Не толку одамна, само пред неколку години, колку и е да е тешко да се поверува, Европа беше дел од светот што најмногу личеше на идилата од крајот на историјата според Френсис Фукујама претставена на крајот од Студената војна. Демократијата, просперитетот и мирот се чинеа дека се силно вкоренети.
Но, повеќе не е така. Улиците на Париз буквално горат. Обединетото Кралство е преокупирано и поделено со брегзит. Италија ја предводи сложена ултралевичарско-десничарска коалиција, која се противи на буџетските закони на ЕУ. Германија се бори со политичка прегрупација и е во почетна фаза на транзиција на нов лидер. Унгарија и Полска го прифатија нелиберализмот што е актуелен во поголем дел од светот. Шпанија се соочува со каталонскиот национализам. Русија презеде нови агресивни чекори кон Украина.
Она што според историските стандарди претставува брз временски рок, иднина на демократијата, просперитет и мир во Европа стана неизвесно. Повеќето од она што одамна се сметаше дека е решено, на крајот се докажа дека не е така. Брзата демобилизација на НАТО по Студената војна беше прерана и опасна.
Исто така нема објаснување за ваквиот развој на настаните. Во Франција забележуваме популизам кај левицата што е резултат на народот, кој едвај врзува крај со крај и ги отфрли новите даноци без разлика на нивната оправданост. Ова е поразлично од она што го поттикна подемот на крајната десница во Европа, а тоа е културната дефанзивност среде локалните и светските предизвици, а пред сè доселувањето.
ЕУ, од своја страна, постепено ја загуби контролата врз јавното мислење. Таа станаа предалечна, пребирократска и премногу и предолго елитистички насочена. Во меѓувреме, обновената руска агресија може само да ја отсликува процената на претседателот Владимир Путин, откако направи големо политичко враќање со неговите претходни воени „инвестиции“ во Украина и во Сирија, дека нема од што да стравува или да загуби со понатамошните акции.
Политичката класа на Европа има свој удел во одговорноста за денешниот подем на хаосот. ЕУ воведе заедничка валута без фискална или банкарска унија, со што речиси стана невозможно да се спроведе кохерентна економска политика. Погрешна беше одлуката да се стави на референдум членството во ЕУ на Обединетото Кралство додека му се дозволи на простото мнозинство да одлучи за прашањето и не успеа да ги постави условите за излез.
Исто така, отворањето на границите на Германија за напливот на бегалци, колку и да беа искрени намерите на канцеларката Ангела Меркел, сепак поттикна лавина негативни реакции. Неодамна, францускиот претседател Емануел Макрон не си направи услуга со тоа што призна дека греши пред демонстрантите од движењето „Жолтите елеци“ и понуди компромиси што најверојатно ќе поттикнат дополнителни протести и ќе поттикнат буџетски проблеми во државата.
Не треба да претпоставуваме дека состојбата ќе се подобри. Само е прашање на време кога ултрадесничарската француска партија Национално единство (поранешната Национален фронт) и политичките партии низ Европа ќе сфатат како да ги комбинираат економскиот и културниот популизам и да се заканат по политичкиот поредок по Втората светска војна. Хибридната популистичка италијанска влада претставува токму една верзија од ова.
Обединетото Кралство ќе остане растргнато поради неговите врски (или немањето врски) со ЕУ без разлика што ќе се случи со брегзит. Сосема е можно дека Обединетото Кралство по брегзит ќе се најде под сериозни тензии со оглед на обновените апели за ирско обединување и шкотската независност. Не постои формула за поделба на моќта меѓу Брисел и другите главни градови што би била прифатлива истовремено за ЕУ и за националните влади. Во меѓувреме далеку е од сигурно дека Путин е задоволен или ѝ стави крај на агресијата кон Украина или можеби кон другите држави.
Покрај тоа, во еден свет каде што расте нееднаквоста, насилството во и меѓу државите и климатските промени, притисоците на доселувањето најверојатно многу повеќе ќе се влошат отколку што би се решиле. Нарушувањата во економијата ќе се интензивираат во светот со силна конкуренција и новите технологии поради што ќе исчезнат милиони актуелни работни места.
Зашто ова треба да биде очигледно. Европа сè уште претставува една четвртина од светската економија. Во неа има најмногу демократски држави. Минатиот век не ја покажа само еднаш цената од распадот на поредокот на континентот.
За жал, како што не постои само една причина што го објаснува подемот на хаосот во Европа, така не постои ни само едно решение. Да бидам прецизен, не постои никакво решение. Сепак постојат низа политики што, доколку се усвојат, ќе им помогнат на лидерите да се справат со предизвиците.
Сеопфатна стратегија за доселувањето со која ќе се одржува рамнотежата со безбедноста, човековите права и економската конкурентност е токму еден таков вид политика. Одбранбените напори што повеќе ќе се насочат на тоа колку пари се трошат отколку колку пари се потребни, ќе одиграат многу поголема улога во заштитата на безбедноста на Европа. Покрај тоа, одбраната треба да се подобри со зајакнување на НАТО и дополнително вооружување на Украина. Намалувањето на зависноста на Европа од рускиот природен гас исто така има смисла поради што би значело стопирање на гасоводот Северен тек 2 со кој директно би се носел гас од Русија кон Германија, притоа заобиколувајќи ја Украина. Дополнителни програми за доквалификација се потребни за работниците чии работни места ќе исчезнат како резултат на глобализацијата и автоматизацијата.
Најголем дел од ваквата агенда би успеала со американската вклученост и поддршка. Ќе биде од голема помош ако САД повеќе не ја гледаат Европа како непријател, а сојузниците од НАТО како паразити. Европа ги вклучува земјите, кои се најмногу подготвени да соработуваат со САД во спречувањето на руската агресија, да ја интегрираат Кина во светската трговија и инвестициските рамки според услови во согласност со западните интереси, да ги олеснат и, каде што е потребно, да се приспособат на климатските промени и да ги воведат правилата за сајбер-просторот.
За жал, мали се шансите дека во блиска иднина Доналд Трамп би го прифатил ваквиот пристап. Поради ова Европа нема да има избор, освен сама да се соочи со својот хаос.
Авторот е претседател на Советот за надворешни односи на САД