Филозофот Бертранд Расел сметал дека нуклеарниот судир за време на Студената војна личел на играта „кукавица“, во која само една грешка можела да значи и крај на светот. Денес премиерката Тереза Меј игра слична игра, а жртва на нејзината хазардерска политика може да биде цела Британија
Играта „кукавица“ лесно се опишува, но е опасна за играње. Базирана на еволуциската теорија на игрите, со неа некогаш се опишуваа нуклеарните хазардерски политики во текот на Студената војна.
Бертранд Расел, големиот британски филозоф и поддржувач на употребата на нуклеарно оружје, нè потсетува дека играта „кукавица“ всушност ја играат „незрели дегенерици“. Во играта, двајца возачи со своите автомобили со огромна брзина се движат еден кон друг и првиот возач што ќе го избегне директниот судир или во некои случаи ќе скокне од возачкото седиште пред да настане катастрофа се смета за кукавица. Расел сметаше дека со ова се опишува наводното управување со нуклеарните сили за време на Студената војна. Една погрешна пресметка, еден погрешен чекор и резултатот би можел да биде крај на светот, стотици милиони жртви, пеплосани градови и уништување на цивилизацијата.
Понеопасната верзија на оваа игра ја игра Тереза Меј, тврдоглавата ќерка на свештеник и актуелна премиерка на Обединетото Кралство. Ако наскоро не се промени нејзината дипломатија, жртви ќе бидат британската економија и благосостојба.
Договорот за кој Меј преговараше за повлекување од ЕУ само ќе ја осиромаши државата (според некои нејзини министри) и ќе ја ослаби, но барем нема да се соочи со катастрофална криза. Со постојниот договор на Меј не се решаваат идните односи на Британија со Европа. Какви ќе бидат трговските релации? Како ќе се заштитат британската научноистражувачка фела и светските универзитети? Како ќе се спроведуваат нејзините економски договори со другите држави?
Овие прашања со години ќе се дискутираат со 27-те членки на Унијата. Но барем може да се избегне излез од ЕУ без договор, со што ќе се ограничи шокот од излезот по цена на долг и мачен транзициски период.
Секако, проблемот е што во јануари Долниот дом на британскиот парламент го одби договорот на Меј со разлика од над 200 гласа, што е најголемиот пораз на британската влада во поновата историја. Постојат три главни причини против ваквиот договор.
Некои веруваат дека излезот без договор можеби е еднакво добар како повлекувањето од брегзит и останувањето во ЕУ, идеја што многумина сакаат да ја тестираат на втор референдум. Други сметаат дека не е ништо јасно со идните односи со најблиските соседи на Британија. Сепак, другите, како што се англиските националисти од десното крило на Конзервативната партија, се противеа на договорите чија цел беше обележување на границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска.
Проблемот со ирската граница, кој е практичен симбол за можната насилна деструктивност на ирската идентитетска политика, отвора прашања за безбедноста и за трговијата. Самата Меј смета дека проблемот е тесно поврзан со понатамошниот интегритет и важност на Договорот од Белфаст од 1998 година, кој заврши со локално насилство во Северна Ирска. Никој не сака да ризикува повторно враќање на безредијата.
Економските и трговските прашања што ги отвори проблемот со ирската граница се едноставни. Главната причина поради која Британија одби да стане дел од Европската економска заедница во 1950-тите и 1960-тите беше нејзината желба да постигне договори за слободна трговија со европските држави. Тие сакаа царинска унија со надворешни царини за заштита на членките од странски увоз. Без ова, како може еден земјоделец од Бенелукс или од Франција да биде сигурен дека јагнешкото увезено од Британија навистина потекнува оттаму, а не од Нов Зеланд?
Никаде во светот не постојат две држави или групи на држави со различни трговски или регулаторни режими што постојат истовремено без да има строга граница меѓу нив. Покрај тоа, не постои технологија што ќе овозможи границата да се управува без да постои начин за контрола на стоките што минуваат низ неа. Ова е суштинско прашање за ЕУ, која мора да ги заштити кохерентноста и интегритетот на заедничкиот пазар.
Договорот на Меј нуди таканаречена последна опција за ирската граница додека Британија во иднина не склучи сеопфатен трговски договор со Европа. Дотогаш, Британија ќе остане во европската царинска унија. Ова не треба да создаде проблеми, затоа што се докажа дека идејата дека Британците можат да водат сами успешна трговска политика е илузорна, како што и се претпоставуваше.
Но десничарските противници на Меј тврдат дека со ваквата последна опција за ирската граница, Велика Британија засекогаш ќе остане во царинската унија, а таа одбива да им се спротивстави. Меј сака да преговара за одредена форма на правно обврзувачки договор со ЕУ, со кој ќе одреди краен рок за последната опција за ирската граница. Но ваквата мерка без поддршка ќе значи заштитна политика што ќе се активира секогаш кога Британија ќе одлучи да плаќа за премиум-членство.
Како всушност функционира играта „кукавица“? Прво, Меј ќе ги игнорира нејзините критичари во Парламентот и ќе се закани дека ќе чека до последен момент, на 29 март, кога Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ со или без договор. Никаква брза промена на курсот нема да доведе до катастрофални последици за Британија, за кои ниеден премиер не треба да ги предвиди. Но Меј одбива да се дозволи гласање во парламентот за брегзит „без договор“ или да се одложи датумот за излез за да му се даде повеќе време за преговори на Обединетото Кралство.
Другите противници во играта „кукавица“ на Меј се 27-те членки на ЕУ. Тие не сакаат катастрофа, но ниту сакаат да ја исфрлат Република Ирска или да го саботираат нивниот единствен пазар.
Ако тргнат наопаку ваквите хазардерски политики, жртвата ќе биде Британија, нејзината економија, работните места, трговијата и меѓународниот углед. Се претпоставува дека ЕУ стравува од огромни промени, но исто така се смета дека Меј блефира. Како може еден демократски лидер да биде толку неодговорен за да ја задоволи фракцијата на десничарските националисти, чија лојалност и чесност во секој случај се сомнителни?
Од друга страна, повикувајќи се на цитат на англискиот писател Саки, општо е познато дека нивните политички лидери мора да се посветени на разумот и на вистината, но, како и сите други заедници, тие понекогаш се разидуваат. Во меѓувреме, возилата земаат залет, а се намалува растојанието меѓу нив, но никој уште не се решил да го избегне директниот судир.
Авторот е декан на Оксфорд и е бивш еврокомесар за надворешни односи