Ковид-19 е најголемата јавно-здравствена криза во последните сто години и предизвика најголема економска рецесија во современата ера. Пандемијата откри ранливости во јавните здравствени системи и мрежите за социјална грижа во светот, покажа огромни нееднаквости и покажа како може големите нарушувања да се одразат во меѓусебно поврзаните системи. Јасно е дека нашите општества и економии не се ни приближно отпорни како што сметавме.
Една од причините поради кои тешко реагиравме на ковид-19 е тоа што премногу здраво за готово го сфативме досегашното функционирање на нашите системи. Деловните субјекти слепо ги следеа ефикасноста и навременото производство, фискално оптоварените влади се бореа да ги обезбедат дури и основните услуги, а ние ги исцрпевме природните системи до нивните граници. Сега, кога се појави кризата, гледаме дека било потребно системот да поседува и одредена флексибилност.
Во иднина ќе следуваат и нови кризи, од последици произлезени од ковид-19 до целосното влијание на климатските промени и другите нарушувања на природните системи на кои се потпираме. Некои кризи неизбежно ќе се јават без предупредување, но многу други ќе можеме да ги предвидиме и ќе имаат големо влијание, но ќе имаме тенденција да ги игнорираме.
Сите челници треба да предвидат барем еден голем шок за време на нивниот мандат и да се подготват за соодветно да се справат со него. Деловните субјекти треба да научат три важни лекции. Прво, компаниите мора подобро да се подготват за познати и за непознати закани, делумно со враќање на флексибилноста во системите. За да издржат идни шокови, бизнисите мора да се променат и да го прошират својот поглед на долгорочна флексибилност. Од суштинско значење е што мора да прифатат дека флексибилноста на компанијата зависи не само од тоа што се случува во четири sида туку и од екосистемите, заедниците, економските услови, владеењето на правото, ефективното управување и слично. Второ, деловните субјекти треба да ја вклучат флексибилноста, а откако ќе го сторат тоа, таа мора подлабоко да навлезе во нивниот јазик и особено во практиката, за да не се изгуби. Фирмите што ќе го сторат тоа ќе можат да ги предвидат и подготват сите идни сценарија, да го минимизираат влијанието на шоковите што ќе ги погодат и побрзо да закрепнат од нив. Трето, компаниите може да изградат поголема долгорочна флексибилност преку подобрени пристапи кон управување со ризиците на компаниите, човечкиот и општествениот капитал, информациите за животната средина, општеството и управувањето.
Во секој случај, фирмите треба да нагласат одредени чекори, што значи подобро управување со ризиците, промена на традиционалните пристапи засновани на правила во пофлексибилни, регуларни и процесно ориентирани методи што овозможуваат тековно учење и истражување. Исто така, ќе се бара фирмите да вклучат алатки и пристапи што веројатно ќе поттикнат повеќе размислување надвор од рамките и ќе може да ги препознаат скриените закани. Подобрувањето на управувањето со човечкиот и општествениот капитал бара слушање и одговарање на луѓето во и надвор од организацијата, а потоа собраните согледувања да се користат за дефинирање и зачувување на визијата на компанијата. Понатаму, компаниите треба да размислат за проширување на мерките за заштита на работната сила првично насочени кон нивните вработени, но што ќе важат за дополнителните и хонорарните работници во целиот синџир на вредности. Покрај тоа, бидејќи настојуваме да ги балансираме здравствените и економските димензии на пандемијата на подолг период, ние мора постојано да ги приспособуваме и подобруваме мерките за работниците што комуницираат едни со други и со јавноста. Последно, фирмите мора да го забрзаат усвојувањето на заедничките стандарди и метрики и да обезбедат повеќе информации за прашања од клучна важност за флексибилноста на бизнисот за време на пандемијата. Компаниите исто така треба да ги подобрат своите процени за одржливост.
Флексибилноста не се фокусира толку на одржување стабилна состојба колку на усвојувањето агилни, динамични и трансформациски чекори и постапки како одговор на притисокот. Ова, пак, бара од фирмите да ги истакнат целите и вредностите во лидерството, да го подобрат ангажманот на засегнатите страни и да ги преструктурираат синџирите на снабдување. Но, пред сè, фирмите мора да прифаќаат подолгорочно размислување, како и нови и одржливи деловни модели и однесувања.
Вистинската флексибилност не значи да се издржат тешките услови, туку да се прифати она што е потребно за да напредува на ниво на организација и на систем. Флексибилноста не произлегува само од сигурен пристап до суровини и ефикасност во работењето туку и од препознавање и заштита на огромните инвестиции и вредности што се наоѓаат во квалификувана и здрава работна сила и енергични заедници. Потребно е да се заштитат и унапредат клучните екосистеми, да се обезбедат силни институции, транспарентно владеење на правото и здрави национални и локални буџети. Тоа значи да се препознае главната улога на иновациите во создавањето вредности пред предизвиците и нарушувањата.
Ковид-19 ги натера фирмите да ја преиспитаат флексибилноста. Наместо силно да се противат на промените, компаниите мора да научат да се приспособуваат ако сакаат и натаму да опстојуваат, да креираат вредности за акционерите и за доверливите членови и службеници на заедниците низ светот.
Џејмс е главна извршна директорка на групата за управување со еколошки ресурси. Додека Бекер е претседател и извршен директор на Светскиот деловен совет за одржлив развој.