Повоениот економски успех на либералните демократии не беше резултат само на развојот на пазарите. САД и европските земји, исто така, развија пазари во структура што им овозможи на луѓето целосно да ги искористат. Таа структура се распаѓа и ги мобилизира и левичарските и десничарските популистички лидери. Тие ги поставуваат вистинските прашања, но ретко имаат вистински одговори. Можеби, наместо тоа, популистите треба да им олеснат на луѓето да смислат сопствени решенија.
Зошто се распаѓа повоената структура? Во периодот веднаш по Втората светска војна, сериозен систем на средно образование во САД ги подготви учениците за работа или за понатамошно образовање на најдобрите светски универзитети. Студентите станаа дел од работната сила со стекнати вештини што им овозможија да најдат добри работни места. Брзиот економски пораст и релативно лесната регулација поттикнаа многумина да почнат сопствени бизниси. Флексибилните политики на пазарот на трудот дозволија отпуштените работници брзо да најдат работа на други места. Рецесиите, кога ги имаше, беа плитки и кратки.
Супериорната „претпазарна“ подготовка на Американците преку образовниот систем, како и многуте економски можности што им беа на располагање, им овозможи на САД да функционираат со релативно ограничена социјална заштита од нестабилноста на пазарот. Осигурувањето за невработените беше скромно, додека многу луѓе не беа покриени со здравствената заштита – дури и по воведување на федералните програми за осигурување на постарите и на многу сиромашните лица во 1960-тите.
Образовниот систем на континентална Европа беше многу поназад. Во 1950 година, просечниот француски маж имаше завршено образование од само 4,75 години (што е слично на нивото на Мјанмар денес). За споредба, просекот во САД беше осум години. Но Европа постојано го намалуваше јазот, а исто така изгради силна заштита на работните места и мрежи за социјална сигурност. Во извесна смисла, Европа својата првична пониска „претпазарна“ подготовка ја дополни со посилна „постпазарна“ поддршка. Двата система добро функционираа во повоените децении.
За жал, порастот беше во застој во раните 1970-ти. Капиталистичките демократии на Западот реагираа со зголемена либерализација дома и со подлабока меѓусебна економска интеграција. Иако САД ја нагласуваа либерализацијата дома, а континентална Европа меЃудржавната интеграција, двата система се приближија. Европа особено ја подобри претпазарната поддршка, истовремено откажувајќи се од дел од својата постпазарна заштита, што беше неисплатлива во ерата на бавен пораст.
Сепак, порастот никогаш не се врати на високите нивоа од повоените децении. Неодамна технолошката револуција ги автоматизира многу добро платените но руинирани работни места и придонесе за преселба во странство на мануфактурните работни места со средни приходи. Денешните добро платени работни места бараат повеќе вештини, а со тоа и поголема претпазарна поддршка.
За жал, таквата поддршка е многу понееднаква во САД. Успешните урбани и приградски заедници им нудат на децата капацитети што им се потребни за успех, додека посиромашните полурурални области и урбаните гета не го прават тоа. Со децении, САД се обидуваа да ги подобрат неуспешните училишта. Но растечката сегрегација според приходите ја отежнуваше задачата. Професионалците бегаат со своите деца во успешни заедници од средната класа, високите трошоци за живеење и скапиот недвижен имот ги оневозможуваат другите да го сторат истото. Побарувачката на пазарот создава меритократија, но наследна, каде што децата со успешни родители имаат поголеми шансите да успеат во животот.
Разликите во квалитетот на образованието се сѐ поголем проблем и во поегзалитарната Европа, бидејќи доселениците се селат во подостапни заедници на работничката класа. Бидејќи децата-имигранти генерално мора да се приспособат на различен школски систем и на нов јазик, тие речиси неизбежно бараат диспропорционално внимание од наставниците и од училишниот персонал додека се обидуваат да ги стигнат преостанатите ученици. Ова, исто така, негативно влијае врз искуството на постојните ученици и создава поттик за нагорна мобилност за да се напушти заедницата.
Релативниот недостиг од можности за оние што остануваат веројатно е дополнет со порастот на фирмите-суперѕвезди, што се совпадна со забавувањето на темпото на отворање нови мали бизниси и на претприемачки потфати во САД. Работните позиции во познатите фирми бараат повисоки вештини. Ветувањето на „Амазон“ да создаде илјадници работни места во планираното ново седиште во Квинс, Њујорк, беше помалку атрактивно за локалните заедници, како што тврдеа медиумите, бидејќи многу од подобрите позиции се надвор од дофат за повеќето луѓе од локалните заедници. Прогресивните демократски политичари се мобилизираа против „Амазон“, кој потоа ги напушти таквите планови.
Левичарските популисти на намалувањето на претпазарната поддршка за нивните гласачи најчесто одговараат со повици за јакнење на социјалната мрежа, преку универзална здравствена заштита (во САД), загарантирани работни места и разни форми на универзален основен приход. Десничарските популисти таквите предлози ги гледаат како закана, бидејќи тие може да ја поткопаат одржливоста на актуелната социјална мрежа за мнозинското население родено во државата.
Одговорот на десничарските популисти на падот на локалните заедници е да се обвинат имигрантите и другите малцинства, како и трговијата. Точно, изолацијата на имигрантите може првично да го намали притисокот врз училиштата и службите во заедниците на работничката класа. На подолг рок, сепак, тоа ќе ги лиши овие заедници од младешкиот дух, енергијата и евентуалната ревитализација што ќе ја донесат имигрантите. Популистичката левица ја поддржува имиграцијата како суштинска за одржување на новите програми за социјална заштита, но таа, сепак, има тенденција да сочувствува со правото на трговски протекционизам.
За жал, таквиот протекционизам ќе го направи светот посиромашен. Различните заедници бележат пад и итно имаат потреба од алтернативни начини за привлекување нови економски активности. Тие треба да ги направат своите граѓани поспособни да одговорат на глобализацијата и на технолошките промени. Централните власти често се премногу оддалечени од локалните проблеми и премногу парализирани од пресметки за да го преземат водството. Она што е потребно се локални решенија, имплементирани со знаење и со ангажмани во заедницата, а поддржани од националните влади со финансирање и лесен надзор, онаму каде што е потребно.
Доколку таквите мерки можат да ја подобрат претпазарната подготовка на луѓето, зголемувањето на постпазарната социјална мрежа ќе биде помалку неопходно и поприфатливо. Зарем не е подобро да се избегнуваат грандиозни централизирани политики на популистичката левица и десница и, наместо тоа, да им се зголеми довербата во локалните заедници? Тоа е една навистина добра популистичка идеја.
Авторот е професор по финансии на Универзитетот во Чикаго