Во иницијативата што ја поведуваат граѓански организации и неколку професори од Шумарскиот факултет (наспроти четириесетина професори од Институтот за биологија и Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои едногласно ја поддржаа одлуката за прогласување на Водно како заштитен предел и чие мислење е доставено до МЖСПП) се бара да се запре постапката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од петта категорија и да се обезбеди интегрирана заштита на Водно со носење посебен закон што нема да се фокусира само на заштитата на биодиверзитетот туку на целокупната заштита на Водно. Ваквото барање е неосновано, бидејќи токму Законот за заштита на природата обезбедува интегрална заштита, не само на биодиверзитетот туку воопшто на целокупната природа на Водно, со оглед на тоа што Законот за заштита на природата дозволува да се применуваат сите други закони од допирните области или т.н. посебни закони, како што се Законот за шумите, Законот за водите, Законот за заштита на растенијата, Законот за заштита на стрмните земјишта од смивање и однесување, Законот за заштита на стрмните земјишта од ерозија и уредување на пороите, Правилникот за заштита од пожари и други закони, кои како предмет на уредување ја имаат одредената област.
Честопати, во излагањата на иницијаторите за донесување посебен закон за Водно, се истакнува дека Водно нема елементи на природно наследство бидејќи претставува вештачки подигната шума, при што се заборава да се земе предвид дека и во ваквите шуми се создал и соодветен растителен и животински свет за кој ќе се согласиме дека „не е вештачки“, дека тука се развиле и специфични живеалишта на видови како просторно ограничени единици, кои се карактеризираат со специфичен комплекс на фактори на животната средина, односно животна заедница што претставува одредена структура што се состои од соодветни еколошки ниши, состав на видови итн.
Многупати се истакнуваат и заканите од поројни поплави од Водно (запоставени канали и запоставена планина). Точно, можни се вакви закани од Водно на кои Законот за заштита на природата не се осврнува. Затоа, овој комплексен закон за заштита на природата, како интегрален закон, регулирањето на ваквите прашања им го препушта на другите закони како што беше погоре спомнато. Па, така, според Законот за водите, општините и Град Скопје се должни да ги преземат мерките за уредување на пороите што се наоѓаат на нивното подрачје.
На одржаната прес-конференција нè зачуди изјавата на почитуваниот професор од Шумарскиот факултет во Скопје, д-р Иван Блинков, дека граѓаните на Скопје не требало да бидат жртва на природното наследство и дека поважна била безбедноста отколку заштитата на „тревки, габи и еден локалитет со инсекти“. Сѐ е важно околу заштитата на Водно и безбедноста на граѓаните, веројатно се мисли од заканите од поплави, како и биодиверзитетот на Водно, затоа што идниот субјект за управување што ќе биде определен по прогласувањето на Водно за заштитено подрачје е должен според Законот за заштита на природата да се грижи интегрално на сето тоа што постои како појава на Водно, односно заштита од сите аспекти, вклучувајќи ги тука и разните видови закани, како што се природните непогоди, заканите од урбанизација и пробивање патишта, заканите од пожари, заштита на културното наследство и сл., кои треба да бидат дел од планот за управување.
И да повториме, сосема погрешно е толкувањето дека доколку Водно се прогласи за заштитено подрачје со одлука за негова заштита ќе биде релевантен само Законот за заштита на природата. Имено, и во членот 1 став 4 од Законот за заштита на природата е утврдено дека „Врз заштитата на природата се применуваат и одредбите од другите закони кои се однесуваат на заштитата на природата“, бидејќи системски закон со кој се уредува заштита на природата е Законот за заштита на природата.
Во случајот со Водно, многу е важно Град Скопје, за кој е предложено да управува со заштитеното подрачје, да формира посебно управно тело како организациска единица што ќе се грижи за заштита и одржување на заштитеното подрачје, додека непосредната заштита треба да ја спроведува чуварска служба основана од Град Скопје. Субјектот за управување со заштитеното подрачје треба да располага со човечки, административни, просторни, технички и финансиски ресурси.
Васил Анастасовски е географ и претседател на Друштвото за заштита на природата на Македонија