На 13 февруари, група американски сенатори од редовите на двете најголеми партии, предводени од републиканецот Линдзи Грем и демократот Роберт Менендез, предложија закон со кој побараа одговорност од Русија за своето однесување. Предлог-законот наречен Одбраната на американската безбедност од агресивни дејства на Кремљ (ДАСКАА), е ревидирана верзија на сличен нацрт-закон што двајцата сенатори го предложија во август 2018 година, но Конгресот никогаш не го усвои.
Тој прв обид се случи по бурните реакции на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Хелсинки лани во јули, кога Трамп застана на станата на Путин и им се спротивстави на своите разузнавачки служби за вмешаноста на Кремљ во американските претседателски избори во 2016 година. Конгресот е во право што сака повторно да почне дискусија за санкции против Русија.
ДАСКАА 2.0 е резултат на неколку неодамнешни случувања. Руската компанија за алуминиум „Русал“ беше изземена од американските санкции, што предизвика пораст на московската берза. САД не воведоа нови санкции откако поранешниот руски шпион и неговата ќерка беа отруени со нервен агенс во Солсбери, Англија, или како одговор на руската агресија против украинските бродови во Кречанскиот Теснец. Општо земено, администрацијата на Трамп во голема мера ги игнорираше многуте одредби од Законот за попречување на американските ривали преку санкции (КААТСА), кој Трамп го потпиша во закон во август 2017 година.
ДАСКАА 2.0 е многу посериозен и посуптилен од претходните, набрзина изработени предлог-закони во Конгресот против Русија. Предлог-законот се осврнува на неколку клучни прашања, како што се ширење на хемиското оружје, меѓународното спречување на компјутерскиот криминал и борба против мешањето на изборите, додека опсегот на санкции е поширок и потенцијално поефективен од порано. Особено се истакнуваат пет области: инцидентот во Керчанскиот Теснец, рускиот долг, нафтата и гасот, богатството на Путин и на неговите најблиски сојузници, како и прашањата поврзани со безбедноста.
Во САД во ноември избувна жестока дебата откако руската крајбрежна стража незаконски зароби три мали украински брода со 24 морнари во меѓународни води во близината на Керчанскиот Теснец, кој го поврзува Црно Море со Азовско Море. Бродовите патувале од едно украинско пристаниште до друго. Сите 24 морнари сѐ уште се држат во московскиот затвор „Лефортово“, кој некогаш беше управуван од КГБ.
Еден предлог од САД беше да се блокираат руските пристаништа во Црно Море. Но од пристаништето Новоросиск се извезува речиси цела нафта на Казахстан, а целта не е да се казни таа земја. Друга идеја беше да се забранат руските бродови, но повеќето пловат под други знамиња. Трет предлог беше да се воведат санкции за осигурувањето, но осигурувањето е договорено во големи блокови што го отежнуваат идентификувањето на одделни бродови или пристаништа. Затоа, ДАСКАА 2.0, наместо тоа, предлага санкции против 24 агенти на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кои беа соучесници во нападот во Керчанскиот Теснец, како и санкции за руските бродоградилишта ако земјата и понатаму го попречува слободното пловење во овие води.
ДАСКАА 2.0, исто така, ги проширува обидите на претходните предлог-закони за санкционирање на новиот руски јавен долг. Иако јавниот долг на Русија во моментот изнесува само околу 15 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), ограничувањето на нејзината можност да позајмува на глобалните пазари има смисла, бидејќи ќе ја присили Русија да го стегне ременот и да инвестира помалку, што исто така ќе го намали економскиот пораст. И почнувајќи со новиот јавен долг, американските санкции можат да се прошират да ги покријат и секундарниот јавен долг и позајмувањата на државните претпријатија. Ова е и сериозна и практична мерка, која не вклучува ризици или трошоци за Западот. ДАСКАА 2.0 се заканува со санкции и против руските финансиски институции.
Санкционирањето на рускиот извоз на нафта и гас, кој изнесуваше две третини од рускиот вкупен извоз, кога светските цени го достигнаа врвот од 2011 до 2013 година, за попречување на руската воена агресија, само ќе ги зголеми светските цени, што оди во прилог на Кремљ. Затоа САД и ЕУ досега мудро ги ограничија санкциите на одредени нафтени технологии.
Претходно предложените санкции против заедничките руско-американски нафтени и гасни инвестиции ќе им наштетеја на американските компании и затоа се заобиколени од ДАСКАА 2.0, што значи дека би влијаеле само врз големите нови инвестиции надвор од Русија. Многу посилна американска идеја беше да се санкционира „Северен тек 2“, рускиот гасовод од Санкт Петербург до Германија. Но ова се покажа технички тешко изводливо, а Европејците упорно се спротивставуваа на санкциите за извозот на гас на Русија преку гасоводите. Наместо тоа, ДАСКАА 2.0 предлага санкции против рускиот течен природен гас, што ќе предизвика помалку забелешки од западните сојузници.
Законот КААТСА од 2017 година беше прв што удри по руските олигарси блиски до Путин и до личното богатство на претседателот. ДАСКАА 2.0 оди понатаму во овој поглед. Американското барање за целосна транспарентност на сите средства ќе биде најтешкиот удар против клептократијата на Путин.
Сепак, најтешките одредби на ДАСКАА 2.0 се содржани во последниот нов дел, кој може да ја означи Руската Федерација како државен спонзор на тероризмот, што е многу сериозен предлог. Предлог-законот, исто така, нуди идеи за справување со руската злоупотреба на потерниците од Интерпол за да ги гони своите политички непријатели во странство. Можеби највпечатливата новина е повикот да се поднесе извештај за атентатот на рускиот опозициски водач Борис Немцов во 2015 година. Ова ќе биде многу интересно, особено со оглед на тоа што еминентниот историчар на институтот „Хувер“, Џон Данлоп, штотуку ја објави книга во која директно го обвинува Путин за убиството.
Руската берза првично забележа пад од три отсто по веста за новиот предлог-закон во Конгресот. Јасно е дека ДАСКАА 2.0 ѝ го привлече вниманието на Москва. Главното прашање сега е како Трамп ќе реагира на овој напад врз неговиот најважен странски поддржувач.