Како што покажа неодамна донесениот закон за дигитални услуги на Европската комисија, политичарите во целиот свет имаат силна причина зошто сакаат да им стават крај на екстремизмот, дезинформациите и манипулациите што масовно се шират во дигиталната сфера, кои го нарушија јавниот дискурс и ја продлабочија поларизацијата во општествата во изминатите неколку години. Сепак ваквите обиди носат и свои ризици. Како што правилата што ги регулираат домените на интернет може да ја зајакнат демократијата преку промовирање инклузивна и информирана дебата, тие исто така може да се злоупотребат за да се потисне слободата на изразувањето.
За среќа, меѓународното право за заштита на човековите права нуди една низа на принципи што може да помогнат во регулирањето на начинот на справувањето со штетните содржини, додека истовремено се промовира слободата на изразувањето. За да помогне во појаснувањето на овој процес, Иницијативата за глобална мрежа (ГНИ) неодамна обедини експерти од сите сфери и заедницата за заштита на човекови права, за да ги преиспитаат досегашните достигнувања на иницијативите за регулирање содржини во над десетина држави и да дадат свои препораки.
Според тоа, легалноста е првиот принцип на човекови права што мора да се примени и ја истакнува потребата за јасни дефиниции прифатени во демократските процеси. Ако не е јасно какви содржини се дозволени, владите ќе сакаат да ја зајакнат својата контрола врз ограничувањето на говорот, па, така, корисниците не можат да знаат што претставува законско однесување, а судовите и компаниите би се соочиле со тешкотии правично да ги спроведуваат правилата.
Другиот клучен принцип е легитимноста, која диктира што можат владите да ограничат во изразувањето според определени и убедливи причини, како што се правата на другите, јавното здравје и јавниот ред. Принципот на неопходност наложува ограничувањата да бидат приспособени на таков начин што ќе ги исполнат тие легитимни цели и ќе бидат пропорционални на интересите што се штитат. Ниедна регулатива не треба да биде усвоена ако веќе друго правило што помалку го ограничува говорот ја врши истата функција.
Пристапот насочен кон заштита на човековите права помага да се спречат непропорционални последици. Во таа смисла, предложената регулатива на Европската Унија за спречување на ширењето терористичка или екстремистичка содржина на интернет нема да ги даде посакуваните резултати. Регулативата ќе бара од сите видови компании да отстрануваат терористичка содржина во рок од еден час и да воведат проактивни мерки за да се филтрира таков материјал. Водечките компании и нивните менаџери можат да си дозволат вакви правила, но тоа би зголемило пречките за новите иновативни играчи што сакаат да влезат на пазарот, како и да резултира со непропорционално отстранување на секаков вид прифатливи содржини. Но самите компании може и треба да ги воведат правилата за унапредување на човековите права, без разлика на владините регулативи. Затоа се неопходни транспарентноста, текот на процесот и отчетноста.
За почеток, компаниите, но и оние на социјалните медиуми, мора да бидат поотворени во начинот за регулирање на содржините. Ова значи дека јавно ќе треба да споделуваат колку што е можно повеќе информации, но и да им обезбедат легитимни сензитивни информации на регулаторните тела и независните експерти преку проверени режими на пристап или ангажмани на повеќе засегнати страни, слично како оние на ГНИ што ги креира за споделување информации за одговорите на компаниите на владините барања.
Со оваа информација, владите може да се погрижат посредниците да бараат доследна и правична умереноста на содржината. За таа цел, регулаторите, со оглед на соодветните ресурси и експертиза, треба да добијат задача да обезбедат насоки и надзор на системите за умереноста на содржините. Истовремено, компаниите треба да воведат механизми што ќе им овозможат на корисниците поголема контрола врз она што го гледаат и споделуваат.
Одговорноста за умереноста на чувствителните содржини не треба целосно да падне на приватните компании. Наместо тоа, владите треба да воведат надлежни демократски органи, како еден вид судови. Франција има веќе еден таков сличен закон за заштита од манипулации со информации, кој им дава забрзан увид на судиите да прегледуваат наводни изборни дезинформации.
Без разлика колку се јасни правилата и колку се ефикасни системите за умереност, регулаторите и компаниите ќе прават грешки. Токму затоа последното парче во сложувалката е решавањето на споровите и правниот лек. Компаниите треба да им овозможат на корисниците да ги обжалат одлуките за умереност на содржините во независните тела, со посебен акцент на ранливите групи, како децата, и оние што му служат на интересот на јавноста, како новинарите. Владите и регулаторите исто така треба да бидат вклучени во механизмите за транспарентност и отчетност.
Штетните содржини не почнаа да се шират само на интернет. Дигиталните платформи само овозможија нивно побрзо и полесно ширење. Ако сакаме да го ограничиме нивното ширење без да ја нарушиме слободата на изразување, потребни ни се јасни и сеопфатни регулаторни пристапи базирани на принципите за човековите права, зашто, во спротивно, правилата воведени со најдобра намера може несвесно да ги замолчат ранливите групи, а да им дадат сила на моќните. Токму оваа лекција одамна е позната во авторитарните режими.
Авторот Кеј е поранешен специјален известувач на ООН за слобода на мислење и изразување и сегашен претседавач на независниот одбор на иницијативата за глобална мрежа. Додека Пилмејер е политички директор на иницијативата за глобална мрежа.