Жан Моне, архитектот на Европската Унија (ЕУ), еднаш рече дека европското единство „ќе се гради во кризи и ќе биде збир од решенија усвоени за тие кризи“. Изминатата деценија и пол само дополнително го потврди предвидувањето на Моне. Спротивно на прогнозите на многу еминентни економисти, економската и монетарна унија на ЕУ ја преживеа должничката криза со еврото и сè уште е силна, благодарение на Европскиот механизам за стабилност. Планот на Јункер помогна европската економија да се врати на вистинскиот пат, а брегзит само дополнително го зајакна единството.
Европа повторно ја докажува својата вредност во пандемијата на ковид-19. Извонредните истражувачи од „Бионтек“ развија водечка вакцина во рекордно време, а заедничките напори овозможија нејзино праведно и ефективно дистрибуирање (и покрај некои почетни тешкотии), обезбедувајќи релативно високи стапки на вакцинација во многу членки на блокот. Планот за економско закрепнување и Европскиот гарантен фонд сега им помага на економски послабите држави и региони да се справат со последиците од пандемијата. Од 2000 година, ЕУ постојано го покажуваше својот капацитет да дава решенија и да покаже солидарност. Но бескрајната потрага по брзи решенија за акутната криза има и негативна страна, а тоа е што завршувањето на европскиот единствен пазар се најде на дното на политичката агенда, иако беше од клучно значење за соочување со зголемената економска конкуренција на светската сцена.
Европа едноставно не го реализира својот потенцијал. Унијата веќе има единствен пазар на стоки, но не и целосно функционален пазар на услуги, особено во инаку брзорастечка дигитална економија. Но во Европа, еден стартап ќе треба во почетните неколку години да се справува со многу странски даночни адвокати и национални регулатори, за што меѓународната експанзија тешко дека ќе се исплати. На блокот му недостигаат унија на капитални пазари и вистинска банкарска унија. Бидејќи постојат значителни регулаторни разлики меѓу земјите на ЕУ, европските акционери и инвеститорите во корпоративни обврзници се оддалечуваат од понудите надвор од нивните сопствени граници, потенцијално отфрлајќи ги поатрактивните можности за инвестирање. Ова ја нагласува потребата за комплетирање на банкарската унија, која вклучува заедничка банкарска контрола, механизам за банкарско порамнување и заедничка гаранција за депозити. Европските влади исто така мора да го надминат нивниот скептицизам за продажбата на долговите, што е клучен елемент на унијата на капитални пазари. Со подобра регулација и надзор, продажбата на долговите може да биде моќна алатка на банките за ослободување дополнителен капитал за нови деловни заеми и финансирање инвестиции во зелените технологии.
Европската комисија добро постапи што подготви амбициозна стратегија за зелена дигитална трансформација на економијата на ЕУ, испраќајќи важен сигнал до остатокот од светот. Но отсуството на конкурентен капитален пазар ги загрозува амбициозните климатски цели на Европејците. Потребни се огромни инвестиции во оваа деценија за да се трансформираат енергијата, транспортот, големи делови од индустријата и милиони домаќинства, како и да се заштитат Европејците од катастрофалните ефекти на климатските промени. Овие цели ќе можат да се постигнат само ако владите соработуваат со банките од јавниот и правниот сектор за да привлечат приватни странски инвеститори.
Европа треба да го премости јазот во финансирањето за климатска акција во вредност од 350 милијарди евра годишно во текот на наредните десет години. Каматните стапки нема да останат ниски на долг рок, суверениот долг ќе ги достигне своите граници, а високите даноци нема да бидат доволни за финансирање на оваа трансформација, која се случува еднаш на сто години. ЕУ веќе ја има потребната алатка за надминување на јазот и треба само да формира вистински капитални пазари и банкарска унија. Со издавањето на првиот зелен обврзник, Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди важен импулс на пазарот за зелени и одржливи обврзници. Згора на тоа, со таксономијата на ЕУ, сега има транспарентни критериуми за одредување кои економски активности се веќе зелени или може да се развиваат во таа насока. Инвеститорите имаат јасен сет на правила што треба да ги користат како водич за одржливо финансирање. Оваа транспарентност на ниво на ЕУ претставува огромен чекор напред, претворајќи ја некогаш исмејуваната идеја во пазар од две илјади милијарди евра.
Со вистинска унија на капитални пазари, ЕУ ќе ги прошири финансиските можности за компаниите и ќе привлече странски капитал, а еврото може да стане навистина конкурентно на доларот. Европските бизниси сега премногу се потпираат на кредити, со тоа што приватните банки, како „Дојче банк“, обезбедуваат 80 отсто од корпоративното финансирање. Иако банките ќе дадат клучен придонес во зелената и дигиталната трансформација на приватниот сектор, сепак тие не можат сами да ги преземат огромните финансиски барања. Додека 60 отсто од американските компании обезбедуваат финансии од капиталниот пазар, само 20 отсто од европските компании го прават тоа. Доколку тоа би го направиле повеќе европски компании, би се ослободиле огромни суми за инвестиции. Европските стартапи не би морале да бараат американски инвеститори во фазата на раст. И европските пионери, како „Бионтек“ (кој доби финансии од ЕИБ), нема да имаат потреба да се вртат кон „Насдак“ кога нивните финансиски потреби ќе достигнат опсег од стотици милиони долари.
Ако е вистинито верувањето на Моне за ЕУ, тогаш климатската криза ќе биде следниот чекор кон подлабока интеграција. Европската зелена и дигитална трансформација може да успее само ако се одвива паралелно со комплетирањето на единствениот пазар, вклучувајќи ги капиталните пазари и банкарската унија.
Автори: Севинг е извршен директор на Дојче банк, а Хојер е претседател на Европската инвестициска банка