За помалку од една година, светот се здружи за да развие ефикасна вакцина против ковид-19 и да формира мултилатерална платформа за нејзина дистрибуција насекаде во светот. Но со активирањето на вакцинацискиот национализам, време е нештата да се преземат во сигурни раце
Развојот и одобрувањето безбедни и ефикасни вакцини против ковид-19 за помалку од една година по почетокот на пандемијата се навистина извонредно достигнување што влева надеж дека се гледа крајот на оваа разорна криза. Она што ќе следува во следните месеци, па дури и недели, ќе биде еднакво значајно. Вакцините против ковид-19 ќе им бидат достапни во приближно исто време на луѓето низ светот, не само во најбогатите земји.
Вакцините ќе пристигнат до мнозинството граѓани на богатите земји во првиот квартал од оваа година, а граѓаните на земјите со ниски и пониски средни приходи исто така ќе почнат да ги добиваат. Брзината и размерот со кои се даваат вакцините се неопходни и досега невидени, за да ѝ се стави крај на пандемијата што е можно побрзо, само благодарение на покажаната огромна светска солидарност и мултилатерална поддршка за „Ковакс“, централниот механизам во светските напори за вакцинација против ковид-19, формиран лани од страна на Светската здравствена организација и од алијансата за вакцини „Гави“.
„Ковакс“ ќе ја олесни дистрибуцијата на две милијарди дози вакцини во текот на 2021 година, со тоа што ќе бидат испратени до 190 земји-учеснички и економии, без оглед на нивната способност за плаќање. Всушност треба да има доволно дози за да се заштитат сите здравствени и социјални работници во светот до средината на 2021 година. Покрај тоа што се соочи со лавина негативни критики, програмата продолжи да привлекува голем број влади, креатори на економски политики и производители на вакцини. Овие учесници се вклучуваат во системот бидејќи признаваат дека „Ковакс“ е единственото одржливо светско решение за корона-кризата.
Сега, кога ја достигнавме оваа критична точка, мора да запрат шпекулациите за тоа дали „Ковакс“ ќе пропадне. Време е да се обезбеди потребната поддршка за да се овозможи успехот на механизмот што беше креиран токму за оваа намена. Развојот и одобрувањето на вакцините се само првиот чекор. Сè додека коронавирусот може да се пренесува меѓу луѓето, многумина и натаму ќе се заразуваат, а одреден процент за жал ќе почине од болеста и на тој начин недостижно ќе биде враќањето на нормалното функционирање на трговијата, бизнисите и патувањата.
За да ѝ ставиме крај на оваа криза, не можеме да вакцинираме само дел од населението во некои земји, туку мора да ги заштитиме сите луѓе насекаде. Додека се дистрибуираат вакцините, побарувачката очекувано ја надминува сè уште ограничената понуда. Под овие услови, дури и ако се ветат дози за остатокот од светот над досегашните резерви, добивањето вакцини за оној што ќе понуди највисока цена само ќе ја продолжи кризата. Вакцинацискиот национализам е токму проблемот поради кој „Ковакс“ беше создаден да го реши.
Во справувањето со ковид-19, мора да се избегне сценариото од 2009 година, кога мал број богати земји откупија најголем дел од глобалното снабдување со вакцини против грипот Х1Н1, оставајќи го остатокот од светот без ниту една доза. Бидејќи секоја влада има должност од прв ред да ги заштити сопствените граѓани, не е изненадување што околу 35 земји веќе склучија билатерални зделки со фармацевтски производители за вакцини против ковид-19.
Овие зделки не се идеални кога станува збор за светските напори за вакцинација. Иако „Ковакс“ е доволно флексибилен за решавање на овој посебен проблем, тој може да функционира само доколку производителите му овозможат ист пристап до вакцините како другите влади. За жал, веќе гледаме дека некои влади купуваат многу повеќе дози отколку што им се потребни, што додава притисок врз светското снабдување за време на оваа критична почетна фаза.
Некои од овие земји посочија дека ќе го донираат вишокот дози, а во тој случај тие ќе треба да се пренасочат што е можно побрзо и порамноправно. Најдобар начин да се гарантира дека тоа ќе се случи е донаторските влади да поминат низ механизмот „Ковакс“ на „Гави“ за напреден пазар на заложби (АМЦ), создаден за да гарантира дека вакцините против ковид-19 им се ставени на располагање на луѓето што живеат во 92 земји со средни и ниски приходи.
Досега „Ковакс“ обезбеди околу една милијарда дози за луѓето во овие земји, со помош на огромни зделки со производителите на неколку од најперспективните кандидати за вакцини. Но потребни се многу повеќе дози. Сите производители мора да го засилат производството на своите вакцини за да станат достапни и за „Ковакс“ и да може да има навремена дистрибуција во светот.
Некои производители веќе го сторија тоа, а меѓународните донатори вложија две милијарди долари што на АМЦ и на „Ковакс“ им беа потребни за 2020 година. Но за програмата беа потребни дополнителни пет милијарди долари за 2021 година, а во декември САД издвоија четири милијарди долари за „Гави“ во вториот пакет помош за ковид-19.
Уште во февруари малкумина замислуваа дека до крајот на 2020 година ќе имаме повеќе од една одобрена вакцина и ќе бидеме во позиција да доставуваме дози во земјите со високи и пониски приходи истовремено. Но светската заедница се собра и создаде платформа за да се направи токму тоа. Сè што му треба на „Ковакс“ сега е доволна меѓународна поддршка за да може успешно да функционира.
Авторката е поранешна извршна директорка на Светската банка, поранешна министерка за финансии на Нигерија и претседателска на одборот на алијансата за вакцини „Гави“.