Кина и Западот практикуваат некаква верзија на мултилатерализмот. Но неограничената стратегиска конкуренција заедно со постојаната негативна реторика, всушност само му создава пречки на мултилатерализмот што потоа резултира со нарушена трговија и трансфер на технологии, кои се главниот двигател на развојот
На неодамнешните состаноци на Г7 и на НАТО, Кина беше издвоена како стратегиски конкурент, пресметлив трговски партнер, технолошка и национална безбедносна закана, која ги прекршува човековите права и се залага за апсолутистички политики на светско ниво. Кина ги осуди овие карактеризации, кои нејзината амбасада во Велика Британија ги нарече „лаги, гласини и неосновани обвинувања“. Ризиците што ги носи таквата реторика не треба да се потценуваат.
Многумина на Запад не ја одобруваат структурата на еднопартиско управување во Кина, исто како што гласните елементи во Кина ја омаловажуваат западната либерална демократија, за која тврдат дека е во трајно опаѓање. Реалната опасност е сепак дека официјалните лица од обете страни се чини дека прифатија игра на нулта сума, според која, двете страни не можат едноставно да коегзистираат, поточно едната страна мора да „победи“. Според оваа логика, обете страни секогаш мора да се обидуваат да ја уништат конкуренцијата. Значи, Западот, а особено САД, ќе сака да го запре подемот на Кина (кој во реалноста во голем дел беше овозможен токму од Америка). Што се однесува до Западот, Кина е решена да ја искористи својата економска моќ, вклучувајќи го и нејзиниот огромен внатрешен пазар, да го преобликува глобалниот систем по свој модел и истиот тој да биде во нејзина корист. Колку почесто лидерите ги повторуваат овие наративи, толку е поголема веројатноста обичните граѓани да станат убедени дека се вистинити. Сè поголемиот страв и незадоволство од двете страни го зголемува ризикот дека наративите ќе прераснат во пророштва што сами ќе се остварат.
Во меѓувреме, фокусот на билатералната конкуренција ги прикрива потребите и интересите на луѓето на пазарите и економиите во развој. Точно е дека Кина и Западот практикуваат одредена верзија на мултилатерализмот. Но неограничената стратегиска конкуренција го спречува ефективниот мултилатерализам, особено преку нарушување на трговијата и трансферот на технологија, кои се клучни двигатели на развојот. На Кина и на Западот итно им треба нова рамка за разбирање на состојбата во светот и нивното место во неа. Пред сè и најважно, таквата рамка треба да прифати дека правилно регулираната економска конкуренција не е игра на нулта сума.
Во статична смисла, нормалната економска конкуренција ја зајакнува ефикасноста на цените и помага да се усогласат понудата и побарувачката. Во динамична смисла, тоа води кон она што Џозеф Шумпетер го нарече „креативно уништување“ што претставува моќен механизам за претворање на знаењето, идеите и експериментите во нови производи, услуги и процеси за намалување на трошоците. Со други зборови, тоа доведува до напредок во човечката благосостојба. Нема причина да се мисли дека прекуграничната конкуренција не може да ги даде истите придобивки. Напротив, искуството го докажува спротивното, сè додека се воспоставени правни и регулаторни структури, а полето за игра е рамномерно. Обезбедувањето на овие услови, особено еднаквите услови за игра, е тешко во меѓународни размери, но тоа не значи дека не може да се оствари. Стратегискиот натпревар е сосема друга приказна. На крајот на краиштата, постојат моќни технологии со двојна употреба, кои честопати произлегуваат од сектори неповрзани со одбраната, за унапредување на економските и на националните безбедносни цели. Лидерите не треба да се преправаат дека ова не е остварливо.
Но, исто така, тоа не значи дека земјите се осудени да играат игра на нулта сума за ослабување на противникот. Кина и Западот треба да се согласат да постигнат и зачуваат одреден степен на економски, технолошки и одбранбен паритет. Ова значи откажување од напорите за блокирање на ширењето на знаење и технологија – потфат што ретко е ефективен на долг рок. Таквиот пристап ќе избегне поголема поделба на глобалниот економски систем, што е особено штетно за трети страни. Тоа би спречило офанзивна употреба на воени или технолошки средства, кои се од клучно значење во средина каде што ниту една од страните не верува во другата. Но системот што ја минимизира потребата за доверба, не го оправдува меѓусебното непријателство. Нема ништо лошо во претпочитањето на системот за управување во сопствената земја, вклучувајќи ја и посебната рамнотежа на индивидуалните права и колективните интереси. Ваквите преференции се засноваат на фактори како што се личното искуство, образованието и вредностите, а не објективните факти. Нема јасен доказ дека еден посебен систем на управување гарантира економски и општествен развој. Демократиите и еднопартиските системи дадоа добри и лоши развојни резултати. Се чини дека најважниот предуслов за развој е посветеноста на лидерите кон инклузивна визија за човечката благосостојба.
Кога претпоставуваме дека нашиот сопствен префериран систем е објективно супериорен и ги оцрнуваме алтернативите, на крајот неправилно ги обликуваме термините и веројатните резултати од економската и стратегиската конкуренција. Уште полошо е кога конкуренцијата околу управувањето го одвлекува вниманието од попродуктивните димензии на меѓузависност.
Економската, технолошката и воената конкуренција се неизбежни. Прашањето е дали тоа ќе биде конструктивно. Како што изгледа, светот се движи кон рамнотежа што нема да се постигне, а со тоа што најмногу страдаат трети страни. Но не е доцна да се смени курсот. Со оглед на недостигот од информации и доверба, заедно со внатрешната политичка динамика, потребна ќе биде значителна храброст од лидерите од обете страни. Првиот чекор е двете страни да се одречат од провокативна реторика што ја забележавме во последните неколку недели.
Авторот е Нобелов лауреат по економија, а актуелно е почесен професор по економија и поранешен декан на Факултетот за бизнис на универзитетот „Стенфорд“.