Границите помеѓу академските дисциплини секогаш претставуваат вештачки креации наменети за олеснување на анализата, со оглед на нашите ограничувања. Но економистот Алберт Хиршман тврдеше дека некогаш имаме обврска да ги прекршиме. Тековната битка против ковид-19 и нејзиниот економски пад е еден таков пример.
Пандемијата фрли сенка врз светската економија. Досега двете економии со најлош ефект во вториот квартал на 2020 година (април-јуни) беа Перу и Индија, каде што БДП се намали за 30,2 и 23,9 отсто, соодветно, на годишно ниво. Овие рекордни падови беа предизвикани од пандемијата, но и од тоа како се справуваме со неа.
Неколку европски земји со висока стапка на смртност на еден милион жители, како што се Шпанија (647) и Велика Британија (613), исто така објавија некои од најдлабоките економски падови. Но индиската стапка (60) е една од највисоките во Азија и во Африка, што го отежнува острото намалување во вториот квартал од годината (повеќе од речиси секоја земја во светот), особено со оглед на тоа што индиската економија беше меѓу светските три или четири најбрзорастечки до пред пет години.
За да ги разбереме ваквите нешта, треба да ја познаваме интеракцијата помеѓу медицината и човековото однесување. Општо е познато дека ковид-19 поверојатно се пренесува во затворени простори отколку на отворено. Се претпоставува дека овој увид се базира на медицината и на физиката, кои ни кажуваат дека ковид-19 е многу заразен и дека аеросолите што го носат вирусот на болеста веројатно побрзо се расејуваат во воздухот во парковите и полесно може да се одмине заразата. Но тоа не е секогаш така.
Спротивно на тоа, ветерот на отворен простор веројатно предизвикува аеросолите да се задржат подолго во воздухот и со тоа да претставуваат ризик што не постои во затворен простор. Тврдењето дека затворените простори се поопасни, сепак може да биде точно, но не поради она што го знаеме за коронавирусот и аеродинамиката на аеросолите, туку поради однесувањето на луѓето.
Да претпоставиме, заради аргументите, дека веројатноста вирусот да се пренесе од заразено лице во непосредна близина е 50 отсто во ресторан и во парк. Да претпоставиме понатаму дека половина од населението е заразено. Тоа значи ако сте во близина на случен минувач во парк или во ресторан, веројатноста дека ќе се заразите со ковид-19 е 25 отсто. Понатаму да претпоставиме дека доверлив орган објавува дека ризикот од заразување со ковид-19 е поголем во ресторан отколку во парк. Ако луѓето веруваат во ова, тогаш претскажувањето може да се оствари. Рестораните ќе бидат помалку привлечни за луѓето што не сакаат ризик (да речеме, оние што не одат на места каде што ризикот од инфекција е поголем од 25 отсто).
Разумно е да се претпостави дека вработените во рестораните имаат поголема веројатност да бидат заразени, бидејќи тие би биле под поголем ризик.
Да претпоставиме дека се заразени 75 отсто од луѓето толерантни на ризик, додека преостанатите 25 се однесуваат на оние што не го толерираат ризикот. Веројатноста дека заразено лице ќе го пренесе вирусот е сè уште 50 отсто. Потоа, ако луѓето веруваат дека рестораните се поризични (и во нив влегуваат само толерантни на ризик), веројатноста за заразување со вирусот во ресторан е 37,5 отсто, додека веројатноста да се зарази во парк е помала од 25 отсто.
Овие веројатности се потврдуваат со епидемиолошките податоци, а повеќето луѓе ќе веруваат дека моделот има врска со природата на вирусот наместо со човечкото однесување. Според овој аргумент, доколку властите соопштат дека рестораните се побезбедни од парковите, тогаш парковите со време ќе станат ризично место. Дури и ако парковите се сметаат за побезбедни од рестораните од епидемиолошки причини и движењето на аеросолите, тогаш може да се соочите со поголем ризик во парк отколку во ресторан, ако нашироко се верува дека парковите се поризични од рестораните.
Препознавањето на овие видови врски создава простор за интервенции во политиката што може да го спречат ширењето на вирусот без да ја уништат економијата. Откако ќе ги утврдиме врските помеѓу медицината и економијата, тогаш ќе почнат да се јавуваат фасцинантни идеи за политиката.
Земјите како Индија или Перу мора да дизајнираат правила на однесување што ќе овозможат економијата да функционира, барем делумно, додека го спречат ширењето на вирусот. Бидејќи зголеменото тестирање ни дава подобро чувство за тоа кој имал ковид-19 и има развиено антитела за овој коронавирус, една идеја е на овие луѓе да им понудиме многу повисока плата за да извршуваат ризични работи поврзани со ковид-19, вклучувајќи и во болниците и во деловните сектори што вклучуваат директна интеракција. Со тоа што би ги користеле како врски помеѓу ранливите категории на луѓе, на овој начин можеме да го зачуваме функционирањето на синџирите на снабдување, но да ги нарушуваме синџирите за пренос на вирусите.
Во нормални околности, пазарот би го сторил тоа самостојно, односно би се зголемила побарувачката на луѓе со антитела, како и нивните плати. Но пазарите не функционираат добро за време на пандемии, кога многу надворешни фактори се во игра. Затоа, владите треба да интервенираат со интелигентни, добро дизајнирани политики, кои ќе ни овозможат да го држиме вирусот под контрола, без притоа да ја запреме економијата.
Авторот е поранешен главен економист во Светската банка и главен економски советник во индиската влада, а актуелно е професор
по економија на универзитетот „Корнел“ и повремен соработник на институтот „Брукингс“