Живееме во ерата на неподносливата просечност во која луѓето станаа брендови. Престанавме да бидеме човечки битија, хуманоста ја заменивме со индивидуалниот материјализам, себичноста ја избрка сомилоста, а алчноста ги замени свеста и одговорноста… За сè имаме оправдување, ама не сакаме да сносиме никаква одговорност… Душата им ја продадовме на маркетингот и на пропагандата. Престанавме да бидеме луѓе, сега сме брендови
Александар Русјаков
Ете, интересно е да се види либерал што го критикува либерализмот. Но јас сум писател… поет… економијата како наука ми е далечна. Уште помалку ме интересира економската филозофија. Затоа простете, нема да се држам до колумната на Варуфакис, иако со одредени негови ставови се согласувам, а со одредени, не. Ама ќе искористам некои негови термини и детали за да полемизирам со вас, со себе и со сето она што нè опкружува на духовен и на материјален план. Пред сè, интересни ми се, па ќе ги искористам термините бренд и просечност.
О да, сакале ние да признаеме или не, живееме во ерата на неподносливата просечност во која луѓето станаа брендови. Престанавме да бидеме човечки битија, хуманоста ја заменивме со индивидуалниот материјализам, себичноста ја избрка сомилоста, а алчноста ги замени свеста и одговорноста. Го поплукавме божјиот образ во нас, мразејќи го ближниот. За сè имаме оправдување, ама не сакаме да сносиме никаква одговорност. Го признавме нихилизмот за интелектуална религија, наспроти бесмртноста на нашата душа. А душата им ја продадовме на маркетингот и на пропагандата. Престанавме да бидеме луѓе, сега сме брендови. Светот околу нас повеќе не е светилиште во кое се грижиме едни за други, туку пазар во кој купуваме и продаваме едни од други. Секој од нас е бренд, подготвен за купопродажба. Се нудиме на пазарот како роба, а роб и роба се брат и сестра по суштина.
Не битисуваме, се нудиме себеси како бренд. Им се нудиме на работодавецот, на партијата, на пријателите, на семејството, на социјалните мрежи. Прашањето „што е суштината на ова или она?“, го заменивме со „каква корист од ова или она?“. Ако нема материјална корист тогаш тоа не вреди. Во трка сме со времето и парите, времето ни е бреме, а парите бог, па затоа заклучивме дека времето е пари. Се отуѓивме, ама затоа сега имаме цена. Вака „обновени“ и „пресоздадени“ го убивме духот, за да родиме бренд. Среде ваквиот „храбар“ нов свет, ја воспоставивме просечноста како општествен поредок, затоа што секој обид за просветлување и созерцание го руши пазарот каде што времето е пари. Кој отскокнува, треба да се закопа. Кој нурка длабоко, најдобро е да се удави.
Како станавме вакви? Нихилизмот, материјализмот и капитализмот ни станаа новото свето тројство. Ништо не постои надвор од Јас, тоа е нашиот нихилизам. Јас морам да имам, ете го материјализмот. Јас имам, ама сакам уште да земам, тоа е капитализмот. Ова тројство мораше да добие и свое оправдание. Така се сетивме на слободата, па ја заробивме во терминот либерализам. Бог ни даде слободна волја, ама ние рековме, Бог е мртов, сега имаме волја за моќ.
Кога Џорџ Орвел пишуваше „слободата е ропство“, „незнаењето е моќ“, а „војната е мир“, сакаше да го отслика тоталитаризмот како концепт, пред сè Сталиновиот тоталитаризам, ама ете, не можеше да знае дека овој концепт ќе го украде и либерализмот денеска. Либералниот тоталитаризам, како што вели Варуфакис.
Слободата е ропство. Одбиваме да прифатиме дека слободата е одговорност. Не прави му го на другиот, она што не сакаш тебе да ти го прават. Ова не ни се допадна. Затоа слободата ја мутиравме во себичност. Сега ѝ робуваме на сопствената слика за слободата во која ние сме ослободени од одговорност и можеме слободно да правиме што сакаме. Да газиме преку лешеви, на пример, за да ја оствариме сопствената цел.
Незнаењето е моќ. Како најлесно да го држиш човекот во незнаење за да ги практикуваш врз него сопствената страст за моќ? Ако му забраниш, ако на сила се обидуваш да му го оддалечиш знаењето, ете ден тој ќе се крене против тебе. Еден ќе се крене, друг по него, трет, четврти и ете ти буна, востание, револуција. Меката диктатура на либералниот капитализам се сети на нешто пооригинално и поефикасно. Фрли ја личноста во море од информации, во океан од секакви непотребни информации и остави ја да се удави таму. Многу е едноставно. Во морето информации секој мисли дека сè знае. Пофати малку од ова, земи малку од она, сега мислиш дека сè ти е познато, освен фактот дека ништо суштински не ти е јасно. Тоа ѝ треба на моќта. Те држи во незнаењето на умисленоста дека сè знаеш. Па може да ти продаде што сака.
Војната е мир. Зарем е потребно да го објаснувам ова? Зарем има војна што ја води „цивилизираниот“ либерален западен свет, а да не ни е рекламирана како војна за мир? Ирак, Авганистан, Југославија, Либија, Сирија… секаде сееја смрт во името на мирот. Го донесоа ли мирот? Сега му се спремаат на Иран, повторно на Балканот. За да имало мир. О да, тие се мирни само кога имаат каде да војуваат.
Човечката душа ја бара и плаче по бесмртната вистина. Ние се откажавме од душата третирајќи ја како пречка на телесните задоволства. Бесмртноста ја закопавме во ковчегот на гнилежниот материјализам. А вистината ја уништивме со пропаганда и маркетинг. Така го убивме човекот. Сега сме бренд (пакување со потреби), кој за време на своето опстојување на пазарот (животот) треба добро да се вмрежи во купопродажната општествена мрежа на просечноста (битисувањето). Затоа се распаѓаат сите видови заедништво: семејство, пријателства, општества, држави. Дај ми 500 евра плата и прави со мене што сакаш е суштината на нашата духовна пропаст.
Моќните го знаат тоа, архитектите на човечките души работеле на ова. Важно е да имаш паметен телефон, сега може да си комотен, а глуп. Брендираната просечност не трага по љубовта, чека хонорар. Ништо не вреди, ако нема цена. Жак Превер знаеше дека љубовта ја нема на пазар, ама па кој знае денес за Превер? Поважни се пазарната економија, Стив Џобс и Меѓународниот монетарен фонд. Љубовта веќе не е основната движечка животна сила, денес ние генетички го модифициравме Бога врз доларот и вештачки го оплодивме битисувањето по нашата мера за материјална удобност. Затоа, при очи слепи сме, не го гледаме создавањето на глобалистичкиот материјалистички тоталитаризам. А ако случајно го забележиме, ќе нè решат со 500 евра плата. Просечна.