Еврогрупата на министрите за финансии во еврозоната се бори да договори значаен макроекономски координиран фискален одговор на огромните рецесиски ефекти на пандемијата на ковид-19. Сметам дека резултатот ќе биде херојска најава, која ќе најави импресивни бројки што ги прикриваат неважноста и плашливоста на договорените политики. Првиот показател за ова потекнува од неодамнешното соопштение за пакетот за финансиска помош од германската влада за приватниот сектор. Додека меѓународните медиуми ја нарекоа џиновска бомба од 550 милијарди евра, подеталното истражување сугерира дека тоа не е повеќе од петарда.
Со мерката за одложувањата на даноците и големите кредитни линии, германскиот пакет открива сериозно недоразбирање на природата на кризата.
Вакво исто недоразбирање ја забрза кризата со еврото пред една деценија. Сега, како и тогаш, компаниите и домаќинствата се соочуваат со несолвентност, а не со неликвидност. За да се спречи кризата, владите мора „сè да вложат“ во неверојатна фискална експанзија. Но тоа е токму она што требаше да го избегне германскиот пакет.
Министрите за финансии од земји со посериозни економски проблеми од Германија (на пример Италија и Грција), несомнено, ќе се обидат да извршат притисок за неопходната фискална експанзија. Но тие ќе наидат на силна опозиција од страна на германскиот министер за финансии и неговите верни поддржувачи во рамките на Еврогрупата. За кратко време „јужњаците“ дискретно ќе се повлечат, а нивната премолчена согласност ќе запечати уште еден фискално незначителен пакет на Еврогрупата, кој претстојната рецесија ќе го проголта.
Како можам да бидам толку убеден? Затоа што имам директно искуство. Јас ја претставував Грција на состаноците на Еврогрупата во 2015 година, каде што се одлучуваше за поразот на очајната борба на нашата влада да избегне повеќе заеми за сметка на подлабока рецесија. Методичниот начин на кој тие состаноци на Еврогрупата ги затворија сите страни во рационална расправа за соодветните фискални политики е од клучно значење за да се сфати зошто Еврогрупата исто така нема да успее да спроведе ефикасна фискална одбрана против шокот предизвикан од пандемијата.
Тогаш, министрите од Северна Европа ја користеа заканата од грегзит и, еквивалентно, на планот Б (алтернативна валута за Грција) да ме натераат да прифатам повеќе заеми. Наместо да биде понудено реално олеснување на долговите и преструктурирање, добивме лавина ултиматуми од типот „земи или остави“, како и долг список на голем товар што би паднал врз нашиот народ ако не позајмиме повеќе и ако не прифатиме смешни нивоа на дополнителни строги мерки на штедење што гарантираа дека Грција никогаш нема да може да го врати долгот.
Состаноците на Еврогрупата за 2015 година на посетителите им нудат седишта во првиот ред за крвавиот спорт како што е непроценливата моќ. Сè е јасно: клучни одлуки се носат наспроти науката и едноставната математика. Се малтретираат слабите додека не се предадат. Кражбите слабо се прикриваат. Се прават закани за ширење лажни вести против оние што се осмелуваат да се спротивстават. И, последно, но не и најмалку важно, се презира транспарентноста и другите видови одржување на рамнотежата што се од суштинско значење за секоја демократија.
Не случајно овие теми сега се толку популарни на Западот. Состаноците на Еврогрупата од 2015 година, како што се осмелувам да кажам, беа поле на поразот на европската демократија, што се одрази не само низ цела Европа туку и во Северна и Јужна Америка, како и на други места. За помалку од една година брегзит и изборот на Доналд Трамп станаа реалност.
Евроскептиците, без разлика дали се надвор од Европската Унија, како Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, или внатре, како Виктор Орбан од Унгарија, Матео Салвини од Италија и Французинката Марин Ле Пен, несомнено ќе се охрабрат од објавувањето на записниците на Еврогрупата од 2015 година. Но објавувањето во јавноста е во интерес на европеизмот. Откривање на процесот на одлучување во ЕУ пред граѓаните, со сите предности и мани, е предуслов за зајакнување на демократите за да ја спасат ЕУ со тоа што ќе се врати контролата во нашите институции.
Европејците не се глупави. Дури и ако не знаат што точно се случува зад затворените врати во европските тела за донесување одлуки, тие можат да претпостават дека добиените одлуки не ги користат постојните ресурси во интерес на мнозинството Европејци во повеќето членки.
Ние сме должни да ги запознаеме граѓаните за тоа како, дури и во нашите либерални демократии, рутински се донесуваат одлуки во нивно име, против нивните интереси и без нивно знаење од функционери што ја мразат демократијата иако се преправаат дека ја бранат.
Ако не успееме во намерите, одлуките на ЕУ, особено за време на оваа пандемија, за фискалната политика, инвестициите во животната средина, здравството, образованието и миграциската политика ќе бидат неефикасни како оние што ја зголемија кризата со еврото пред десет години. Тогаш ќе имаат корист само политички фигури како Трамп и Путин, како и самите европски Орбан, Салвини и Ле Пен, кои сакаат да ги разнебитат нашите заеднички институции однатре.