Идејата за европска индустриска политика повторно е на дневен ред, барем по објавувањето на француско-германскиот манифест за ова прашање на почетокот на 2019 година. Иако документот примарно се фокусира на светската конкурентност, еднакво силен аргумент за заживување на индустриската политика е дека таа е неопходна за опстанокот на еврото. Од воведувањето на единствената валута, индустрискиот удел на економијата во однос на додадена вредност остана стабилен во Германија, додека значително опадна во Франција, Шпанија и во Италија. Огромниот германски одговор на економската политика од шокот со ковид-19 со сигурност ќе ја зајакне оваа тенденција.
Индустријата, која општо има цел да ги вклучува дигиталните услуги, е клучот за зголемување на продуктивноста, што значи дека јужните членки на Европската Унија (ЕУ) ќе треба да почнат со индустриско заживување. Во спротивно, нивниот релативен недостиг од конкурентност ќе ги продлабочи разликите во еврозоната и ќе ја зголеми можноста за постојани трансфери од север кон југ, што е закана по политичката одржливост на блокот.
Лошата вест е што иако Франција може да си дозволи да потроши милијарди евра за поддршка на својата автомобилска индустрија, сепак Италија и Шпанија не можат да го сторат тоа. Добрата вест е што неодамна усвоениот пакет за економска обнова на ЕУ, наречен „Следна генерација“, нуди можност и за заживување на јужноевропската индустрија и да ја позиционира за дигитална одржлива иднина.
Според договорот на Европскиот совет од јули, „членките ќе подготват национални планови за закрепнување и издржливост што ќе ја утврдат агендата за реформи и инвестиции на засегнатата членка за 2021-2023 година“.
Но европските лидери сега треба да одат понатаму, со воспоставување јасни цели за европската индустрија, која не само што треба да биде конкурентна на светско ниво туку и географски да биде поурамнотежена. Фокусот треба да биде насочен на истите клучни сектори што се наоѓаат во француско-германскиот манифест: здравство, енергија, климатска заштита, безбедност и дигитална технологија, со специфични иницијативи во микроелектроника, батерии и вештачка интелигенција.
Додека САД и Кина се натпреваруваат во потрага по светска доминација во сферата на вештачката интелигенција и другите врвни технологии, Европа сè повеќе заостанува во дигиталната економија. Дури и во успешната Германија, вкупната берзанска капитализација е помала од онаа на еден американски технолошки гигант како „Амазон“, „Епл“ или „Мајкрософт“.
Спротивно на она што го тврдат некои коментатори, недостигот од технолошка конкурентност во Европа не е резултат на конкурентската политика на ЕУ, туку во тоа што има силно поделен дигитален пазар, поради што е невозможно за фирмите да профитираат од динамичните економии на обем што инаку би го нуделе дигиталните платформи и „големите податоци“. Оваа пречка остава мал простор за инвестирање во сферата на истражувањето и развојот, која ги поттикнува иновациите.
За да биде работата уште полоша, Европа исто така има силно поделени политики за јавни набавки, најмногу поради фактот што нема заедничка политика за одбрана. Токму оваа разединетост, а не конкуренцијата на единствениот пазар, го објаснува непостоењето на европски „предводници“.
Пандемијата доведе водечки приоритет да станат технолошкиот суверенитет и стабилноста на синџирот на вредности, но не само во Европа туку и насекаде. Покрај тоа, индустриската политика има клучна улога во прераспределувањето на ресурсите од уназадени и застарени во нови одржливи сектори.
Без стратегиски пристап, државната помош за приватниот сектор само дополнително силно ќе ги задолжи фирмите што требаше да пропаднат. Оваа опасност е особено критична во сегашните околности, со оглед на обемот на итни трошоци од страна на владите. Во спроведувањето на постпандемиското закрепнување, целта на договорот „Следната генерација“ на ЕУ и другите програми не треба да биде насочена само на враќање на растот туку и на трансформација на економијата.
За таа цел треба да се користат индустриски политики за да се помогне во координирањето на инвестициите. Клучните индустрии, како онаа на електричните возила, не зависат само од автомобилскиот сектор туку и од домени што се движат од вештачка интелигенција и 5Г до производство на батерии и инфраструктура (станици за полнење). За да се постигне светска конкурентност во оваа индустрија, потребни се широки комплементарни инвестиции, а да не зборуваме за соодветно обучена и образована работна сила. Во случајот на Европа, традиционалниот пристап до слободна трговија малку се препорачува, а неопходна ќе биде јавно-приватната соработка.
Успехот на фондот за закрепнување на ЕУ зависи од координацијата на европско ниво, следејќи го процесот на внимателен избор и следење на јавната потрошувачка. За да се спречи политиката на користење на јавните финансии за купување гласови да го ограничи трансформацискиот потенцијал за обнова, кандидатските проекти треба да бидат оценувани и обликувани од независни национални агенции во кои ќе бидат вработени докажани професионалци.
На еврозоната ѝ е потребна индустриска политика што ќе ја зачува внатрешната конкуренција, додека истовремено ќе ја зајакне јужноевропската индустрија и ќе ја поддржува посветеноста на ЕУ за отворање пазари на меѓународно ниво. Во спротивно, самото евро ќе биде изложено на ризик.
Ксавиер Вивес е професор по економија и финансии на бизнис-школата ИЕСЕ и коавтор на извештајот „Банкарскиот бизнис-модел во светот по пандемијата на ковид-19“