На почетокот на јули, приносот на десетгодишните американски државни обврзници падна на најниско ниво во последните четири месеци, а берзите се исплашија дека нема да се исполнат годинашните розови проекции за економски раст. Сепак, преовладува мислењето дека неодамнешниот скок на инфлацијата ќе биде минлив, дозволувајќи им на Федералните резерви на САД да продолжат со непречено одвивање на својот биланс на состојба во одреден момент во иднина.
Ваквото случување на пазарот за овој месец може делумно да се должи на февруари и март оваа година, кога долгорочните стапки на САД се зголемија во очекување дека Федералните резерви наскоро може да започнат со заострување на монетарната политика. Со големите фискални пакети на американскиот претседател Џо Бајден се појавија нови стравувања за инфлацијата и економското прегревање. Десетгодишните приноси на Федералните резерви соодветно се зголемија од помалку од 1,2 отсто на близу 1,8 отсто пред да се стабилизираат и да паднат на претходните нивоа овој месец.
Иако се јави одредена загриженост по јунскиот состанок на Сојузниот комитет за отворен пазар за утврдување на политиките, кога некои негови членови зазедоа посериозен став, Федералните резерви сепак успеаја да ја одржат нормалната состојба на пазарите, ветувајќи дека ќе дадат претходна најава пред да ги намалуваат своите месечни купувања на обврзници. Оттогаш, каматните стапки опаѓаат со значително темпо.
Но останува неизвесноста за пазарите во развој, од кои повеќето претрпеа одлив на капитал како резултат на влошувањето во февруари-март и покачувањето на придружните каматни стапки на американскиот пазар. Иако оттогаш престана ваквиот одлив, секогаш постои можност Федералните резерви да чувствуваат обврска да го променат курсот што го отвора прашањето дали се движиме кон друг „економски удар“, како оној што ги потресе глобалните пазари во 2013 година.
Во тоа време, „ранливата петорка“, составена од Јужна Африка, Бразил, Индија, Индонезија и Турција, имаше висок дефицит и силна зависност од приливот на странски капитал. Со години, тие го доживуваа ефектот на прелевање на ултраслободната монетарна политика на САД, што ги насочи инвеститорите да бараат поголем принос на пазарите во развој. Кога тогашниот шеф на Федералните резерви ја отвори можноста за постепено затегнување на монетарната политика, инвеститорите за кратко кренаа паника.
Друг период на одлив на капитал од пазарите во развој се случи во мај 2018 година, кога Федералните резерви навистина започна да го намалуваат својот капитал, но ова заострување, проследено со распродажба на американските пазари на обврзници и апрецијација на доларот, беше запрено во 2019 година. Овој пат, „ранливата петорка“ беше сведена само на Турција и Аргентина, кои и имаа висок дефицит и акутна ранливост на флуктуациите на девизниот курс, како резултат на нивниот голем обем на девизен долг.
Според Институтот за меѓународни финансии, сегашното влошување на пазарот од февруари-март беше доволно за да генерира значително намалување на нерезидентните портфолио-инвестиции кон пазарите во развој. Иако овие загуби беа делумно вратени во текот на следните три месеци, сепак ќе остане загриженоста за ново влошување во текот на следните две години, особено ако Федералните резерви почнат да ги заоструваат политиките побрзо од предвиденото.
Но важно е да се запамети дека живееме во друго време. Тогаш, дефицитите на ранливите држави беа во просек околу 4,4 отсто од БДП, во споредба со само 0,4 отсто денес. Покрај тоа, протокот на надворешни ресурси на новите пазари во последниве години не беше никаде близу толку голем како во годините пред ударот во 2013 година. Ниту, пак, реалните девизни курсеви се преценети како тогаш. Со исклучок на Турција, надворешните бруто-финансиски потреби на „ранливата петорка“ како дел од девизните резерви значително опаднаа.
Вреди да се разгледаат и два дополнителни фактори за ублажување. Прво, ако посилниот економски раст ги поттикне каматните стапки во САД, позитивните трговски врски за некои нови пазари може да помогнат да се неутрализира секое негативно финансиско прелевање. Второ, разумно е да се претпостави дека Федералните резерви посоодветно ќе „сигнализираат“ овој пат, со што ќе се минимизира ризикот од друга панична епизода.
Што е со проблемот со „двоен дефицит“ во многу економии во развој? Не може да се отфрли фактот дека новите пазари претрпеа големи одливи на капитал минатата година, истовремено кога нивниот фискален дефицит се зголемуваше како резултат на пандемијата. Но, и покрај корона-кризата, пазарите во развој генерално беа во можност да ги финансираат своите поголеми фискални дефицити, потпирајќи се на домашните инвеститори, а во некои случаи и на нивните централни банки. Почнувајќи од втората половина на 2020 година, набавките на државни хартии од вредност од нерезиденти на некои нови пазари започнаа повторно да се зголемуваат.
Бидејќи сè уште може да биде потребно издавање хартии од вредност деноминирани во странска валута, ризиците поврзани со промената на девизните текови не се елиминирани во целост. Но, на крајот, поголемите ризици со кои се соочуваат новите пазари се сосема поинакви. Наместо да се грижиме за уште еден удар, треба повеќе да се грижиме за бавното темпо на имунизација што доведува до анемично постпандемиско закрепнување, зголемувања на цените на стоките што генерираат инфлација и економските стратегии што само ги обновуваат ниските стапки на раст од претпандемискиот период.
Авторот е поранешен потпретседател и извршен директор во Светската банка, извршен директор на ММФ и потпретседател на Интерамериканската развојна банка.