Европа се соочува со „добра“ криза. Покрај штетите нанесени од пандемијата на ковид-19 и последователната рецесија, нејзиниот одговор ги минимизира штетите и ја зголеми моќта на економијата. Сепак, ваквите позитивни вести носат свои ризици.
Европската Унија (ЕУ) многу подобро реагираше во спречувањето на инфекциите и смртноста од ковид-19 за разлика од, да речеме, САД. Покрај тоа, нејзиниот одговор во носење на економските политики беше многу подобар од очекуваното со тоа што сите членки презедоа силни чекори за да ги привлечат фирмите да не ги отпуштаат работниците. Како резултат на тоа, стапката на вработеност забележа само мал пораст.
Ако економската обнова на ЕУ е силна како што во моментов изгледа, тогаш на фирмите треба да им биде лесно повторно да го почнат производството со истата работна сила пред кризата. Во меѓувреме, моќните дискрециски фискални мерки ја поддржуваат побарувачката.
Сега инвеститорите од целиот свет имаат нов поглед кон ЕУ. Наместо да го гледаат блокот како изгубен економски и политички случај, поради повеќето бавнорастечки економии, кои постојано се во кавга, тие почнаа да го почитуваат бавното, но сигурно носење научно базирани политички одлуки. Релативно ниското ниво на јавен долг во многу држави исто така е од помош.
Ова не значи дека инвеститорите очекуваат чуда од европската економија, но досега се покажа многу подобро од другите. На пример, во САД нагло порасна стапката на невработеност, БДП се намали за девет отсто во вториот квартал на 2020 година, што е 32,9 отсто во споредба со претходната година, економијата забележа најлоши резултати од 1947 година, а носењето одлуки стана силно политизирано и непромислено.
ЕУ неодамна одобри фонд за обнова од пандемијата вреден 750 милијарди евра што вклучува прво масовно издавање европски обврзници и дополнително го зајакна нејзиниот углед со тоа што ги смири сомнежите за вредноста на заедничката валута. Се намали ризикот од владините обврзници на државите како Италија, Шпанија и Португалија што може да помогне во справувањето со кризата.
Но клучниот резултат од зголемената моќ на ЕУ, како што е зголемениот притисок врз девизниот курс на еврото, би можел да ги амортизира придобивките од премијата со помал ризик. Девизниот курс има тенденција да остане силен што директно влијае на растот во Европа. На пример, релативната вредност на еврото на крајот од 2017 година придонесе за намалување на растот во последователните две години. Денес, валутата е уште посилна од 2017 година, а во текот на изминатите неколку недели, просечниот девизен курс се зголеми за пет отсто и достигна највисоко ниво во последните пет години.
Проблемот лежи во фактот што еврозоната е многу отворена економија, со тоа што извозот на стоки и услуги изнесува речиси 30 отсто од БДП. Во САД, овие бројки изнесуваат 12 отсто од БДП. Трговијата исто така е помалку важна за економијата во Јапонија и во Кина што значи дека еврозоната е „најглобализирана“ од четирите најголеми економии во светот.
Оваа комбинација на отвореност и на зависност од извозот значи дека еврозоната може да има сериозни проблеми ако еврото продолжи да расте. Оние што се залагаат за посилна меѓународна улога за еврото треба да знаат дека иако таквата промена можеби е посакувана од геополитичка гледна точка, сепак економските резултати не се црно-бели. За изразено отворените економии како еврозоната, тие дефинитивно претставуваат значајни недостатоци.
Состојбата е поинаква за САД, делумно поради светската улога на доларот. Иако силната валута ја нарушува конкуренцијата во извозот и работните места, американската економија не е толку изложена на промени во девизниот курс, затоа што е не е толку отворена. Како што покажа неодамнешното истражување на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), силната доминација на американскиот долар во трговијата, односно таканаречената парадигма на доминантна валута, исто така прави огромна разлика.
Поради тоа што повеќето извозници во светот наплаќаат во долари, цените на нивниот извоз се релативно стабилни, дури и кога курсот на локалната валута се менува во однос на доларот. Како резултат на тоа, ниту овие економии, ниту американската економија значително немаат корист од намалувањето на вредноста на локалната валута на краток рок или се значително погодени од нејзиното зголемување.
Европските извозници се исклучок од правилото. Затоа што наплаќаат во евра, тие се помалку конкурентни секаде каде што еврото има поголема вредност од доларот.
Иако намалувањето на вредноста на доларот не ѝ помага на американската економија, тоа сепак ѝ штети на Европа. Што се однесува до намалување на вредноста на еврото, главните корисници можат да бидат земјите во развој, но само оние што извезуваат индустриски производи. Извозниците на стоки бележат само пад во заработката.
Многу години европските политичари се залагаа за поголема светска улога на еврото. Со оглед на нивниот позитивен одговор на кризата со ковид-19, сега желбата можеби ќе им се исполни, но можеби за кратко ќе сфатат дека розите имаат и трње.
Авторот е директор на Центарот за европски политички студии