По најтешката глобална рецесија во последните неколку децении, приватните и официјалните прогнози се пооптимистички дека светското производство силно ќе закрепне оваа и наредната година. Но претстојната експанзија ќе се одвива нерамномерно во рамките на економиите. Без разлика дали ќе има силно враќање на растот, ќе биде регистрирана негова поанемична верзија или ќе следува закрепнување од двојна рецесија, тоа ќе зависи од повеќе фактори во различни економии и региони.
Бидејќи вирусот сè уште не е под контрола во многу земји, клучното прашање е дали појавата на нови мутации ќе предизвика повторно затворање како во некои случаи кога економиите се отворија прерано. Особено плаши можноста да се појават повеќе мутации што ќе бидат отпорни на вакцини што ќе наложи да се интензивира процесот на вакцинација во региони каде што таа се одвива бавно.
Секако треба да се разгледаат и голем број ризици поврзани со економијата. Закрепнувањето, кое е бавно или недоволно, силно може да резултира со трајни последици ако премногу фирми банкротираат, а на пазарите на трудот се јави губење на вештините на работниците поради долготрајната невработеност. Друго прашање е колкава ќе биде отплатата на високозадолжените фирми и домаќинства и дали овој ефект целосно ќе се неутрализира со ослободување на потиснатата побарувачка, бидејќи потрошувачите ќе ги трошат заштедите од времето на пандемијата.
Општествено-политичкиот аспект исто така предизвикува загриженост. Дали зголемувањето на нееднаквоста ќе стане уште поизразен извор на нестабилност и пасивна побарувачка? Многу ќе зависи од степенот, обемот и инклузивноста на политиките за поддршка на приходите и трошоците на оние што заостануваат. Исто така, останува да се види дали досегашниот стимул за макрополитики (монетарни, кредитни и фискални) ќе биде доволен, недоволен или прекумерен, што може да доведе до нагло зголемување на инфлацијата или инфлациските очекувања во некои случаи. Имајќи ги предвид сите овие неизвесности, закрепнувањето во моментов изгледа дека ќе биде посилно во САД, Кина и азиските пазари во развој, кои се дел од кинеските глобални синџири на снабдување.
Во САД, намалувањето на новите инфекции, високите стапки на вакцинација, зголемената доверба на потрошувачите и деловните активности и далекосежните ефекти од фискалното и монетарно проширување ќе придонесат за силно закрепнување оваа година. Сепак, државата е под ризик од таканаречено економско „прегревање“, бидејќи неодамнешното зголемување на инфлацијата може подолго да трае отколку што очекуваа американските Федерални резерви.
Во Кина и во економиите тесно поврзани со неа, закрепнувањето ќе се должи на успехот на властите во рано спречување на вирусот и на ефектите од макростимулот што овозможија брзо отворање и обновување на деловната активност. Иако високото задолжување во некои делови од кинескиот приватен и јавен сектор може да претставува ризик, бидејќи државата се обидува да го одржи силниот раст додека ги ограничува прекумерните кредити.
Европа претрпи двојна рецесија во последниот квартал на 2020 година и првиот квартал од 2021 година, поради новиот бран инфекции и карантини. Закрепнување ќе биде бавно во вториот квартал, но растот може да се забрза во втората половина на годината доколку стапките на вакцинација продолжат да растат и се приспособат макрополитиките. Без одамна потребните структурни реформи, делови од еврозоната ќе продолжат да бележат низок потенцијален раст и високи стапки на јавен долг. Сè додека Европската централна банка продолжува да купува средства, на ниско ниво можат да останат разликите меѓу обврзниците. Но монетарната поддршка на крајот ќе треба постепено да се укине, а дефицитите да се намалат.
Шансите за закрепнување се послаби за многу економии во развој, каде што големата густина на населението, послабите системи за здравствена заштита и пониските стапки на вакцинација ќе продолжат да овозможуваат ширење на вирусот. Во многу од овие земји, намалена е инцијативата за деловните активности и потрошувачката, пресушија приходите од туризмот и плаќањата, стапките на долгови се веќе високи и евентуално неодржливи, а финансиските услови се мали, како резултат на повисоките трошоци за кредити и послабите валути. Покрај тоа, има ограничен простор за политичко олеснување, а во некои случаи токму политичкиот кредибилитет може да биде поткопан од популизмот.
Особено треба да се внимава на економиите на Индија, Русија, Турција, Бразил, Јужна Африка, многу делови на супсахарска Африка и земји од Блискиот Исток што увезуваат нафта. Многу земји доживуваат депресија, а не рецесија. Повеќе од 200 милиони луѓе се изложени на ризик повторно да западнат во екстремна сиромаштија. Земјите што се најизложени на глад и болести, исто така, имаат тенденција да се соочат со најголема закана од климатските промени, а со тоа ќе останат потенцијални извори на нестабилност.
Додека се обновува целокупната доверба, некои финансиски пазари се нерационално богати и постои голем ризик и несигурност. Кризата од ковид-19 најверојатно ќе доведе до зголемување на нееднаквоста во рамките на и низ земјите. Колку повеќе заостануваат ранливите групи, толку е поголем ризикот од социјална, политичка и геополитичка нестабилност во иднина.
Авторот работеше за ММФ, американските Федерални резерви и за Светската банка, а беше професор по економија на Школата за бизнис на Универзитетот во Њујорк