Економскиот диференцијал за справување со пандемијата

Џим О’Нил

Неодамна препрочитав и размислував за сè што имам напишано за „Проџект синдикејт“ од почетокот на оваа година. Особено се издвоија два коментари. Во јануари предложив дека без нов пораст на продуктивноста, светот ќе се бори да го постигне истото ниво на економски раст во наредната деценија, како што беше случај во претходните.
Потоа, во февруари, му аплаудирав на јужнокорејскиот режисер Бонг Џун-хо за освојувањето „оскар“ за најдобар филм со хитот „Паразит“ за 2019 година. Ова достигнување беше уште еден доказ дека економскиот и национален раст на Јужна Кореја е една од најинтересните приказни на мојата генерација.

Малку знаев дека до моментот кога беше објавен коментарот, Јужна Кореја веќе ќе се соочи со пандемијата на ковид-19. Отпрвин се загрижив дека можеби сум претерал со моите пофалби. Но сега е јуни, а Јужна Кореја се рангира на врвот на листата на земји што во најголем дел се справија со првиот бран на пандемијата. Всушност, речиси сите земји што обично достигнуваат највисоко ниво на индекси за одржлив економски раст, генерално со тековната криза се справија многу подобро од другите.

Што се смета за одржлив економски раст? Се разгледуваат неколку кредибилни индекси, од оние на Обединетите нации (ООН) и на Светската банка до извештаи од приватни фирми, како што е КПМГ, и експертски групи како институтот „Легатум“.
Почнувајќи од 2000-тите, моето одделение изработи препораки за развој на животната средина за околу 180 земји, засновани на околу 15 различни варијабли, од стапки на инфлација и инвестиции до технолошко усвојување, ниво на образование и владеење на правото. Последните препораки беа подготвени во 2014 година. Но ако се погледне наназад, ќе се открие дека земјите што постигнале повисок ранг во минатото, сега забележуваат најниски стапки на смртност на ковид-19.

Трите држави што покажаа најдобри резултати според извештајот за препораките од 2014 година беа Сингапур, Хонгконг и Јужна Кореја, а по нив следуваа Норвешка, Холандија, Катар, Нов Зеланд, Луксембург, Данска и Австралија. Воопшто, овие земји се истакнуваат по тоа што се покажаа многу подобро од другите во одговорот на ковид-19. Ако има еден исклучок, тоа е Холандија, која не се справи како што се очекуваше.

Исто така, меѓу понаселените западни земји што го сочинуваат Г7, Германија имаше особено повисок индекс од САД, Велика Британија, Франција и Италија, а исто така и помина многу подобро од тие земји изминативе неколку месеци. И меѓу таканаречените земји на БРИК, Кина, која многу брзо успеа да ја израмни и намали кривата на епидемијата, а забележа повисок индекс од Бразил, Русија и од Индија.
Впечатливо во овие забелешки е дека индексот на препораките не ги разгледуваше директно националните здравствени системи. Иако силната корелација со перформансите во текот на пандемијата може да биде случајна, поверојатен заклучок е дека метриката за одржлив раст што ја користевме, има силно влијание врз квалитетот на здравствениот систем на една земја.

На пример, технолошкото усвојување се покажа како клучна детерминанта при брзото и ефикасно тестирање за ковид-19, како и следењето и проследувањето на контактите според протоколите. Во првите години од собирање податоци за индексот, се сеќавам дека прво се изненадив од тоа колку високо Јужна Кореја се рангираше во технолошката компонента. Но наскоро сфатив дека тоа беше клучен фактор за пошироко поттикнување на инклузивниот раст на земјата.

Друга важна варијабла на индексот беше колку еднакво растот се дели на населението. Повторно, земјите со повисок БДП по жител и повисок просечен приход на домаќинства генерално се подобри во текот на актуелната криза.
Постојат важни лекции, особено за политичарите, кои сега подготвуваат планови за обнова на нивните економии. Очигледно многу земји треба да ја достигнат дигиталната револуција и да ги зацврстат своите здравствени системи. Мојата земја, Велика Британија, се чини дека ја учи оваа лекција на потешкиот начин. Можеме да се надеваме дека Министерството за здравство и јавно здравје на Англија ќе ја признае потребата за поефикасна и широкодостапна дијагностика и други технологии.

Кога политичарите ги разгледуваат нивните инфраструктурни потреби, треба да се запрашаат што е поважно, дали грандиозни проекти, како железнички системи и нови згради, или помалку „атрактивни“ инвестиции, како широкопојасен интернет и образование. На крајот на краиштата, рестрикциите поради ковид-19 веќе променија на подобро одредени карактеристики во нашата работа и начин на живот.
Веројатно во постпандемиската економија повеќе ќе се применува работа од дома, урбаните населби нема да бидат толку густо населени и така натаму. Иако сè уште ќе ни требаат целосно модернизирани системи за транспорт, исто така ќе ни требаат повеќе начини за можностите на луѓето да бидат подостапни. Во спротивно, економските перформанси на повеќето земји ќе останат поделени и циклично ранливи, а ќе заостануваат зад посакуваните цели.

 

Авторот е поранешен претседател на одборот за управување со капитал во Голдман Сакс и поранешен британски министер за финансии, а сега е претседател на „Чатам хаус“.