Силниот настап на зелените на федералните избори во Германија, иако не толку силен како што се надеваше партијата само пред неколку недели, нуди надеж дека земјата конечно ќе започне да се движи во поперспективна насока. Тоа може да значи оддалечување од авторитарно-пријателските позиции на канцеларката Ангела Меркел, како што се нејзината поддршка за гасоводот „Северен тек 2“ меѓу Германија и Русија и нејзиното залагање за инвестициски договор на Европската Унија (ЕУ) со Кина (кој оттогаш беше блокиран од Европскиот парламент).
За разлика од Демохристијанската унија (ЦДУ) на Меркел и Социјалдемократската партија (СПД), кои покажаа проруска пристрасност уште од канцеларството на Герхард Шредер (1998-2005 г.), зелените фаворизираат построги политики кон Русија и кон Кина. Покрај тоа, тие сега се во состојба да ја држат под контрола поранешната пристрасност на СПД кон Русија, бидејќи би можеле да му се придружат на нејзиниот кандидат за канцелар Олаф Шолц во нова владина коалиција, која ќе ја испрати ЦДУ во опозиција.
За време на последната телевизиска дебата во кампањата, Шолц и Аналена Бербок од зелените се изјаснија токму за оваа можност. Иако формирањето нова влада може да биде бавен процес и во игра може да бидат голем број комбинации и пермутации, зелените се подготвени да играат клучна улога речиси во сите варијанти. Тие се заеднички именител и овој факт ќе го сфати и рускиот претседател Владимир Путин, за кого многу Германци веруваат дека бил активен зад сцената во обидот да го минимизира изборниот успех на зелените.
Проблемот за ЦДУ е дека дури и производствените и работните политики на Меркел добија политички непријатни атрибути во последниве години. Во 2020 година, германската трговија со Кина изнесуваше 212,9 милијарди евра, наспроти 171,5 милијарда евра со САД, 147,3 милијарди евра со Франција, 114,4 милијарди евра со Италија и 101,6 милијарда евра со Обединетото Кралство. Бидејќи огромен дел германски работни места и приходи зависат од трговијата со Кина, германските лидери честопати ги занемаруваат прекршувањето на човековите права во таа земја и предизвиците за глобалниот поредок заснован на отворени правила. Поранешниот германски вицеканцелар и лидер на СПД, Зигмар Габриел, во едно неодамнешното интервју изјави дека „Германија чекори по тенка линија помеѓу осудување на кинеското прекршување на човековите права и обезбедување пристап до кинеските пазари за германските компании“.
Сигурен сум дека на многу Германци им пречи што нивниот извоз се остварува на сметка на жртвите од прекршувањето на човековите права во Кина. Уште полошо, прекумерната зависност на Германија од кинеската трговија ја спречи ЕУ да воспостави единствен фронт против кинеското влијание. Како може Европа да биде строга кон Кина, кога нејзината најголема економија е толку попустлива?
Меркел не чекореше во ист ритам со своите европски партнери во однос на поавторитарните режими. Ако зелените имаат поголемо влијание врз германската политика, тогаш може да има поголема солидарност во ЕУ кога станува збор за справувањето со Кина и во Русија. Исто така, ќе има поголема трансатлантска солидарност, во согласност со ветувањето што го даде американскиот претседател Џо Бајден во Обединетите нации дека „немилосрдната војна“ ќе премине во „немилосрдна дипломатија“ со Кина и со Русија.
Во секој случај, она што зелените најмногу го посакуваат за Германија е модерна економија, а не меркантилистичка што ќе гледа назад. Нивниот привлечен слоган за кампањата „Збогум на статус квото, добре дојде за иднината“, совршено го доловува она што ги разликува и од ЦДУ и од СДП, двете главни партии на изборите. Слоганот на зелените силно сугерира нова проевропска стратегија за германски раст. Меѓу другото, ова значи прераспределба на германските продуктивни ресурси од извозот и пренасочување во обновливи извори на енергија, во високотехнолошки, дигитални и други сектори.
Повеќето критичари се согласуваат дека најголемата слабост во ерата на Меркел е нејзиниот неуспех да ги негува индустриите на иднината. Катарина Утермал, високата економистка на „Алијанц“, забележа дека „покрај растот и зголемувањето на вработеноста, многу малку било вложено во модернизацијата“. За време на Меркел, ниските стапки на јавни инвестиции ја оставија земјата недоволно подготвена. Економската политика беше да живееме за денес и да заборавиме на утрешниот ден. Иако Германија постигна просперитетна економија со многу работни места, особено за жените, таа, сепак, е старомодна економија, која неизбежно ќе стагнира доколку политичарите не го променат курсот.
Меркел остави голем простор за да го пополнат зелените и тоа е она што тие сега имаат намера да го направат. Една ветувачка опција е да се воведе данок на извоз, а приходите ќе ги финансираат индустриите на иднината. Ова ќе убие две муви со еден удар, со тоа што ќе се намали меркантилизмот на Меркел и ќе се инвестира во секторите потребни за одржување на глобалната конкурентност на Германија.
Зелените не се залагаат активно за данок за извоз. За време на предизборната кампања, тие се залагаа за зголемување на данокот на богатите, регулаторна акција за намалување на емисиите на стакленички гасови, реформа на германските должнички правила и построги политики кон Кина и Русија. Но ако идејата е да се отфрли статус квото и да се продолжи со економска модернизација, данокот на извоз ќе го воспостави кредибилитетот на партијата и ќе привлече значајно медиумско внимание. Кој би бил подобар начин од овој да се забрза крајот на меркантилистичкиот економски модел на Меркел?
Статус квото на Германија сè уште не е надминато. Но добрите резултати на зелените на изборите овој месец треба да му дадат многу пократок животен век.
Авторот е почесен професор на универзитетот „Њујорк“.