отсто. Тековната економска перспектива може да се разгледа на две нивоа. Макроекономијата ни кажува дека трошењето ќе се намали поради ослабените приходи на домаќинствата и на фирмите, голем број банкроти ќе го уништат организацискиот и информациски капитал и ќе следува претпазливо однесување поради неизвесноста за текот на пандемијата и одговорите на политиката на истата таа.
Истовремено, микроекономијата вели дека вирусот и натаму ќе предизвикува огромни промени во потрошувачката и производството што ќе доведе до широки структурни трансформации. Знаме дека самите пазари не можат да се справат со ваквата транзиција со оглед на брзината со која се случи последната.
Дури и ако се прошируваат секторите каде што нема човечки контакт поради нивната сегашна привлечност, поврзаното зголемување на трошоците ќе биде надминато од намалувањето на трошењето што е резултат на опаѓањето на приходите во секторите што претрпеа штета.
Во случајот на пандемијата се јави трет ефект, а тоа е растечката нееднаквост. Бидејќи машините не можат да бидат заразени од вирусот, тие ќе бидат релативно попривлечни за работодавците, особено во договорните сектори што користат релативно понеквалификувана работна сила. Затоа што луѓето со ниски приходи мора да трошат поголем дел од својот приход на основни производи за разлика од оние на врвот, секое зголемување на нееднаквоста поради автоматизација ќе доведе до дополнително намалување на економијата.
Постојат две дополнителни причини за песимизам. Прво, иако монетарната политика може да им помогне на некои фирми да се справат со привремените проблеми во ликвидноста, како што се случи за време на големата рецесија во 2008/2009 година, сепак не може да ги реши проблемите со солвентноста, ниту може да ја стимулира економијата кога каматните стапки се речиси непостојни.
Во САД и во некои други земји, „конзервативните“ приговори за зголемувањето на дефицитите и долгови го кочат потребниот фискален стимул. Истите овие луѓе беа токму задоволни од намалувањето на даноците за милијардерите и корпорациите во 2017 година, го спасија Волстрит во 2008 година и им помогнаа на големите корпорации годинава. Но сосема е друг проблем да се прошират помошта за невработените, здравствената заштита и дополнителната поддршка за најранливите категории.
Краткорочните приоритети се јасни уште од почетокот на кризата. Најочигледно е дека мора итно да се обезбеди соодветна набавка на лична заштитна опрема и болнички капацитети, затоа што не може да има економско закрепнување додека не се спречи ширењето на вирусот. Во исто време, политиките за заштита на најранливите категории обезбедуваат ликвидност за да се спречат непотребниот банкрот, а одржувањето на врските меѓу работниците и нивните фирми е од суштинско значење за да се обезбеди брзо рестартирање на економијата кога ќе дојде време.
Но покрај ваквите планови, треба да се донесат и тешки одлуки. Не треба да ги спасуваме фирмите што веќе се соочуваа со проблеми пред кризата и ја ограничуваат динамиката и растот. Не треба да ги спасуваме и оние фирми што веќе се во големи долгови и не можат да се справат со ниеден шок на економијата.
Бидејќи ковид-19 веројатно ќе остане присутен на долг рок, ние имаме време да се погрижиме нашето трошење да ги одразува нашите приоритети. Кога се појави пандемијата, американското општество се бореше со расни и економски нееднаквости, намалени здравствени стандарди и силна зависност од фосилните горива. Сега кога се спроведува масовно владиното трошење, јавноста има право да бара од компаниите што добиваат помош да придонесат за социјална и расна правда, за подобрување на здравството и за насочување кон поеколошка економија базирана на знаење. Овие вредности треба да се одразат во распределбата народните пари, но и во условите што им ги наметнуваме на нејзините приматели.
Добро насочена јавна потрошувачка, особено инвестициите во зелената транзиција, може да биде добро временски испланирана, да го реши проблемот со зголемената невработеност и да биде стимулативни со тоа што ќе даде поголеми резултати од вложеното за разлика од намалување на даноците. Нема економска причина зошто земјите, вклучувајќи ги и САД, да не можат да усвојат големи, долгорочни програми за обновување што ќе ги потврдат и ќе ги приближат до општествата за кои тврдат дека се.
Авторот е нобеловец и професор на универзитетот „Колумбија“, главен економист во институтот „Рузвелт“ и поранешен висок потпретседател и главен економист во Светската банка.