Ако остатокот од европскиот континент реши да го следи примерот на Британија, ЕУ ќе се распадне. Стариот Континент ќе стане лесен плен за големите неевропски сили. Во најлош случај, Европа може да стане поле за пресметка на поголемите сили, Европејците повеќе нема да одлучуваат за својата иднина, односно судбината ќе им се решава на друго место
Преостануваат уште неколку месеци до формалното излегување на Британија од ЕУ. Досега дебатата за брегзит генерално се ограничуваше на економските услови. Ако Обединетото Кралство излезе од блокот без заеднички договор, штетата најверојатно ќе биде голема. Како што стојат нештата сега, таков договор сè уште не е постигнат.
„Тежок брегзит“ би значел дека на 29 март 2019 година ќе престане членството на Обединетото Кралство во сите европски договори, како што е царинската унија и единствениот пазар, но и во сите меѓународни трговски договори склучени од страна на ЕУ. Велика Британија ќе стане ништо друго освен трета страна со далекосежни последици за европската трговија и со хаос на нејзината граница.
Но брегзит исто така ќе има и далекосежни политички последици. Во однос на секојдневните активности, ЕУ во голема мера е замислена како еден заеднички пазар и царинска унија. Но во нејзината суштина станува збор за политички проект што се базира на една специфична идеја за европскиот систем на држави. Всушност брегзит е токму заради оваа идеја, а не заради економијата. Токму затоа одлуката на Обединетото Кралство да ја напушти ЕУ, со или без договор, ќе има огромно влијание на европскиот поредок од 21 век.
Малото мнозинство Британците што гласаа за брегзит на референдумот од 2016 година не беа загрижени за економската моќ, туку за целосното враќање на политичкиот суверенитет. Тие не го дефинираат суверенитетот според објективните факти за сегашноста или иднината на Британија, туку според минатото на државата како светска сила во 19 век. Но не е важно што Обединетото Кралство сега е средна европска сила со многу мали шанси некогаш пак да стане светски играч без разлика дали ќе биде во или надвор од ЕУ.
Ако другиот дел од континентот го следи британскиот пример и го избере 19 наместо 21 век, ЕУ ќе се распадне. Секоја држава ќе се врати на неефикасниот систем на суверени држави што се борат за доминација и постојано ги тестираат амбициите на другите.
Во вакви услови, европските држави нема да имаат реална моќ и засекогаш ќе бидат повлечени од светската сцена. Европа, која ќе биде растргната меѓу трансатлантските и евроазиските врски, ќе стане лесен плен за големите неевропски сили од 21 век. Во најлошото сценарио, Европа дури и може да стане поле за борбите на поголемите сили. Европејците повеќе нема да одлучуваат за нивната иднина, а нивната судбина ќе се решава на друго место.
Стариот, ослабен европски поредок од 19 век првично се појави како резултат на Триесетгодишната војна (1618 – 1648 г.). Средновековниот систем што му претходеше, базиран на црквата и империјата, исчезна за време на Реформацијата. По неколку последователни верски војни и создавањето моќни територијални сили, тој беше заменет од страна на Вестфалскиот систем на суверени држави.
Во текот на наредните неколку века, Европа владееше со светот, а самата Британија беше доминантна европска сила. Сепак Вестфалскиот систем го уништија две светски војни на почетокот од 20 век, а двете беа всушност европски војни за светска доминација.
Кога заврши војната во 1945 година, Европејците, па дури и победничките европски сојузници, всушност го загубија нивниот суверенитет. Вестфалскиот систем беше заменет со биполарниот поредок на Студената војна, додека суверенитетот остана кај двете неевропски нуклеарни држави: САД и Русија.
ЕУ беше замислена како обид на мирен начин да се врати европскиот суверенитет преку комбинирање на националните интереси на европските држави. Целта на овие напори отсекогаш беше да се спречи враќањето на стариот систем на ривалство меѓу силите, реципрочните сојузи и хегемонското намерно напаѓање. Клучот за успехот беше континентален систем што ќе се базира на економската, политичката и правната интеграција.
Брегзит јасно ги прикажа материјалните последици на ова ниво на интеграција. За време на преговорите на Обединетото Кралство со ЕУ, се појави стариот проблем, а тоа е ирското прашање. Кога Република Ирска и Обединетото Кралство станаа дел од ЕУ, исчезна потребата за обединување на Ирска, а можеше да се стави крај и на долгогодишната војна меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска. Практичната реалност на европската интеграција значеше дека повеќе не е важно на која држава ѝ припаѓа Северна Ирска. Но бидејќи брегзит сега ќе ја врати историјата, нејзините сеништа се закануваат да се вратат.
Европејците треба внимателно да го следат ирското прашање, затоа што постои уште поголема можност повторно да избијат таквите конфликти на континентот. Сега се формира нов светски поредок и ќе биде заснован на Пацификот, а не на Атлантикот. Европа има една и единствена шанса да ја реши оваа историска транзиција. Старите европски држави-нации нема да имаат шанси во новиот натпревар, освен ако не се обединети. Дури и во тој случај, за да се постигне европскиот суверенитет ќе биде потребен огромен и концентриран напор на политичка волја и остроумност.
Копнежот по славното минато е последното нешто што ќе им помогне на Европејците да се соочат со предизвикот. Минатото по својата природа е завршено. Со или без Обединетото Кралство, Европа мора да ѝ се посвети на својата иднина.
Авторот е бивш вицеканцелар и министер за надворешни работи на Германија од редовите на зелените