Во периодот по финансиската криза од 2008 година, одредени економисти тврдеа дека САД и веројатно светската економија страдаа од „секуларна стагнација“, односно идејата што првпат се појави во периодот по Големата депресија. Економиите секогаш закрепнувале од кризите. Но Големата депресија траеше невообичаено долго. Многумина веруваа дека економијата се поврати само поради државните трошења за време на Втората светска војна, а многумина стравуваа дека по крајот на војната, економијата повторно ќе падне во криза.
Се веруваше дека нешто се случи, така што дури и со ниски или нула каматни стапки, економијата не напредуваше. Од добро познати причини денес, ваквите страшни предвидувања, за среќа, не беа точни.
На одговорните за закрепнувањето од финансиската криза од 2008 година (истите поединци што беа виновни за слабата регулација на економијата во периодот пред кризата и од кои претседателот на САД, Барак Обама, необјасниво побара да го решат проблемот што го создадоа) им се допадна идејата за секуларна стагнација, затоа што ги објаснуваше нивните неуспеси за да постигнат брзо и големо закрепнување. Така, додека економијата пропаѓаше, идејата повторно се актуализира, а нејзините промотори велеа дека тие не се виновни и дека прават сè што е во нивна моќ.
Настаните во изминатата година покажаа дека оваа идеја е погрешна, која и онака не изгледаше многу веродостојно. Ненадејниот пораст на американскиот дефицит, од околу три на речиси шест отсто од БДП што се должеше на лошо подготвениот закон за регресивен данок и зголемувањето на владините трошења, го зголеми порастот за околу четири отсто и ја сведе невработеноста на најниско ниво во изминатите 18 години. Ваквите мерки можеби се лошо замислени, но тие покажуваат дека со доволна фискална поддршка, изводлива е целосната вработеност, па дури каматните стапки да се зголемат над нулата.
Администрацијата на Обама направи клучна грешка во 2009 година што не спроведе поголем, подолг, подобро структуриран и пофлексибилен фискален стимул. Да направеше ваков чекор, економијата посилно ќе закрепнеше и немаше да постои секуларната стагнација. Но во реалноста само оние од највисокиот еден отсто ги зголемија своите приходи во текот на првите три години од таканареченото закрепнување.
Некои од нас тогаш предупредија дека падот во економијата најверојатно ќе биде длабок и долг и дека е потребно посилно и поинакво решение од она што го предложи Обама. Се сомневам дека главната пречка беше верувањето дека економијата само наишла на мала „пречка“, која брзо требаше да се надмине. Решението беше банките да се однесат во болница, каде што ќе добијат врвна нега (односно банкарите нема да бидат виновни и нема да добијат прекор, туку нивното его ќе се зголеми со тоа што од нив ќе се побара да бидат вклучени во процесот на закрепнување) и, најважно, да им се дадат куп пари и за кратко време сè повторно да биде во ред.
Но економските проблеми беа многу посериозни отколку што покажа дијагнозата. Последиците од финансиската криза беа многу потешки, а масовната прераспределба на приходите и богатството кон врвот само ја ослаби вкупната побарувачка. Економијата доживеа транзиција од производство кон услуги, а пазарните економии не го поднесуваат добро со ваквиот вид на транзиција.
Потребно беше многу повеќе од еден огромен пакет финансиска помош за банките. На САД им беше потребна темелна реформа во финансискиот систем. Законот од 2010 година делумно, но недоволно, ги спречи банките да ни нанесат штета на нас другите, но тој малку придонесе банките да ги преземат потребните мерки, на пример, да се насочеа кон кредити за малите и средните претпријатија.
Потребно беше да се зголемат и владините трошења, но исто така и да се воведат поактивни програми за прераспределба, со што ќе се спречеше слабеењето на преговарачката моќ на работниците, трупањето на пазарната моќ на големите корпорации и корпоративните и финансиски злоупотреби. Исто така, активниот пазар на трудот и индустриските политики ќе помогнеа во областите што беа најпогодени од последиците на деиндустријализацијата.
Наместо тоа, политичарите не успеаја да преземат доволно мерки дури и да ги спречат сиромашните домаќинства да ги изгубат домовите. Политичките последици од ваквите економски неуспеси беа предвидливи и сѐ предвидоа. Јасно беше дека постоеше ризик дека оние што беа лошо третирани ќе се свртат кон демагогијата. Никој не можеше да предвиди дека САД ќе направат лош избор со Доналд Трамп, расистичкиот мизогинист што сака да го уништи владеењето на правото и дома и надвор и да го наруши угледот на американските институции што ја кажуваат вистината и прават процени, вклучувајќи ги медиумите.
Фискален стимул со големина како оној од лани во декември и годинава во јануари (и кој тогаш воопшто не ѝ беше потребен на економијата) ќе значеше многу повеќе пред една деценија, кога невработеноста беше висока. Слабото закрепнување не се должеше на „секуларната стагнација“, туку проблемот беше во несоодветните владини политики.
Тука се поставува главното прашање дали стапката на пораст во наредните години ќе биде силна како во минатото. Тоа, секако, зависи од чекорот на технолошката промена. Инвестициите во истражувањето и развојот, особено во основните истражувања, се важен фактор, иако со долго заостанување. Намалувањето што го предложи администрацијата на Трамп нема добри прогнози.
Но дури и во тој случај, сè уште постојат многу неизвесности. Стапките на пораст по жител варираа во голема мера во текот на изминатите 50 години, и тоа меѓу два и три отсто годишно во декадите по Втората светска војна, па до 0,7 отсто во последната деценија. Но можеби имаше преголем култ кон порастот, особено кога мислиме на еколошките трошоци и уште повеќе ако тој пораст не успее да биде од корист за мнозинството граѓани.
Има многу лекции што треба да се научат од кризата во 2008 година, но најважно е дека предизвикот беше и останува политички, а не економски. Нема ништо што внатрешно ја спречува нашата економија да биде водена на начин што ќе обезбеди целосно вработување и заеднички просперитет. Секуларната стагнација беше само еден изговор за пропустите во економските политики. Сè додека и освен ако не се надминат себичноста и кратковидоста што ги дефинираат нашите политики, особено во САД, под власта на Трамп и неговите републикански оперативци, неостварен сон ќе остане економијата што ќе им служи на масите, наместо на малкумина. Дури и ако се зголеми БДП, приходите на мнозинството граѓани ќе стагнираат.
Авторот е американски економист и добитник на Нобеловата награда за економија во 2001 г.