Бурните реакции по бруталното убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги се спротивни на релативната рамнодушност што Западот ја покажа кон големиот број жртви за воената интервенција во Јемен, предводена од Саудиска Арабија. Ако навистина сака да го ограничи режимот во Ријад, Западот мора да престане да продава оружје и да купува нафта од Саудијците
Убиството на Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври го сврте вниманието кон саудискиот режим и особено кон неговиот актуелен лидер, престолонаследникот Мохамед бин Салман. Во голем дел ова се должи на тоа што турската влада го стави настанот во центарот на меѓународното внимание.
Првично, саудиските претставници изјавија дека Кашоги го напуштил конзулатот. Но бидејќи турската влада откри страшни детали за убиството, тие на крајот признаа дека тој починал, тврдејќи дека неговата смрт била случајна последица на тепачка. Сега, откако турските власти доставија докази до директорката на ЦИА, Џина Хаспел, јавниот обвинител на Саудиска Арабија соопшти дека постојат индикации дека смртта на Кашоги била со предумисла. Според јавниот обвинител во Истанбул, Ирфан Фидан, Кашоги бил задавен речиси веднаш откако влегол во конзулатот, а неговото тело било распарчено.
По смртта на Кашоги, Германија ја запре целата продажба на оружје за Саудијците и побара од своите сојузници да го сторат тоа. Владините претставници од неколку држави, вклучувајќи ги и САД, се откажаа од големиот инвестициски самит што се одржа во Ријад. Исто постапија и неколку директори на корпорации, вклучувајќи ги извршните директори на „Џеј-Пи Морган“ и „Блекрок“.
Сепак силниот одговор на бруталното убиство на Кашоги е целосно спротивен на релативната индиферентност што Западот ја покажа за огромниот број жртви во саудиски предводената воена интервенција во Јемен. Во саудиските воздушни напади загинаа илјадници цивили, вклучувајќи деца што загинаа при бомбардирање училишни автобуси. Бројот на овие смртни случаи сега е драстично помал од оној на луѓето што моментално гладуваат во Јемен.
Гладот исто така е резултат на саудиските чекори, како што се блокадите, рестрикциите на увозот, па и други мерки, како што е кочењето на платите за милиони државни службеници. Во една анализа на Марта Манди од лондонската школа за економија, беа откриени докази дека во воздушните напади на коалицијата целите намерно биле производството на храна и дистрибуцијата во областите под контрола на нивните противници. Самиот Кашоги пишуваше потресни статии за загинатите деца во Јемен и порача дека Саудиска Арабија не може да продава морал додека истовремено ја води оваа војна.
Неодамна, Марк Лоукок, генералниот потсекретар за хуманитарни прашања и координатор за итната помош во ОН, соопшти пред Советот за безбедност на светската организација дека осум милиони Јеменци сега зависат од итната помош во храна и дека бројот може да достигне 14 милиони што е половина од населението во државата. Според Лоукок, гладот би можел „да биде најголемиот проблем со кој би се соочил секој професионалец во таа област“. Покрај помошта во храна, на фотографиите од Јемен се забележуваат деца што се коска и кожа, а голем број умираат од глад (најмалку 85.000 деца умреле од глад во изминатите три години, проценува организацијата „Спасете ги децата“).
Мекиа Махди, која работи на клиниката во Јемен, која е преполна со ослабени деца, изјави за „Њујорк тајмс“ дека била изненадена што случајот на Кашоги добил толку многу внимание додека страдаат милиони јеменски деца и додаде дека „никому не му било грижа“.
Фактот што Кашоги беше новинар што пишуваше за „Вашингтон пост“, несомнено до одреден степен објаснува зошто толку внимание доби неговата смрт. Неговата приказна исто така е пример за таканаречениот ефект на позната жртва: судбината на една позната личност навистина повеќе ги погодува луѓето и провоцира реакција отколку ако загинат многу луѓе. Пол Слович, водечкиот истражувач на овој феномен, го нарекува „психичка отрпнатост“. Тој се повикува на една изјава на Мајка Тереза: „Ако гледам кон толпата, никогаш нема да реагирам. Ако гледам кон поединецот, тогаш да“.
Психичката отрпнатост можеби е човечки емоционален одговор што е дел од нашата природа, но малкумина ќе негираат дека милион жртви се помала трагедија од смртта на еден човек. Без разлика како нè тераат нашите емоции да реагираме, на нивото на јавната политика и корпоративното одлучување, треба да знаеме дека бројките, сепак, се важни и дека мора соодветно да се реагира.
Можеби смртта на Кашоги ќе ни ги отвори очите за другите убиства што се дело на саудискиот режим. Со години Саудијците ги користат парите што им ги даваме за нафта за да го индоктринираат нивното население со фундаменталистичките идеи на исламот. Бидејќи не беа задоволни со ширењето на оваа идеологија само во границите на државата, Саудијците вложија милијарди долари во пропаганда за да ги трансформираат во пофундаменталистички толерантните и умерените муслимански заедници во другите држави. За Саудијците се смета дека се едни од најголемите финансиери на Ал каеда, а повеќето од странските борци во терористичката група во Ирак потекнуваат од кралството отколку од која било друга држава.
Спречувањето на продажбата на оружје за Саудиска Арабија е првиот чекор. За да се намали моќта на кралството, не треба повеќе да ја купуваме неговата нафта. За да го постигнеме ова, потребна ни е транспарентност во нафтената индустрија. Од секоја голема нафтена компанија треба да бараме јавно да објави колкав удел од нејзиното производство потекнува од Саудиска Арабија. Откако овие информации ќе бидат достапни, ќе видиме кои клиенти ќе купуваат.
Ако се случи ова, тогаш можеби смртта на Кашоги нема да биде залудна.
Авторот е професор по биоетика на универзитетот „Принстон“