Асад сигурно ќе игра улога во блиската иднина на Сирија. Колку повеќе време и ресурси се вложуваат во погрешната политика на промена на режимот, толку е потешко откажувањето од неа. Но има друг избор. Западот мора да престане да се залажува и посериозно да пристапи на преговарачката маса
Лани во март, сирискиот претседател Башар ал Асад беше сниман додека се возеше со неговиот автомобил низ разурнатите улици на источна Гута, на периферијата на Дамаск. Тогаш, седум години по почетокот на граѓанската војна во Сирија, силите на Асад почнаа да извојуваат победи над бунтовничките групи што беа под опсада речиси половина деценија. Снимките на кои се забележува победничко враќање на очигледно опуштениот Асад беа јасна пропаганда. Сепак, исто така со неа се сумираат сите трагични години на конфликтот: Сирија е уништена, а Асад уште е на власт.
Самите бројки не зборуваат за магнитудата на хуманитарната катастрофа, но тие ја даваат потребната перспектива. Во 2011 година, кога почна војната, Сирија имаше 21 милион жители. Речиси осум години подоцна, речиси половина милион од нив загинаа во насилствата (кои главно беа предизвикани од силите на Асад), над 5,5 милиони беа регистрирани како бегалци и над шест милиони се внатрешно раселени. Овие бројки го покажуваат неуспехот на „меѓународната заедница“, која во Сирија и во многу други држави беше недостојна за нејзиното име.
Силните поделби во Советот за безбедност на ОН го спречија здружениот одговор на сириската криза. До одреден степен ова се должеше на воената интервенција на НАТО во Либија, која Советот за безбедност ја одобри, но без согласност на Русија и на Кина, токму кога почнуваа безредијата во Сирија. Интервенцијата во Либија го надмина хуманитарниот карактер и строго се насочи кон отстранување на лидерот на државата, Моамер ел Гадафи, кој беше брутално убиен кратко откако го заробија бунтовниците.
Поради овој настан, Русија и Кина уште повеќе ја загубија довербата, ако е можно тоа, за секаква воена интервенција во име на „одговорноста за заштита“, доктрината што се даде како одговор на насилствата на Гадафи. Ветата се зголемија во Советот за безбедност, со тоа што Русија досега блокира 12 резолуции за Сирија. Кина, која го искористи своето право на вето во Советот за безбедност само во 11 случаи, исто така блокира шест од овие резолуции. Едно од заедничките вета на Кина и на Русија го спречи случајот на Сирија да биде изведен пред Меѓународниот кривичен суд за разлика од претходната едногласна резолуција на Советот за безбедност, кој одобри случајот на Либија да се разгледа токму таму.
Со парализирањето на мултилатерализмот, курсот на војната во Сирија зависи од геополитичките интереси на големите меѓународните сили. Секаков знак на хуманитаризмот беше ограничен на релативно минорни и доста непродуктивни резолуции, посебни договори, како што е оној склучен меѓу САД и Русија за уништување на хемиското оружје на сирискиот режим и сомнителните бомбашки напади, за да се казнат скандалозните кршења на овој договор. Единствениот консензус што се покажа како умерено силен и корисен доведе до борба против Исламска држава (ИСИС), која ѝ нанесе сериозни штети на организацијата, но не и пораз.
Со оглед на овие проблеми, дипломатијата во Сирија очигледно никогаш немаше да оди како подмачкана. Всушност, постојаните обвиненија меѓу големите сили беа една причина зошто Кофи Анан се повлече од функцијата на специјален пратеник на ОН и Арапската лига во Сирија. Сепак неуспешните преговори не беа и уште не се неизбежни. Неуспехот не само што беше резултат на важни контекстуални фактори, туку исто така и на низата стратегиски грешки што ги направи Западот со акцијата или пасивноста.
Првично, иако САД не сакаа директно да интервенираат во Сирија, тие не ја криеја својата желба да го симнат Асад од власт. Кратко по почетокот на војната, администрацијата на Барак Обама експлицитно соопшти дека целта била режимска промена (како што направи ЕУ), со што им нанесе штета на дипломатските напори предводени од Анан. Како што забележа починатиот Патрик Сил, еден од најпознатите хроничари за Сирија, опсесијата со режимската промена „не е план за мир“. Всушност поради ваквиот пристап Асад прејде во дефанзива и ги поттикна нереалните очекувања меѓу силно поделената опозиција. Откако беше пропуштена шансата што првпат беше претставена на Женевската мировна конференција, која ја свика Анан во 2012 година, дипломатските напори наидоа на низа пречки.
Во меѓувреме, ЕУ беше претерано пасивна во однос на конфликтот, што влијаеше врз држава што беше дел од европската соседна политика. Токму војната во Сирија ја предизвика страшната бегалска криза, која во 2015 година ги затресе темелите на ЕУ и, пред сè, доведе до тешки човечки страданија. Покрај ова, ЕУ и нејзините членки го занемаруваа и прикриваа проблемот (како што е договорот за бегалците со Турција) наместо директно да се справат со него.
Денес Западот е апсолутно поделен околу Сирија. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп приредува срамно шоу со хаотични пораки за повлекувањето на малкуте американски копнени сили. Сè уште не е јасно како планираат САД да го неутрализираат влијанието на Иран во Сирија и какви гаранции ќе им се понудат на Курдите, кои многу придонесоа во борбата против ИСИС. Јасно е дека Западот се судира со реалноста. Додека се смирува ситуацијата со ИСИС, ќе излезе дека сегашната Сирија од политички аспект не е воопшто различна од периодот пред војната.
Ова не значи дека Асад ја преброди војната без никакви штети и сега слободно ќе може да ја наметнува својата волја. Но немањето соодветни алтернативи, и покрај бруталните злосторства што тој ги изврши со директна поддршка на Русија и на Иран, Асад сигурно ќе игра улога во блиската иднина на Сирија. Јасно е дека колку повеќе време и ресурси се вложуваат во погрешната политика, како што е режимската промена, толку е потешко откажувањето од таквата политика. Но постои и друг избор. Западот мора да престане да се залажува и мора посериозно да пристапи на преговарачката маса на сите нивоа за Сирија.
Авторот е бивш шеф на дипломатијата на ЕУ и генерален секретар на НАТО