Брзо напредуваат истражувањата за развој на безбедна, ефикасна и широко достапна вакцина за ковид-19. Но не е јасно кога ќе имаме готов производ. Многу зависи од тоа како управуваме со производството и дистрибуцијата на нови лекови. Иако базата за пристап до технологија за ковид-19 на Светската здравствена организација ветува дека ќе ја поттикне пристапноста, сепак вистинската достапност на вакцините и третманите исто така зависи од капацитетот на локалното производство, кое во многу земји е уништено од намалувањето на индустриските капацитети.
Покрај тоа, иако универзалното тестирање останува изводлив, ефикасен и непосредно достапен метод за управување со пандемијата сè додека не пристигне вакцината, овој пристап исто така бара капацитет за производство и здраво управување од јавен интерес. Сепак, дури и во напредните економии, преголемото потпирање на приватниот сектор може да ги спречи владите да ги зголемат производството и распоредувањето на тестовите.
Таквиот мисионерски ориентиран пристап бара холистичка перспектива на ниво на системи, особено кога станува збор за јавните здравствени кризи и климатските промени, кои вклучуваат широк спектар на комплексни социоекономски и технолошки прашања. Спроведувањето универзално тестирање ќе бара придонес од огромна мрежа актери и институции. За да биде навистина ефикасна, секоја таква програма мора да биде дизајнирана да генерира системска флексибилност и јавна вредност.
Како што покажаа нобеловецот економист Пол Ромер, епидемиологот Мајкл Мина, неодамнешен работен документ на ММФ и многу други, правилно дизајнираната програма за универзално тестирање може да донесе крај на пандемијата само за неколку месеци. Елементите што недостигаат се индустриски политики и други владини мерки за координирање и насочување на производството за да се отстранат застоите со кои се соочува приватниот сектор.
Веќе постои неопходната технологија за тестирање со брзи имунодијагностички тестови слични на оние за бременост, кои чинат помалку од пет американски долари. Иако овие тестови за нијанса се помалку сензитивни во споредба со стандардните ПЦР-тестови, тие се доволно специфични за откривање инфекции во услови на силно ширење на болеста, а најважно е што тие не бараат централизирани лабораториски капацитети. На пример, тестовите може да бидат достапни бесплатно во локалните аптеки, со можност секој да се тестира редовно и да се самоизолира ако е позитивен. Истите комплети може да се користат како здравствени пасоши за прием во јавни простори, како што се училиштата и работните места. Во овој случај најверојатно ќе се појави нов пазар кога авиокомпаниите, трговските центри, рестораните и кафулињата ќе почнат да купуваат евтини брзи тестови за да можат да ја вратат деловната активност.
Слични стратегии треба да се започнат на национално ниво, особено во земјите со низок и среден приход, каде што достапноста и приспособливоста на молекуларното тестирање се мали. Многу земји имаат капацитет да произведат доволно резерви на тестови по цена што би била незначајна во споредба со оние најпогодените од пандемијата. Покрај тоа, релативно брзо може да се зголеми производството на тестови за антигени.
Додека милијарди долари се насочуваат кон развој и производство на вакцини, дополнителни средства исто така мора да бидат насочени кон зајакнување на нашата инфраструктура за тестирање. Со пет долари по комплет, трошоците за тестирање на светската популација секоја недела би достигнале околу две илјади милијарди долари, што е многу помалку од загубата на светските приходи поради пандемијата во овој период и годинашниот фискалниот стимул, што се проценува на 20 илјади милијарди долари.
Постојат потенцијални силни предизвици покрај производството. Колку и да е практично универзалното тестирање, секој таков напор сепак може да се најде под притисок доколку владите веруваат дека мораат да избираат помеѓу различните потреби за производство на вакцини, антивирусни лекови, опрема за лична заштита и надградени медицински установи. Но универзалното тестирање не смее да се гледа како посебна ставка од поголема листа на приоритети. Поентата на мисионерски ориентираниот пристап е да се создадат динамични капацитети во јавниот сектор и да се зајакне целиот здравствен систем одеднаш. Новиот капацитет за тестирање треба да биде интегриран со националните и локалните здравствени системи како дел од поширокиот дизајн на програмата, така што секој дел од стратегијата ќе ги поддржува другите.
Ковид-19 ја истакна потребата за поотпорен и одговорен индустриски екосистем што може брзо да го зголеми производството на основните производи. Дури и во сегашните услови, изводливо е зголемување на производството на тестови и спроведување универзална стратегија за тестирање што може да ѝ стави крај на пандемијата до крајот на годината, истовремено создавајќи ја потребната инфраструктура за да се избегнат идните пандемии. Сите земји треба да усвојат подолгорочна визија и да ги поддржат своите производствени капацитети. Со предност на ова прашање, владите можат да ги зајакнат локалните производствени капацитети и да создадат нов вид економска заедница. Истиот мисионерски ориентиран пристап може да се примени во научната политика и индустриската стратегија, поставувајќи темели за повеќе меѓусекторски иновации и видови на флексибилно производство што ќе биде потребно за справување со другите висококомплексни светски предизвици. Зад нас се деновите кога сите надежи можевме да ги насочиме кон технолошки решенија.
Мацукато е професорка по економија на иновации и јавни вредности на Универзитетскиот колеџ во Лондон и директорка на тамошниот
Институт за иновации и јавни цели. Реда Шериф е истакнат економист во ММФ.