Иако кампањите за масовна вакцинација веќе фаќаат чекор на Западот, сепак не се гледа крајот на пандемијата на ковид-19. За тоа се виновни САД и другите богати земји. Јасно е барем од почетокот на ланилето дека дури и со ефикасни вакцини, ковид-19 нема да биде искоренет сè додека населението насекаде во светот не постигне колективен имунитет. Сè додека вирусот сè уште циркулира во другите делови на светот, ќе продолжат да настануваат случајни мутации. Некои ќе бидат неповолни за вирусот, но некои ќе го направат уште позаразен или посмртоносен.
Повторно, ова веќе ни е познато. Само од декември, идентификувани се три високоинфективни мутации на вирусот САРС-КоВ-2. Со значително поголема стапка на пренесување (и потенцијално поголема стапка на смртност), британската варијанта веќе се шири рапидно во САД и во Европа. Јужноафриканската мутација е уште позаразна, а бразилската можеби е најопасна од сите.
Појавата на нови варијанти значи дека дури и кога Велика Британија ќе постигне колективен имунитет (што е веројатно со моменталната стапка на вакцинација), тоа не значи дека Британците ќе бидат безбедни. Освен ако Велика Британија не се затвори целосно од остатокот од светот (што е суштински невозможно), оние што патуваат надвор од земјата ќе донесат нови мутации, а некои од нив би можеле да ја заобиколат заштитата што ја даваат сегашните вакцини.
Научниците треба да можат да ги репрограмираат вакцините за да бидат ефикасни против новите мутации откако истите тие ќе бидат откриени. Ова е една од предностите на технологијата со информациска РНК (иРНК), со која се направени вакцините на „Модерна“ и на „Фајзер-Бионтек“. Но ваквата флексибилност е мала утеха откако една мутација ќе влезе во една земја и го принудува економскиот и социјалниот живот да се врати во карантин. Штом ќе се случи ова, целата популација мора повторно да чека во редици за нова вакцинација.
Ова сценарио на борба со ветерници може да се избегне ако остатокот од светот се вакцинира брзо, со што би се запрело ширењето на вирусот, а со тоа и можностите да се појават нови мутации. Но вакцинацијата низ светот во моментот изгледа невозможна, бидејќи не се даваат доволно дози во земјите во развој. Дури и да се обезбедеа двете милијарди дози што ги бара програмата „Ковакс“ на Светската здравствена организација, сè уште ќе беше крајно тешко да се постигне широкораспространета вакцинација во далечните делови на Африка, Азија и Блискиот Исток, поради недостиг од основна здравствена инфраструктура и транспортни мрежи.
Нова шанса за борба претставува новата еднократна вакцина на „Џонсон“, на која не ѝ е потребна посебна логистика со чување на многу ниски температури, како што се бара за вакцините со иРНК. Сепак е трагично што вакцинацискиот национализам сè уште е пречка на патот. Со користењето на кинеските и руските вакцини, ќе имаме шанса да произведеме доволно вакцини за да го снабдиме целиот свет, но ни недостига меѓународна соработка.
Координирањето на глобалната испорака на вакцини е од клучно значење за ставањето крај на пандемијата. Разумен предлог е најефикасните вакцини да се даваат во области каде што вирусот се шири најбрзо. Дополнителна компликација е што во моментов има ограничени веродостојни податоци за кинеските вакцини. Можеби ќе треба да бидеме свесни дека се помалку ефикасни од другите и дека вирусот може да има поголеми шанси да продолжи да се шири и мутира кај населението што ги примило овие вакцини.
Покрај несигурноста на состојбата, западните влади и деловните лобисти постојано излегуваат со лоши идеи наместо да се обидат да обезбедат повеќе вакцини за земјите во развој. Најлошото од нив е што сега се разгледува и во САД и во Европската Унија да се воведе таканаречен „вакцинациски пасош“ што ќе им овозможи на вакцинираните да патуваат на меѓународно ниво.
Постои добар аргумент зошто вакцинираните лица треба да добијат документ за да имаат пристап до преполни затворени простори, што всушност го поттикнува вакцинирањето. Но бидејќи единствениот акцент е ставен на отворање на меѓународните патувања, вакцинацискиот пасош е ужасна идеја за свет во кој вирусот сè уште се шири и мутира како резултат на нашиот неуспех да ги вакцинираме сите. Вакцинацискиот пасош не обезбедува заштита од новите мутации, како бразилската. Потребно е само еден богат бизнисмен или турист со вакцинациски пасош и нова мутација за да се активира епидемијата во земја што смета дека постигнала колективен имунитет.
Овие проблеми ќе се зголемуваат сè додека не почнеме да ја третираме пандемијата како глобална криза. Во свет без меѓународна соработка, земја што успева да вакцинира поголем дел од своето население има само една одбрана: да се откаже од најосновните принципи на глобализацијата. Во најмала рака, сите меѓународни патници треба да подлежат на двонеделен карантин во внимателно контролирани објекти, без оглед дали се државјани или странци и дали биле вакцинирани против познатите мутации на вирусот.
Дури и оваа основна мерка би претставувала огромен чекор назад од глобализацијата. Но ако западните земји продолжат да се фокусираат единствено на вакцинирање на сопственото население, притоа игнорирајќи ја потребата за глобална координација, тие треба да се подготват за иднина без меѓународни патувања.
Авторот е професор по економија на МИТ.