Кога кинеските лидери конечно ќе прогласат победа против епидемијата на новиот и смртоносен коронавирус, тие несомнено ќе му ги припишат заслугите на раководството на Комунистичката партија на Кина. Но вистината е сосема спротивна: партијата повторно е одговорна за оваа катастрофа
Епидемијата на новиот коронавирус, која се појави во кинескиот град Вухан, веќе зарази над 4.000 лица – најголемиот дел во Кина, но и во други земји од Тајланд до Франција и САД – и однесе над сто животи. Ако се земе предвид кинеската историја со епидемии – вклучувајќи ги и САРС и свинскиот грип – и очигледната свест на функционерите за потребата за зајакнување на нивниот капацитет за справување со „големи ризици“, тогаш како можеше да се случи ова?
Не треба воопшто да изненадува дека историјата се повторува во Кина. За да го одржи својот авторитет, Комунистичката партија на Кина мора да ја убеди јавноста дека сѐ се одвива според планот. Тоа значи спроведување систематски прикривања скандали и недостатоци што може лошо да изгледаат за партиското раководство, наместо да се преземе тоа што е неопходно за да се одговори на кризата. Оваа патолошка таинственост го намалува капацитетот на властите навремено да реагираат на епидемиите. Епидемијата на САРС во 2002-2003 година можеби ќе беше сузбиена многу побргу доколку кинеските функционери, вклучувајќи го и министерот за здравство, намерно не ги криеја информациите од јавноста. Откако беа имплементирани соодветни мерки за контрола и превенција на болеста, САРС беше запрен за неколку месеци.
И покрај тоа, по сѐ изгледа Кина не ја научи својата лекција. Иако има важни разлики помеѓу епидемијата на сегашниот коронавирус и епидемијата на САРС, заедничко им е навиката на Комунистичката партија да ги прикрива работите. На прв поглед, кинеската влада изгледаше дека е поажурна во однос на најновата епидемија. Но иако првиот случај беше пријавен на 8 декември, општинската здравствена комисија на Вухан го издаде првото официјално соопштение дури неколку недели подоцна. Па, дури и тогаш, претставниците на Вухан ја намалија сериозноста на болеста и намерно се обидуваа да го потиснат медиумското покривање. Во тоа соопштение и понатаму се тврдеше дека нема докази оти новата болест може да се пренесува од човек на човек, и дека не е заразен ниту еден здравствен работник. Комисијата ги повтори овие тврдења и на 5 јануари, и покрај тоа што дотогаш веќе беа потврдени 59 случаи. Дури и откако на 11 јануари беше регистриран првиот смртен случај, комисијата продолжи да инсистира дека нема докази оти вирусот може да се пренесува помеѓу луѓето или дека има заразени здравствени работници.
Исто така, во текот на овој критичен период имаше мала медиумска покриеност за епидемијата. Кинеските цензори напорно работеа да ги избришат пораките за епидемијата од јавната сфера, што денес е многу полесно отколку со епидемијата на САРС, благодарение на драматично построгата владина контрола на интернетот, медиумите и граѓанското општество. Беа регистрирани дури и случаи на полициско малтретирање на лица „што шират гласини“ за болеста. Според едно истражување, пораките за епидемијата на ВиЧет – популарната кинеска апликација за пораки и социјални медиуми – кулминираа во периодот помеѓу 30 декември и 4 јануари, речиси во исто време кога здравствената комисија на Вухан првпат ја призна епидемијата. Но споменувањето на болеста потоа значително се намали. Споменувањето на новиот коронавирус релативно се интензивира на 11 јануари, кога беше потврден првиот смртен случај, но тоа набрзина повторно исчезна. Дури по 20 јануари – откако беа потврдени 136 нови случаи во Вухан, како и во Пекинг и во Гуангдонг – Владата се откажа од своите цензорски напори. Следуваше вистинска експлозија од споменување на коронавирусот.
И повторно се покажа дека обидите на кинеската влада да го заштити својот имиџ скапо чинат, бидејќи тие ги поткопаа првичните напори за сузбивање. Властите оттогаш ја сменија тактиката и нивната стратегија сега изгледа дека е да покажат колку сериозно Владата ја сфаќа болеста, воведувајќи драстични мерки: забрана за патување во Вухан и соседните градови во провинцијата Хубеи, кои заедно имаат околу 35 милиони жители. Во овој момент, нејасно е дали и до кој степен овие мерки се неопходни или ефикасни. Тоа што е јасно е дека првичното погрешно справување на Кина со епидемијата на коронавирусот значи дека илјадници лица ќе бидат заразени, стотици можеби ќе умрат, а економијата, која веќе е ослабена од долгот и трговската војна, ќе претрпи уште еден удар.
Но, можеби, најтрагичен дел од оваа приказна е дека нема многу причини да се верува дека наредниот пат ќе биде поинаку. Опстанокот на еднопартиската држава зависи од таинственоста, медиумското потиснување и ограничувањето на граѓанските слободи. И покрај тоа што кинескиот претседател Си Џинпинг бара од Владата да ги зголеми своите капацитети за справување со „големи ризици“, Кина ќе продолжи да ја поткопува својата – како и на светот – безбедност, само за да го зацврсти авторитетот на Комунистичката партија. Кога кинеските лидери конечно ќе прогласат победа против епидемијата на новиот и смртоносен коронавирус, тие несомнено ќе му ги припишат заслугите на раководството на Комунистичката партија на Кина. Но вистината е сосема спротивна: партијата повторно е одговорна за оваа катастрофа.
Минксин Пеи е професор на колеџот „Клермонт Мекена“ и вонреден професор на Германскиот маршалов фонд во САД.