Можат да се извлечат неколку поуки од брзото и хаотично повлекување на западните сојузници од Авганистан. Ако САД и Европа не успеат да научат нешто, либералната демократија во 21 век би можела да тргне по стапките на државата што штотуку им беше предадена на талибанците
Сликите од неодамнешниот терористички бомбашки напад на аеродромот во Кабул, во кој загинаа повеќе од 100 авганистански цивили и 13 американски војници, само придонесоа за и онака ужасното лето. Денес, практично, сè што слушавме за Авганистан беа мрачните вести за хаотичното повлекување на западните сили од земјата, а особено на САД. За многумина беше големо изненадување што американскиот претседател Џо Бајден ја спроведе стратегијата на Доналд Трамп за напуштање на Авганистан по 20 години, иако Бајден го одложи повлекувањето на американските војници за околу три месеци.
Бајден долго време беше критичар на американската воена обврска во Авганистан, иако беше намалена значително во последниве години. Но не е познато зошто мислеше дека избрзаното повлекување на војниците е добра идеја, со оглед на квалитетот на неговите советници и сопственото меѓународно искуство. Најверодостојното објаснување е дека Бајден веруваше дека одењето по стапките на Трамп може да поврати дел од поддршката на работничката класа што демократите ја загубија од изолационистичкиот популизам на Трамп.
Авганистан заслужено има репутација на политички гробишта, покрај вистинската смисла на зборот. Поранешниот британски премиер Харолд Мекмилан, користејќи го искуството од три мошне катастрофални интервенции на британските империјални сили од Индија во 19 и почетокот на 20 век, еднаш рече дека првиот закон за политиката е да не се нападне Авганистан. Советскиот Сојуз научи слична лекција во 1980-тите во деветгодишна војна, која предизвика огромни загуби на животи и уништување во Авганистан, загинаа 15.000 советски војници и значително придонесе за распадот на самиот СССР.
Покрај овие историски причини за покажување најголема можна претпазливост во однос на Авганистан, западната интервенција по терористичките напади на Ал каеда против САД во 2001 година отиде подалеку од исполнување на нејзината главна цел да ги направи Северна Америка и Европа побезбедни од исламскиот тероризам. До 2003-2004 година, западните сили и развојната помош почнаа да го стабилизираат животот во Авганистан, па дури и делумно да ја намалат недозволената трговија со дрога што беше главен извор на финансирање на тероризмот, како и руралните приходи. Овие напори беа придружени со многу добронамерна реторика за тоа како хуманитарната интервенција од богатите отворени општества може да го направи светот побезбеден. Но не изненадува тоа што оваа посветеност почна да се распаѓа, главно како последица на војната во Ирак – огромна грешка што создаде многу повеќе хаос отколку што спречи.
Тони Блер, поранешниот британски премиер што ја нарече авганистанската политика на Бајден како „бесмислена“, треба да признае дека многумина мислат дека неговата ентузијастичка поддршка за војната во Ирак беше уште побесмислена. Тој конфликт ги исцеди политичката енергија и ресурси од Авганистан и на тој начин го отежни завршувањето на тамошната задача на Западот.
Погубниот хаос на западното повлекување од Авганистан ни одржа лекции на сите нас. Прво, целата меѓународна заедница има обврска да го спаси авганистанскиот народ од хуманитарна катастрофа и да обезбеди засолниште за оние што сакаат да ја напуштат земјата од политички причини. Ако можеме да ги ограничиме талибанците на кој било начин, за што се мали шансите, треба да го сториме тоа со што е можно поголема поддршка од соседите на Авганистан.
За САД, главната лекција е јасна. Кога Бајден порача пред светот во февруари дека „Америка се врати на политичката сцена“, многумина претпоставуваа дека тој мислеше дека САД ќе водат сојуз на отворени општества решени да се залагаат за владеење на правото и меѓународниот поредок што промовира мир и просперитет. Но ако „враќањето на Америка на политичката сцена“ наместо тоа значи дека САД се враќаат на изолационизмот, тогаш резултатот ќе биде лош за сите, вклучувајќи и за Американците.
Како што беше случајот со Втората светска војна, Америка останува да има неизоставна улога за мирен и просперитетен свет. Тоа значи дека нејзините сојузници треба да имаат верба во своите обврски. Истото важи и за оние чие мирно самоопределување Америка вети дека ќе го гарантира, како што е случајот со Тајван и со Украина.
Европската Унија (ЕУ), од своја страна, мора да се запраша дали е подготвена и дали има капацитет да им даде поголема помош на САД во нејзината лидерска улога. Европа не може да продолжи постојано да биде на грбот на американските безбедносни гаранции, додека истовремено ја критикува Америка дека не вложува повеќе труд.
Велика Британија, откако излезе од ЕУ за да го оствари своето право во глобалната сфера на моќ, мора да се соочи со фактот дека нејзиниот глас не се брои многу кога САД ќе одлучуваат што сакаат да направат. Неодамна поранешната премиерка Тереза Меј го праша својот наследник Борис Џонсон, во Парламентот, „каде е глобалната Британија на улиците во Кабул“? Џонсон ја нема довербата во Брисел, Париз и во Берлин, а ниту, пак, Вашингтон има доверба во него и исто така не го сфаќа сериозно. Освен брегзит, британскиот премиер треба во многу скоро време да ги обнови своите односи во Европа.
На сите овие прашања треба да им се пристапи креативно. Ако ние и, пред сè, САД и Европа, не успееме во тоа, тогаш либералната демократија во 21 век може многу лесно да тргне по патот на Авганистан.
Авторот е последниот британски гувернер на Хонгконг и поранешен европски претставник за надворешни прашања, а актуелно е ректор на универзитетот „Оксфорд“.