Незаобиколна е констатацијата дека со приближувањето на најавениот термин (јуни, 2019 година) за купување и вооружување на турската армија со ракетните системи за противвоздушна одбрана „с-400 – триумф“ од руско производство, на меѓународната политичка сцена, главно со посредство на медиумите, се зголемуваат и температурата и интензитетот на дипломатската реторика за ова прашање, за кое како што ултимативно вели угледниот политички истражувач и аналитичар од Оксфорд, Галип Далај, „Турција мора да се одлучи меѓу НАТО и Русија“. Особено е вжештена реториката меѓу партнерите во НАТО-алијансата, САД и Турција, и оди дури дотаму што се заканува да внесе сериозен внатрешен дисбаланс во односите меѓу партнерите на оваа значајна меѓународна воено-политичка и безбедносна организација, која во моментов се соочува и со некои други внатрешно-организациски и структурни прашања и проблеми.
Како што обично се случува и бива во политиката и во меѓународните односи кога се во прашање големите држави и значајни воени сили, секој па и најбизарен повод се користи за да се забошоти или да се оттргне вниманието од некој друг далеку позначаен и посуштествен проблем или прашање, а да се стави на „дневен ред“ некое друго, далеку понезначајно. За таа цел најчесто се користат веќе увежбани и испробани пропагандни средства и методи, како познатите светски медиуми или меѓународната дипломатија, како што е во случајов со односите и соработката на така значајните меѓународни играчи од калибарот на Турција и Русија. Овие две соседни и некогаш империјални држави, во последно време значајно го кренаа нивото на својата билатерална и економска, а како што гледаме и воена соработка, што очигледно им го нарушува спокојството на нивните соработници и опоненти, исто така познати и значајни меѓународни политички и воени субјекти.
Претпоставениот епилог од евентуалниот расплет на ова прашање, каков што беше случајот и со договорот меѓу овие две земји за изградба на гасоводот „Северен тек“, оди дотаму што го проблематизира и го става под знак прашање дури и натамошното опстојување и членство на Турција во Алијансата, во која во 70-годишната историја од формирањето и постоењето на НАТО, Турција е важна членка и една од првите земји-членки уште од далечната 1952 година. Но можеби, во инсајдерски контекст на овој стратегиско-безбедносен проблем, во моментов повеќе загрижува неговата меѓународна политичка заднина отколку внатрешната организациска суштина, бидејќи принципиелно, со овој договор, ако се исполни неговата предвидена билатерална динамика од страна на Турција, значаен политички, економски и воен фактор во регионот, автоматски се нарушуваат пропишаните економско-политички санкции и ембарго на Западот, САД и НАТО против Руската Федерација воведени пред четири години, што не само што го отапува меѓународниот притисок на Западот врз Руската Федерација, туку служи и како „лош пример“ за преостанатите партиципиенти во целата оваа антируска кампања, со мошне важна глобална геостратегиска и воена заднина.
Рокот за преземање на ракетните системи од страна на Турција полека истекува и заинтересираните страни се однесуваат секој во рамките на своите интереси, потреби и желби. На американска страна нервозата секој ден сѐ повеќе расте и веќе на адреса на Турција се упатуваат конкретни закани и уцени. Така, неодамна американскиот Стејт департмент упатил ултимативна нота до турската влада во Анкара во која, наводно, се вели: „Доколку Турција сака продолжување на партнерските односи со САД, ќе мора во текот на следните две недели да ги откаже сите нарачки за „с-400“ во Русија. Во спротивно следуваат санкции против Турција од страна на Америка“.
Од турска страна официјално засега не ја потврдуваат оваа информација. Деновиве турскиот министер за одбрана, Хулси Акар, изјави дека тие не добиле никакво барање и дека купувањето на системите „с-400“ е „завршена работа“. Во Русија, потврди тој, „веќе се упатени технички екипи за обука и ракување со системите и преземање на вооружувањето“. Исто така, турскиот министер потврди дека договорот за системите „с-400“ е потпишан, роковите се утврдени и тие „мора и ќе се почитуваат“.
За сето ова време официјална Москва молчи и се однесува воздржано. Деновиве претседателката на Советот на Федерацијата на Русија, Валентина Матвиенко, на новинарско прашање за можниот епилог на овој проблем одговори дека Република Турција е „суверена и независна држава со легитимно право да склучува и потпишува договори со кого сака и кога сака“. Никој, па ниту САД немаат право од никого да бараат да постапуваат како што тие сакаат. „Секоја земја има сопствени национални интереси, кои таа со полно право ги заштитува, а нејзините статус и геполитичка тежина зависат од тоа колку таа ќе се залага успешно да го заштитува сопствениот суверенитет“, заклучува Матвиенко.