Дарен Аџемоглу
САД го нападнаа Авганистан пред 20 години со надеж дека ќе ја обноват земјата, која стана закана за светот и за сопствениот народ. Како што објасни генералот Стенли Меккристал, пред масовното испраќање американски војници во 2009 година, целта беше „Владата на Авганистан доволно да ја контролира својата територија за да ја поддржи регионалната стабилност и да спречи нејзина употреба за меѓународен тероризам“. Со загубени повеќе од 100.000 животи и потрошени околу две илјади милијарди долари, за сите напори на Америка сега зборуваат сцените на очајна борба за излез од земјата од овој месец, што претставува понижувачки колапс што потсетува на падот на Сајгон во 1975 година. Речиси сè тргна во погрешен правец, но не на начин како што мислат повеќето. Додека лошото планирање и недостигот од точни разузнавачки информации, секако, придонесоа за катастрофата, проблемот всушност се создаваше 20 години.
САД рано сфатија дека единствениот начин да се создаде стабилна земја со нешто што ќе наликува на закон и ред е да се воспостават цврсти државни институции. Охрабрени од многу експерти и веќе непостојни теории, американската војска го постави овој предизвик како инженерски проблем: Авганистан немаше државни институции, функционални безбедносни сили, судови и искусни бирократи, па решението беше да се вложат многу ресурси и да се вклучи странска експертиза. Невладините организации и поширокиот западен комплекс за странска помош беа таму за да помогнат на свој начин (сакале локалните жители или не). Бидејќи нивната работа бараше одреден степен на стабилност, странските војници, главно силите на НАТО, но и приватните платеници, беа распоредени за да ја одржуваат безбедноста.
Гледајќи на градењето нација како на хиерархиски процес во кој „државата е на прво место“, политичарите во САД ја следеа почитуваната традиција во политичката наука.
Претпоставката беше дека ако можете да воспоставите огромна воена доминација врз територијата и да ги покорите сите други извори на моќ, тогаш можете да ја наметнете вашата волја. Сепак, на повеќето места оваа теорија во најдобар случај беше половична, но во Авганистан беше погрешна. Се разбира, на Авганистан му требаше функционална држава, но погрешна беше претпоставката дека може да се наметне одозгора од странски сили. Овој пристап нема смисла кога вашата почетна точка е длабоко хетерогено општество организирано околу локалните обичаи и норми, каде што државните институции веќе долго време отсуствуваат или не функционираат.
Навистина, хиерархискиот пристап кон државотворноста функционираше во некои случаи, но повеќето држави се изградени не со сила, туку со компромис и соработка.
Успешната централизација на моќта под државните институции почесто вклучува согласност и соработка на луѓето што се подложни на истата таа. Во овој модел, државата не е наметната на општеството против неговата волја, поточно државните институции градат легитимитет со тоа што ќе обезбедат помала народна поддршка.
Ова не значи дека САД требаше да соработуваат со талибанците, туку дека требаше да соработуваат поблиску со различни локални групи, наместо да трошат ресурси на корумпираниот, нерепрезентативен режим на првиот авганистански постталибански претседател, Хамид Карзаи (и неговите браќа). Ашраф Гани, авганистанскиот претседател поддржан од САД, кој избега во Обединетите Арапски Емирати оваа недела, откако беше на власт, продолжи по истиот пат.
Состојбата со која се соочија САД во Авганистан беше уште полоша отколку што е типична за амбициозните градители на нацијата. Уште од самиот почеток, авганистанското население го сметаше американското присуство како странска операција, со цел да го ослаби нивното општество. Тоа не беше исход што го посакуваа.
Но што се случува кога напорите за хиерархиско градење на државата продолжуваат спротивно на желбите на општеството? На многу места, единствената привлечна опција е да се повлечете. Но во жестоко независно, добро вооружено општество со долга традиција на крвна одмазда и понова историја на граѓанска војна, поверојатниот одговор е насилниот конфликт.
Можеби нештата ќе беа поинакви ако пакистанската агенција за странско разузнавање и контраразузнавање не ги поддржуваше талибанците кога беа воено поразени, ако нападите со НАТО со дронови не го отуѓија дополнително населението и ако авганистанските елити поддржани од САД не беа екстравагантно корумпирани. Но картите не беа во корист на американската државна стратегија, а факт е дека американските лидери требаше подобро да постапат.
Уште повпечатливо е неодамнешното искуство на американската војска во Ирак. Како што покажува истражувањето на Ели Берман, Јаков Шапиро и Џозеф Фелтер, „инвазијата“ таму функционираше многу подобро кога Американците се обидоа да добијат поддршка со негување на поддршката од локалните групи. Слично на тоа, мојот труд со Али Чима, Асим Хваџа и Џејмс Робинсон покажува дека во руралниот дел на Пакистан, луѓето се свртуваат кон недржавните актери токму кога мислат дека државните институции се неефикасни и недостапни за нив.
Ништо од ова не значи дека повлекувањето не можеше подобро да се организира. Но по 20 години погрешни напори, беше предодредено да пропаднат двојните цели на САД за повлекување од Авганистан и оставање зад себе стабилно општество базирано на закони. Резултатот е огромна човечка трагедија. Дури и ако талибанците не се вратат на своите најлоши практики, авганистанските мажи, а особено жените, ќе платат висока цена за неуспесите на Америка во годините и децениите што следуваат.
Авторот е професор по економија на универзитетот МИТ.